Media & Marketing Blog

4 дигитални трендови за 2015

Текстов оригинално е објавен во месечникот Економија и бизнис. Благодарност до екипата таму која се согласи да го објавам текстот и на блог. Патем, имате препорака да си се претплатите на месечников, ретко место каде има што квалитетно да се прочита. Да, пишувам таму неколку месеци, ама препораката не е заради тоа.

digital-2015-trends

Крајот на годината е период кога сите се обидуваат да направат некој тип ретроспектива или предвидување на она што не очекува следната година. Веќе неколку недели на интернет сите посериозни и не толку сериозни сајтови, блогови и сл. ги објавуваат своите предвидувања. Како и секогаш, некои се скроз очигледни, некои се похрабри во своите предвидувања, но секогаш е интересно да се прочитаат и особено интересно за мене е да се стават во некој колку-толку локален контекст.

За Македонија и локалниот пазар да се прават предвидувања, ми се чини е за нијанса полесно затоа што како и за ред други работи не се очекува ни во полето за дигитален маркетинг да измислиме „топла вода”, туку да прифатиме и адаптираме нешто што светот веќе го прави. Но, и покрај тоа што задачата можеби изгледа полесна сепак си носи свој предизвик. Веќе неколку недели, или поточно откако заврши конференцијата за интернет маркетинг AllWeb, интензивно размислувам за тоа што може да очекуваме на нашиот дигитален пазар следната година. Се одлучив за неколку трендови, се разбира… ако згрешам, не сакам да изгорам :).

1. Фокус на корисничкото искуство

Во маркетинг теоријата, а секако и во праксата ова не е ништо ново. Со години наназад се зборува и поставува маркетинг комуникацијата така што во средина секогаш најважна улога има самиот потрошувач. Но, денес во дигиталнава ера овој пристап станува клучен, и станува неопходен да го знаат скоро сите вработени во една компанија, не само маркетинг или ПР луѓето. Поставувањето на корисникот на пиедестал и промената на внатрешните процеси на функционирање во одредена компанија е повеќе од промена на размислувањето, тоа е основно, но потоа следат промени во начините на работење. Токму тоа очекувам интензивно да почне да се случува во нашите големи и средни компании. Очекувам да се постават повеќе и побрзи процедури за пренесување на фидбекот од корисниците на социјалните медиуми до сите засегнати вработени во компанијата и секако тоа да резултира со адаптација на понудата, услужливоста и секако односнот кон самите корисници.

Не е ова прмена која се случува преку преку ноќ, веќе оваа промена може јасно да се посведочи кај дел од компаниите, но очекувам 2015 да добие зголемен интензитет што секако ќе се одрази позитивно врз крајните корисници.

2. Повеќе вработени во секторот за маркетинг со фокус на дигитал

Во регионот ова започна да се случува во текот на оваа година, па за очекување е да се интензивира и кај нас во текот на 2015. Овој тренд всушност претставува преземање на работите повеќе во свои раце од страна на компаниите. Веќе се појавуваат, особено во средните и малите претпријатија вработени кои покрај, општо маркетинг, добиваат и конкретни задолженија за дигиталните комуникации. Па така, се повеќе гледаме вработени кои самите се грижат за ажурирање на вебсајтот на компанијата, за испраќање на меил кампањи и особено за одржување на комуникацијата на социјалните медиуми. Нема дискусија дека најквалитено може да се пристапи на овој предизвик со сопствен капацитет, но и тука имаше до скоро а и сеуште има серија предизвици. Македонија не изобилува со многу искусни професионалци во сферата на дигиталниот маркетинг, па оттаму и не е секогаш лесно да се најдат соодветни луѓе кои ќе ги преземат и овие одговорности, ова особено не можеше толку брзо да се случи како промена онаму каде веќе позициите ги држеа постари вработени кои одбиваа или уште одбиваат да го надградат своето знаење во доменот на дигиталните медиуми, особено социјалните.

Преземањето на директна контрола е условено од повеќе фактори. Прво тоа подразбира комплетна, и директна конрола на буџетите за огласување на социјалните медиуми и секако директна комуникација со корисниците. Важни се буџетите заради тоа што тие во основа се мали и нема простор да се прави екстра трошок за надворешни соработници кои за да бидат ефективни мора треба тесно да се врзуваат со содржината која се објавува. Второ, транспарентноста и флексибилноста најдиректно ќе се променат ако се осетат на своја кожа.

Секако ова не значи дека треба компаниите да заборават на каква било поддршка од професионалците, сепак сферата е многу динамична и континуирано се потребни свежи очи и знаење, па затоа и покрај тоа што сметам дека градење на сопствен тим е важна работа за напредок, исто така сметам дека и работа со консултанти, агенции и сл. е еднакво важна за да не се изгуби допир со пазарната реалноста која не опкружува.

3. Facebook ќе се плаќа, Twitter е новото елдорадо

Веќе гледаме дека се поголем број компании Facebook си го прифатија како телевизија, стартуваш нова кампања или нов производ, фрлаш куп пари за огласување и мирно спиеш. Facebook очигледно успеа да ги научи компаниите дека ако не платат, ништо нема да добијат таму. Трошење пари на Facebook стана редовна ставка на секој маркетинг буџет, ставка која очекувам многу да расте во 2015. Тоа и не е толку лошо само по себе, лошото е што сега уште помалку ќе се трудат компаниите да произведат квалитетна содржина која ќе отвара комуникација со корисниците. Некако прекратко ни траеше тој период кога требаше да се трудиме, а судејќи според истражувањето на Агенцијата Рејтинг, објавено на конференцијата AllWeb, изгледа дека компаниите и воопшто не стигнале до фаза каде се трудат да креираат подобра, поквалитетн и посоодветна содржина која ќе предизвика интеракции. 2015 ќе биде година кога ќе треба да се помириме дека тоа можеби и нема толку масовно да се случува, најголем дел ќе си плаќаат за да ги гледаат а помал дел ќе се трудат да произведат и т.н. engagign содржина, и тоа е тоа.

Од друга страна, се отвора нов пазар. Twitter веќе станува мејнстрим, можеби по бројки уште е далеку од Facebook но по галамата која ја создава и особено по видливоста 2015 Twitter може да добие и примарен фокус кај повеќе компании. Секако, комуникацијата таму е потешка, но кога веќе има масовна публика, тенденцијата е побрзо и да се забораваат убавите и неубавите работи кои се случиле во минатото, па компаниите ќе се охрабрат повеќе да си „играат” со твитерџиите.

Очекувајте многу компаниски твитапи, средби, дружења, промоции кои нема да имаат баш премногу суштина зад себе туку повеќе ќе бидат фокусирани на дигање галама за една вечер. За жал, кај нас нема „селебрити” во вистинската смисла на зборот па не може да предвидуваме дека и тие ќе бидат еден дел од трендот кој ќе го направи твитер попопуларен, но од од друга страна па и на политичарите изгледа не им е веќе интересен, па барем ќе имаме канал за комуникација каде ќе бидеме малку пораат од тоа, а не дека нема да се прави муабет за политика, тоа е неизбежно.

4. Стратегија за мобилни корисници

Во светот за т.н. mobile first стратегија се зборува неколку години, всушност таа во голема мера е веќе и реалност. Мобилните уреди, паметни телефони и таблети на големо доминираат во нашите домови, на работа и секаде каде одиме. Социјалните медиуми во најголема мера ги „конзумираме” во движење, во автобус, во кола, на улица, во кафич, дискотека, кино… секаде, и каде трба и каде не треба.

Сето тоа го менува нашето корисничко искуство, го менува начинот на кој ја гледаме и читаме содржината и најважно го менува начинот на кој имаме каква и да е интеракција со содржината. И тука се менуваат работите од корен. Се менува врмето кое го посветуавме за една содржина, се менува начинот на кој ја споделуваме содржината, се менува типот на содржина која добива приоритет.

Ова значи дека и комапниите мора да го имаат ова предвид при креирање на своите стратегии, при дефинирање на своите пораки и секако при планирање на очеквуањата од својата публика. Банките веќе имаат свои мобилни апликации, оваа година видовме и одлична апликација за е-трговија од Групер, но тоа се само предвесници за бранот проемни кои ќе ги гледаме во 2015.

Продажбата на таблети не запира, тие се новите домашни компјутери, најчесто по дома нив ги користат и децата, а за нив сеуште нема соодветна содржина на македонски. Дополнително, комплетното фокусирање на самиот Facebook кон мобилното искуство ќе ги натера компаниите да заборават на калсичните наградни игри во Facebook таб, а тоа значи дека ќе мора да се потрудат повеќе или со микросајтови подобни за отварање и користење на мобилни уреди или со апликации. Едно е сигурно, социјалните мрежи и податоците таму ќе станат позадински слој на многу сајтови, апликации, игри и сервиси кои ги ќе ги нудат брендовите.

Можеби и не бев премногу футуристичен во предвидувањето на трендовите, но секогаш сум се трудел да бидам реалистичен и да го истакнам очегледното, пред се заради тоа што она што е очигледно за дел од нас не е толку очигледно за сите а еднакво им е потребно на сите да потврдат каде треба да се фокусираат во блиска иднина.

Секако, попат ќе има многу шокови и изненадувања, но и покрај тоа што дигиталната индустрија се движи брзо, сепак може и треба да се трудиме да ги детектираме трендовите, да ги имаме на ум и ако се укаже шанса да ги следиме најпрофесионално што можеме.

Среќна и успешна нова 2015!