Media & Marketing Blog

Медиумски промени кои милуваме да ги игнорираме

Динамичните промени на комуницирањето и медиумите влијаат интензивно на нашето секојдневие, но промените во нашите сфаќања за тој процес одат далеку побавно. Во прилог на тоа неколку медиумски труизми кои милуваме да ги игнорираме:

Новинарите не се четврта власт

Поради промените во структурата на протокот на информации, од „еден-кон-многу“ во „секој-кон-секого“, менаџирањето на јавните информации повеќе не е функција, или привилегија, само на новинарите. Тие од општествена група која има овластувања, средства и знаења да собира и дистрибуира информации, постапно станаа еден од неколкуте позначајни фактори во процесот на креирање и ширење информации.

Новинарите го загубија приматот во процесот на собирање и креирање информации, така што нивната улога од „примарни собирачи и толкувачи на информациите“, се промени во „учесници на динамичниот пазар на информации“. Новинарите ја задржуваат позицијата на најподготвени учесници во овој пазарен натпревар, но нивните досегашни предности често се поништени поради брзината на протокот на информации и големата обезвреденост на информациите (најмногу поради фактот што се лесно достапни насекаде). На тој начин нивната позиција е поткопана, а јавноста или не ја препознава или не ѝ придава доволно значење на професионалната новинарска информација.

Исто така, досегашната позиција на новинарството како носител на значајна општествена моќ, т.н. инсајдерската позиција кон политичките и економските моќници, сè повеќе ослабнува. Политичките и комерцијални субјекти ги префрлаат овие функции од медиумите во специјализирани и лесно контролирани агенции за односи со јавноста, или пак низ директна комуникација со што новинарите се поттурнати од своите привилегирани позиции. Нивната позиција е трансформирана во борба да станат прикриени политички или економски пиар играчи.

Медиумите немаат контролна улога

Улогата на медиумите во генерирањето на општествена моќ и власт и понатаму е клучна, но новинарите во голема мера се обезмоќени сами да носат одлуки во овој процес. Одлучувањето е префрлено надвор од уредничките раце, а копирањето и репроцесирањето на сервирани информации станува доминантен модел во нивната работа. На тој начин новинарите наместо да ѝ помагаат на јавноста да ги надгледуваат и контролираат носителите на одлуки, медиумите стануваат предмет на контрола на моќниците и средство за пропаганда. Ваквиот драматичен пад на угледот на медиумите се вклопува во постмодерните трендови на изразен скептицизам и губење верба дека пронаоѓањето на вистината е воопшто можна. Од прокламираната позиција на глас на народот, медиумите стануваат глас на моќниците.

Единствен чекор кој може да придонесе за рехабилитација на новинарството е преземањето поактивна улога на новинарите како професионални комуникатори кои им даваат смисла и поширок контекст на брзите и пристрасните информации. Втор важен аспект во оваа смисла на рехабилитација е нивното нужно одвојување од професионалните пиар комуникатори на политичките и економските субјекти. Политичкото пиар делување директно ги поткопува нивните позиции како релевантен глас во општеството.

Јавноста повеќе не е маса, туку е мрежа

Во дигиталната комуникациска ера настанаа крупни промени на начините како се оформува јавното мислење. Процесот на негово создавање сега е децентрализирано и дифузирано, така што покрај масовните медиуми, сега креирањето на јавното мислење вклучува разни нови форми и платформи на електронска и мобилна комуникација, интернетот, социјалните мрежи и редица други.

Јавноста, која претходно беше пасивно и аморфно мнозинство кое ги апсорбира информациите од медиумите и креаторите на јавното мислење, се трансформира во сложена мрежа на поединци и групи поврзани на различни нивоа. Овие нови чинители во процесот на јавното мислење се своевидни клучки во протокот на информациите, кои примаат, преработуваат, насочуваат и го забрзуваат проток на информации низ комуникациската мрежа. Комуникациските врски се оформуваат, засилуваат или прекинуваат во динамичен процес. Клучната одлика на ваквата комуникациска мрежа е тоа што протокот на информации сега е повеќенасочен, додека сите активни чинители имаат можност рамномерно да примаат, креираат и дистрибуираат информации. Професионалните медиуми го задржуваат приматот на главни генератори на содржини, но во голема мера ја загубија улогата на т.н. „gate-keepers“, односно филтри за информациите кои се уфрлаат или исфрлаат од комуникациската мрежа.

Информирањето е интерактивна игра

Една од клучните промени во новото информациско доба е изменетиот начин на кој бараме, примаме и ги користиме информациите. Информациите сфатени како јавно и општо добро кое се дифузира во комуникациската заедница заради јавно информирање и едукација, како и овозможување на демократскиот процес (јавна дебата и избори), сега имаат поинаква функција. Достапните информации не покренуваат рационална јавна дебата за клучните прашања, и не ги прави нужно граѓаните политички посвесни, ниту пообразовани. Информирањето се реализира како интерактивна игра во која забавата има многу важна улога. На пример, политичкиот натпревар кој се одвива во медиумските арени е следен од публика чие однесување повеќе наликува на спортски фанови, отколку на рационална јавност која непристрасно и со студени глави ги одмерува аргументите на противниците.

Во новиот медиумски свет доминира т.н. инфо-забава (infotainment) во која клучни  стануваат техниките за пропагандно манипулирање и убедување, емоционализација на публиката, менаџирање на емоциите и стравовите и логичко наведување. Тие преку проширена интерактивна вклученост на публиката, го управуваат процесот на иформирањето, а гледањето вести сè повеќе наликува на следење на играна серија или филм. Ова се огледа во тоа што информациите сè повеќе тежнеат да поттикнат конфликт, драматизација, емоционализација, при тоа користејќи различни „филмски“ техники и кодови за привлекување на вниманието на публиката.

Инфо-забавата во медиумски поразвиените средини дава одредени позитивни резултати преку доближувањето на политичарите кон граѓаните, а во одредени случаи (The Daily Show with Jon Stewart, Last Week Tonight with John Olliver) вклучуваат и елементи на лајт истражувачко новинарство кое може да актуелизира важни јавни проблеми. Од друга страна, како главна слабост на инфо-забавата се наведува „медиумизацијата на политиката“, односно целосното претопување на политиката и медиумите. При ова во политиката врвен приоритет добиваат вредностите кои се телевизични и уверливи преку медиумите, додека вистинските способности за разбирање и решавање на проблемите се далеку пониско на листата на приоритети.

Во домашни услови инфо-забавата најчесто се користи за манипулација со публиката и тенденциозно поедноставување на општествените реалности.

Црната хроника е важна компонента од ваквото новинарство кое е базирано на менаџирање на емоции и стравови кај публиката, до тој степен што, на пример, каква било сообраќајка од каде било станува важна вест за сите медиуми.

Вестите сè повеќе се во функција на забавата, како дел од медиумската специјализација на телевизијата за  забава на публиката и корисниците. Во сличен процес влегува и интернетот каде забавната функција ги преклопува другите функции, како што се информативната и образовната.

Доминација на баналното новинарство

Како надоврзување на инфо-забавата се јавува т.н. банално новинарство (Prasun Sonwalkar, Banal Journalism, 2005). Во него доминира дуализмот, односно логиката на двојност и поделеност (Ние-Тие). Во баналното новинарство движечка сила се поларизирањето и сензационализмот кои треба да креираат интерес и вклученост на публиката. Други автори овој процес го именуваат и како ,,таблоидизација на информирањето”, жолто новинарство, а некаде се сретнува и терминот ,,trash”-новинарство. Сепак останува дистинкцијата на терминот „банално“ како нешто поширок термин, главно за содржини кои не се стриктно сензационалистички, а се дел од начините за поларизирање на јавноста. Баналното новинарство се фокусира на површност, брзина и шокирање, како техники за привлекување внимание и реакции, додека балансираноста и барање решенија за проблемите се целосно надвор од интересот.

 Дел од баналното новинарство е т.н. „сопернички надзор“ (adversarial watchdogism, Stuart Allan, News Culture, 2004), односно пракса за критичко следење на само една страна од општествената или политичката сцена, кое функционира врз принципот на поедноставување на реалноста и емоционализација на публиката. Форсирање на ривалските модели кај медиумите и претераната драматизација на фактите и реалноста ја заокружуваат концепциската матрица на ваквите „банални медиуми“.

Ефектот на соперничкото банално новинарство врз публиката главно резултира со скептицизам, недоверба и рамнодушност, така што ваквиот тип поларизација во медиумите најчесто придонесува кон оддржување на статус кво во општествата и нерешавање на клучните проблеми.

Вестите се 24/7, а времето е информација

Ова е една од поочигледните промени која го намалува значењето на т.н. централни информативни програми, дневници, редовни и ударни термини, и слично. Информацијата е најважна и најефектна додека е свежа, а нејзиниот рок на употреба е мошне краток. Таа се истиснува од нови информации, или од нејзини интерпретации, толкувања, контра-вести, коментари и спинови. Линеарниот тек на информирање се заменува со инстантна полицентрична/повеќенасочна комуникација. Времето станува клучен дел, или додадена вредност, од информацијата.

Информирањето е неможно без комуникација

Интерактивните онлајн платформи ги наметнаа навиките информативните содржини да се преплетуваат во комуникација со другите луѓе. Коментирање, споделување, критикување, исмејување, тролање, лајкање, блокирање, подучување, извртување, стануваат норма при (или по) информирањето. Јавното комуницирање на ефектите на информациите беше поттикнувано како маркетинг техника за интеракција и партиципација, така што тој процес сега е интензивиран и во голема мера неповратен. Проблемот со конвергирањето на информирањето и комуникацијата е најчесто во засилувањето на шумот во комуникацијата, т.е. феноменот игла во сено, каде тешко се изолираат важните од тривијалните информации, и секако проверка на фактуалноста на информациите, односно нивната точност и аргументираност.

Конвергенцијата е неизбежна

Интернетот стана доминантна комуникациска и информативна платформа, чија клучна особеност беше конвергенцијата, односно поврзувањето на различните техники, медиуми и кодови за комуникација. Синтезата на текстот, звукот, сликата, видеото, повеќенасочната комуникација беа градени постапно и откако без изградени во функционална целина, почнуваат да влијаат врз класичните медиуми. Тие сега се принудени да ги конвергираат различните платформи (печат, радио, телевизија, онлајн) и да се обидуваат да пласираат содржини кои ќе бидат достапни и влијателни кон публиката.

Во постојните услови сè уште поизразени се негативните видови на конвергирање, па наместо интегрирани дескови и функционални медиуски мулти-платформи, главно сведочиме појави од типот „новинари за сите теми“ и „конвергирање на медиумите и партиите“.

3 коментари на “Медиумски промени кои милуваме да ги игнорираме”

  1. iphone5sシャネルのケース

    とか思っていたりします。 louis vuitton 財布 ダミエ go.ライダーに関するリンクを貼っておきます。 new balance 人気モデル レディース 権利者がまずアップロー

  2. ????????

    非婚母亲含泪欲讨抚养权未婚生子,孩子天生残疾,如今男友又无情地将她赶出家门,日前,饱受创伤的王女士求助本报记者,欲通过法律途&#24

  3. ray ban aviator sale

    SO when starts wearing these glasses, it adds more beauty, charm, elegance and style,Fashion Style :: Acrylic Nail Art – the One Thing That?s on Every Bride-To-Be?s Itinerary The bride-to-be is the center of attention at every wedding event. Although Google has already been making moves to correct that oversight (pun intended),ray ban official site, news released Monday via the Wall Street Journal goes still further: Italian eyewear maker Luxottica, which owns the well-known Ray-Ban and Oakley

Коментарите се затворени.