Skip to content


На другата страна од интернетот

Сподели

Во оваа 2012 година веќе научивме дека сме од поодамна зацапани во дигиталната револуција, дека светот станува се поповрзан, технологијата навлегува во сите пори од нашето живеење, интернетот е од поодамна доминантно место не само за комуникација, туку и за деловно работење, рекламирање и водење политика. Во комуникологијата обично се вели дека старите медиуми не изумираат, туку остануваат да опстојуваат на различен начин. Некои се прилагодуваат, некои прифаќаат дел од новите техники и технологии, некои добиваат носталгично место во нашите животи и така редум. Печатот можеби не е доминантен медим во дневната соба, но можеби повеќе го читаме на работа. Радиото станува омилен медиум во нашите автомобили, телевизијата се дигитализира, а телевизорите се и на прагот да станат последната технологија која ќе го добие префиксот смарт.

Сето ова е интересно и возбудливо, но што се случува со оние меѓу нас кои и не се така ентузијастични да ги јаваат брановите на овие револуционерни процеси? Тој свет е многу интересен, на свој начин, откачен во поинаква смисла од интернет откаченоста, та да фрлиме малку поглед, белким може нешто и да научиме од него. Еве неколку импресии од секојдневието на оние кои не сурфаат:

Контактните емисии се нивен твитер

Дали е тоа Здраво Македонијо, Бумбар, Овде и(ли) сега, Јади бурек, за неинтернетџијата од Македонија овие емисии се неговиот комуникациски канал да му прати на светот куси пораки за кои ние обично го користиме Твитер. Не се ограничени на 140 знаци, но сепак се ограничени малку поинаку: некогаш од темата, некогаш од водителот, а некогаш и од погодноста на тоа што го зборуваат. Си имаат и reply (да му одговорам на претходниот гледач), old RT со коментар (како што кажа претходниот гледач), нов RT (наполно се согласувам со госпон Петко за ова со Грците), favorite опции (бело бумбарче) и така натаму. Со вакви програми овие уважени сограѓани чувствуваат дека не пропуштаат многу од светот качен на интернет.

Сапуниците се нивни социјални мрежи

Сапуниците се основно средство за вмрежување на овој дел од пучанството: без изгледана серија просто не можете да се „логирате” во овој свет: сериите се менуваат, но принципите остануваат: дали ќе ѝ прости, чиво е бебето, што ќе смисли мајка му да ја спречи венчавката, кој кому е татко, брат, мајка, сестра, каква тајна крие градинарот или слугинката, и така во бескрај. Муабетите разврзани од овие содржини се самата платформа за социјализацiја од кафе пиење до рандом муабети во автобус.

Вестите сé уште се врвот

Гледање вест сé уште е врвот на граѓанското учество во јавните работи. Кому му треба интернет со вести на секој саат? Поискусните ги знаат термините од 9 сабајле, па до полноќ. Со добро пилотирање на далечинскиот, ниту една вест не може да помине нерегистрирана! Сега, заради оваа нанаситност од гледање вести, овие корисници имаат тенденција да ги монополизираат домашните телевизори и со тоа да предизвикуваат конфликти со останатите домашни (обично се манифестира со држење на далечинско цело време). Свесни за овие практикалии, нашите телевизии успеваат да најдат начини како да зберат што поголем број гледачи.

Еве на пример МТВ покрај програмата што оди, паралелно пуштаат скролови со различни информации за тоа што прави Владата, министрите, и слично, што им овозможува на домашните да погледнат некој филм додека дедото на пример, ја добива својата редовна доза информации. Или пак последниот тренд, спојување вести и сапуници: дедото гледа вести и оп, свадба среде вести, па трчаат сите да видат кој кого ќе побара за жена, дали некој јавно ќе раскине некому, дали ќе пукне абер кој со кого се швалерисува, кој кого повеќе ќе исплука на прес и други си креативни форми на хибридизација на тв жанрови.

Риалити шоуа се нивниот Youtube

И конечно, шоќетие Youtube со толку реални шоуа на нашите медиуими (башка мачки и кучиња можеш да гледаш колку сакаш кај Мелита)? Зарем ти фали нешто по гледањето на Големиот брат, Фарма, Прељубници, Превари, Моменти на вистината? Секако не. Доживеалиците и скандалите од овие програми, провокациите и скокоткањето на сите сетила и играње со моралните вредности се повеќе од доволни за да никогаш не посакате нешто поразлично (а подобро секако нема).

Категории: local, Media, social media, Society.

Тагови: , , , , , , , , .


Google со ширум отворени уши за критики

Сподели

Налетав на еден многу интересен пост кој опишува случка од минатиот месец на Твитер кога еден од поинтересните твитераши професионалци за оптимизација за интернет пребарувачи кој го следам, јавно упатил критика за начинот на кој Google ги рекламира своите сервиси.

Инаку Ани по потекло е Шпанец, па затоа се сретнал со оваа реклама на Google. Имено, критиката доаѓа од таму што веројатно секој што се занимава со оптимизација за интернет пребарувачи би се нашол навреден од содржината на рекламата. Професионалците мака мачат да ги убедат своите клиенти во одржување и прифаќање на долгорочна стратегија за успешно присуство на Интернет, каде еден од главните судии за успехот е токму Google. По толку труд и работа се наоѓаат во ситуација каде самиот Google им ги саботира напорите со цел да заработи што повеќе пари од своите сервиси, во случајов AdWords.

Другата страна на толкување на критиката е погрешно наведување на публиката која пребарува. Ако одреден корисник пребарува по клучен збор “SEO”, тогаш реклама за “PPC” и Adwords не е вистинскиот резултат кој сака да го добие. Особено кога содржината на рекламата го едуцира дека “SEO” му е непотребно во работата за да биде успешен при рангирањето во резултатите на Google. Двете техники треба да работат заедно за да се оствари поуспешно присуство на Интернет, но не и по цена да се наведуваат корисниците кон страници што не им се од примарна важност во моментот на пребарувањето. За да биде трагедијата уште поголема во рекламата (која оригинално е на шпански јазик) има печатна грешка во еден од зборовите, што повторно го наведе Ани да критикува.

Понатаму, бидејќи Ани е влијателен твитераш во темата за оптимизација, неговиот твит скоро инстантно засегнал и други твитераши, па многу од нив почнаа директно да го пингаат Matt Cutts, изразувајќи незадоволство од овој потег на Google и од содржината на рекламата. Публиката отиде и до таму што компании почнале да му нудат пакети и услуги за оптимизација директно на Matt.

Обично при вакви ситуации твитерашите се немилосрдни и многу критички настроени, па најчесто компаниите не знаат да се извлечат од ваква несакана ситуација. Но во случајов зборуваме за професионалци кои му дишат на бизнисот во врат и поминале многу понемилосрдни ситуации за да стигнат до местото каде што се сега. Очекувано Matt Cutts, на нивото на професионалност кое што се очекува од него, изреагирал на вистинскиот начин и го споделил својот личен став кон корисниците вклучени во оваа комуникација.

Она што е уште поважно е што скоро инстантно реагирал внатрешно во својата компанија за поправање на ситуацијата.

Од една скоро ужасна ситуација Google нормално извлекува заслуги за себе, бидејќи неговите претставници добро знаат што значи да се комуницира со онлајн публиката на вистински начин. Иако се работи за Google, па каков и да беше исходот од ситуацијава немаше да влијае многу на нивната работа, сепак да се биде толку голем и успешен создава и одговорност да се постапи на вистинскиот начин и да се биде пример за другите компании кои допрва го одат тој пат.

Една недела подоцна рекламите со спорна содржина од Google се тргнати, иако Google останува на одлуката да го рекламира “Adwords” на клучен збор “SEO”. Сепак содржината за новите реклами е едукативна и прифатлива, па може да се каже дека корисниците кои пребаруваат нема да бидат наведени кон погрешни страници.

Поука од оваа ситуација е дека треба да се осмелиме да комуницираме со луѓето од големите брендови и да ги кажеме нашите интереси, мислења и критики. Оние кои навистина си ја знаат работата и кои навистина се грижат за своите корисници ќе знаат да ги ценат нашите поплаки и да ги искористат на прав начин. Она што е уште поважно е дека тие се достапни за непосредна комуникација со своите корисници и сакаат да комуницираат со истите на социјалните медиуми.

Категории: marketing, SEM, SEO, social media.

Тагови: , , , , , , , , , .


[подкаст с2-е16] Една година Групер.мк

Сподели

Play

Се вративме од зимскиот сон со нова епизода од втората сезона на комуникации.нет подкасотот. Во оваа епизода скоро цел час ги прашувавме разни прашања Нина и Мартин од Групер. И покрај тоа што не очекувавме, тие одговорија на сите, беа фер и транспарентнии споделија многу бројки, статистики, искуства и совети за позитивни и негативни ситуации со кои се соочувале изминатата година.

Преслушај го подкастот, навистина има што да се научи од Вебспот, фирмата која стои за Групер.

Категории: podcast.


Ако социјалните медиуми беа уредник, ова ќе беа топ вестите во 2011 [инфографик]

Сподели

Ако добро гледам инфографиков е направен врз основа на статистика за Америка, а не за целиот свет, што малку ме става со помирна совест. Не заради друго, туку заради паралелата со статистиката за најсподелувани вести кои ја извадија самите Facebook на пример :). Како и да е, според стастиката главни настани во 2011 биле они кои ги вклучуваат Бионсе, Џастин Бибер и Чарли Шин. Погледнете.

2011 in review infographic

Source: http://frugaldad.com

Категории: New media, News, online, Society, twittersphere.


Facebook и Twitter надвор од Google Analytics Social Hub

Сподели

Веројатно веќе сте слушнале или сте прочитале дека Google го најави својот Social Hub преку кој ќе настојува да спроведе некакви метрики и статистики од социјалните медиуми директно во Google Analytics.

Social Data Hub на Google ќе им овозможи на маркетерите да ја видат големата слика за тоа како социјалните медиуми навистина влијаат врз брендовите, а најважно од се ќе им помогне да разберат како активностите на социјалните медиуми доведуваат до враќање на инвестициите (ROI) преку креирање квалитетна содржина.

Веќе 12 социјални медиуми, вклучувајќи страници за вмрежување и обележувачи, се вклучија во Social Data Hub на Google и ги споделуваат со него статистиките и метриките како на пример +1, гласања, коментари и сл.

 

Social Data Hub на Google очекуваме да биде достапен скоро. Она што е интересно е што за најголемите и највлијателни социјални мрежи, Facebook, Twitter, LinkedIn и Youtube сеуште нема најави дека ќе ги стават на располагање своите статистики на Google.

Google ќе мора да се потруди да ги убеди овие социјални мрежи да ги споделат своите статистики и да се вклучат во Social Data Hub доколку сака да понуди извештаи кои ќе бидат од корист на маркетерите. Метрики од социјалните медиуми во кои отсуствуваат бројки од Facebook и Твитер, би дошло исто како мерење на оптимизација на вашата страница без да го анализирате Google.

Дискутабилно е дали Facebook некогаш ќе се одлучат да се вклучат во Social Data Hub. Сепак за другите социјални платформи, вклучувањето има некои посебни предности. Тие имаат можност ја докажат својата вредност преку партнерството со едно од најквалитетните и најмасовните решенија на интернет способно за обезбедување на реално споредбени податоци за ефикасноста на социјалните канали. Маркетерите имаат можност на иста платформа да ги споредат резултатите и да следат кој канал им обезбедува најквалитено присуство.

Меѓутоа во отсуство на статистики за највлијателните социјални мрежи на нашиот пазар, прашање е колку Social Data Hub е корисен за вашите бизниси.

Што мислите, колку време ќе им треба на Google да ги придобијат најголемите социјални мрежи и да се вклучат во овој систем?

Категории: marketing, New media, social media.

Тагови: , , , , , , , , .