Media & Marketing Blog

Весник за весниците, вести за вестите

Во неколку преписки и разговори францускиот книжевник Алберт Ками (Albert Camus) им се обраќа на своите пријатели со идеја да почне да печати весник. Но, според неговите планови, тој весник никако не би бил како вообичаените печатени весници од неговото време.

Според идеите на Ками, овој весник би излегувал неколку часа откако во продажба ќе отидат сите други весници и би пишувал за самите весници, за што тие пишуваат, како пишуваат, кој новинар со каква агенда ја напишал својата најнова статија, додека самата редакција според утврдени формули би пресметувала процент на вистина во самите весници.

Изгледа помалку наивно од оваа перспектива, но самата идеја доловува една тема кој е важна во извонредна смисла и во нашиве транзициско-интегративни времиња. Никој повеќе не ги анализира медиумите на дневна, содржајна, свежа форма, на оној начин кој ќе ви помогне да ги декодирате спиновите, дезинформациите, шпекулациите, л’жгите, клеветењето и слични доминирачки аномалии на нашиот медиумско-комуникациски систем.

Новинарите не го прават тоа, мошне ретко, од јасна причина што не сакаат да ги откриваат „дриблинзите“ на својата професија, академско-интелектуалната елита има побитни работи од ова (на пример тезгарење по разни факултети), влијанието на регулаторите се сведува на формални соопштенија, апели и слично. Тука некаде завршува приказната. Тук и там ќе се појави по некој научен труд, но прилично застрен во однос на својата актуелност, и тоа е тоа. Сите знаеме деке крупни работи не се во ред, сите сме скептици, но на содржинско ниво на дневен план сѐ останува на истото.

Свеста за медиумско образование во едукативниот систем се развива пребавно.

Во земји како нашава идејата на Ками би била извонредно решение, како крајна мера и очајнички обид да се раздвижи критичката свест на јавноста.

За среќа новите медиуми и платформи им даваат на самите корисници и простор и поттик да го прават тоа неформално, и може да се каже дека на тој план нештата се најразвиени и најсветски, ако сакате.

2 коментари на “Весник за весниците, вести за вестите”

  1. darko156

    Абе идејата не е лоша, ама веројатно пак ние би мрчеле кога би се појавило вакво нешто. Едноставно претешко е да се анализира квалитетно на дневна база.

    Квалитетот си бара и време и издржаност. Или ќе имаш инстант експерти (а нив ги има и сега) или ќе има досадни професори кои ќе зборат стари работи.

Коментарите се затворени.