Media & Marketing Blog

Твитам професионално, твитам страсно

Чувам едно десетина отворени табови во Лисицава од лани. Никако да најдам време и прикладна структура за пост кој ќе чепне под површината на уште еден „феномен” на социјалните медиуми. Да, де за Twitter мислам, нели од насловот се гледа.

Структура некоја посебна за постов повторно не смислив, па затоа ќе нафрлам некои работи така групирани по малку.

Твитер е крајно едноставен сервис а сепак кога некој ќе ме праша што е тоа или кога ќе ми рече: ја не го контам, тешко ми е вака на суво да му појаснам каде е штосот и за што служи. И насловот кажува, твитам и во свое име и професионално. Можам да почнам да набројувам еден куп алатки и примени на Твитер, ама ако не си влезен во филмот ништо нема да ти има логика.

А колку тоа Македонци се влезени во филмот?

Според некои груби Google пребарувања дополнети со некои Твитер сервиси излегува дека нема повеќе од 200 македонски твитери. Од нив од прилика половина не се активни што значи бројката може да се заокружи на оптимистички 100-тина активни мк-витери. Ако грешам, или ако имаш подобра статистика, сподели, ќе преправам.

Добро, тие се оние што знаат што е сервисов и што може. Ајде малку за оние кои не одвоиле некоја минута повеќе за да му влезат во шема.

Што е Твитер?

Тоа е сервис кој овозможува брзо објавување на куси пораки (скоро како смс пораки). Овие пораки ги читаат оние корисници кои одлучиле да те читаат. Може да објавувате пораки од преку нивниот сајт, преку некој трет сервис, но и од мобилен. И толку.

Е, ама откако ќе напишеш нешто, конверзацијта започнува. Споделувањето исто така. Твојот твитер ѕид се претвора во групен чет прозорец на кој поголем број корисници дискутираат, разменуваат, се надополнуваат, истражуваат и ред други работи.

Ако ова не е доволно прочитај го текстот објавен кон крајот на јули 2008 во Нова Македонија: Сите на „Твитер“! или оној на It.com.mk: Twitter целосен водич (задолжително).

Не звучи прифатливо?

Ајде по ред. Многумина ми рекле, „А бе знам што е, ама не се наоѓам јас таму. Не гледам фајде. Идиотски ми е“. За сите нив еве една неизбежна листа 🙂 по урнек на 5-те фази на блогирањето, еве 5 фази на прифаќање на Твитер.

Да бидам искрен и јас додека немаше локалци на сервисов ич не му посветував време. Не ми беше интересен зошто немаше со кога да тераш муабет. Сега е друго. Главната мотивација е тука, има локални дискусии, но од друга страна пак сега кога сервисов ми влезе во дневната рутина следам и еден куп други луѓе. Луѓе кои можам брзо и лесно да ги следам, што тие читаат, работат, препорачуваат и сл. Истите тие можам многу лесно и брзо да ги искомуницирам. Верувај, на меил веќе скоро никој и да не одговара.

Зошто Твитер?

Хм, ич не ми се одговара на прашањево. Секогаш кога зборувам за некој сервис се обидувам да кажам што може и за што најчесто јас го користам, ич не сакам да предодредувам зошто некој би требало или не би требало да го користи. Мислам дека е подобро секој да си најде своја мотивација и употребна вредност во секој сервис, не само Твитер. Само така ќе почувствува реална потреба да го користи.

Башка, фино си ја сработи таа тема Дамјан на It.com.mk. Еве извадоци од таму, ама не заборавај да кликнеш и да прочиташ: Зошто Twitter?

– За да се поврзам со луѓе со слични интереси, да разменуваме идеи и да следам се она што се случува во светот денес. – Димитар

– Го користам Twitter за брза размена на куси пораки и идеи, оставање по некој корисен линк и пренесување на впечатоци од одредени настани во живо. – Сеад

– Користам Twitter секој ден затоа што е пасивна форма на ИМ – во контакт си, но немораш да седиш пред ПЦ цело време. – Мартин

Ако ова не е доволно, а верувај не е доволно, трк кај Jey Rosen кој собира одговори на ова прашање за да напише текст за Твитер: Help Me Explain Twitter to Eggheads

Омилени Твитери?

Секако ова е личен избор, резултат на моите критериуми. Ги сакам твитовите на Howard Rheingold, Jeton, Владо, Сеад и уште некои.

А ти? Твиташ? Зошто (да)/ (не)? Кои се твоите омилени твитери?

12 коментари на “Твитам професионално, твитам страсно”

  1. Jeton

    Морам и јас да признам дека овие 1-2 месеци локалциве станна поактивни, и секако дискусијата станува поактивна.

    Твитам затоа што ми помага да се изразувам, да споделам знаење, информации, да барам помош (се надевам некој ден да најдам работа фала на твитер- е тоа ќе биде сторија!) 🙂

    Вреди да са спомене дека со зголемувањето на followers размислувам пред да твитам нешто.

    Ми се допаѓаат:(хммм, најпосле може да ја користам ова опција на твитер!) Twitter Favorites. 😉
    http://twitter.com/jeton/favorites

    P.S. Фала за споменувањето, сигурно сега следи Дарко ефектот, и ќе се зголеми бројот на следувачи (следбеници?!) 🙂

  2. Анастас

    добри се петте фази, скроз се пронајдов.

    моеш да вииш, кај мене на блог, најгоре во сајдбарот ми иде фид од твитерот сеа.

  3. Darko Buldioski

    @Јетон се надевам деак ќе имама таков ефект 🙂

    @Анастас, ние сме уште олд скул, не сем ставиле таково нешто, ама ќе биде 😉

  4. Јофе

    Баш вчера завчера се заинтересирав за сервисов, побарав по интернет на англиски, прочитав (не знаев дека имало нешо на мк пишано) и си викам ај ќе си напрам акаунт, и си напрајв, и одам на тоа find people, пишам е-маил што го користам за мсн, од 400 контакти никој на твитер, и за кого ќе твитам? 😛

    Рано му е кај нас… гледам вие поактивните блогери си пишувате само, други пообични да ги наречам корисници тешко дека има.

    Дотогаш солидна замена на твитер е статусот на фејсбук 🙂

  5. darko156

    @јофе погрешни луѓе имаш во маил сандачето :)))))))))

  6. Јофе

    Тоа ќе да е 😛

    Од 200 македонски твитери како еден не се погоди во моето сандаче… :ептен_тажна_фаца:

  7. Miladin

    Можам гордо да кажам дека сум еден од првите македонски твитераши 🙂

    Мојот прв твит датира од 18:28 21 Март, 2007 🙂

    Сакам да кажам дека ептен сега има многу Македонци таму и неможам да се држам во тек со настаните и дискусиите, а и некако досадно ми станува во последно време…

    Не викам дека ако нема Македонци ќе биде подобро, само јас треба да си го намалам бројот на следени — иако тешко дека ќе го сторам тоа.

  8. DEJAN

    Sto mislite dokolku bi imalo slicna strana na tviter dali bi imalo posetenost…dovolna za da se zarabotuva po nesto?

  9. Darko Buldioski

    @DEJAN twitter.com сеуште не заработива. од што би заработувал локален сервис? имаш идеја?

Коментарите се затворени.