5 причини зошто 1001 ноќ е хит

Шехерезад и Онур - 1001 ноќ - bimbir geceМорам да му се заблагодарам на Chez Tako за одличните провокации кои во неколку наврати ме натераа да размислувам зошто токму сега и токму оваа турска серија (1001 ноќ) го постигнува токму овој успех. Да не беше толку настојчив, или да се предадеше побргу можеби и немаше да го напишам постов. А во постов ќе има сумирано и поткрепено неколку од главите причини кои ми помогнаа да ја добијам дебатата :)

1. Надмината е јазичната бариера

Појавата на хрватските сапуници јасно покажа дека добар дел од публиката има потешкотии да го чита титлот на сериите. Причините се различни: на бабите бргу им заминуваат буквите, на децата не им оди лесно читањето, а на сите заедно далеку полесно им е да не треба секогаш да гледаат во телевизорот додека оди сериајта. Мошне практично е делумно и да се ислуша епизодата зашто и онака нема да се пропушти многу…. од едноставна причина што и не се случува во секоја сцена баш најважното. Патем, додека се гледа/слуша може да се заврши уште некоја работа по дома од типот на пеглање, чистење, готвење, сурфање, дремење :)

Не би сакал да навлегувам во конкретното решение… има различни коментари… го бивало, не го бивало… Во оваа пригода вооппшто не е важно тоа зошто очигледно си ја врши работата.

2. Конечно бабите, дедовците, мајките и татковците можат на мира да гледаат ТВ (заедно со децата)

Децата киснат пред ТВ, тоа е веќе познато. Но (за мене) вчудоневидувачки е огромниот број на деца, дури и на навистина мала возраст, кои ја гледаат серијата. Имав некои претпоставки, кои ми ги потврдија неколку прајтели со кои поразговарав на темава. Имено, и онака најчестиот изговор на родителите е дека децата се мирни и не мора да ги пазиш и мислиш додека се пред ТВ, па сега имате две муви средени со еден удар. Ем се мирни (гледаат затоа што разбираат – види точка 1), ем родителите на раат може да си ја гледаат серијата која им се допаѓа без да мора да се борат за далечинскиот и да војуваат за промена на каналот со цртани филмови.

3. Квалитетот на медиумската содржина е низок

Шехерезад и Онур - 1001 ноќПочетокот на есенската сезона во 2009 и еве почетоков на 2010 се период во кој (чинам) немало понеквалитетна понуда на нашите ТВ програми. Сериите се ефтини, филмовите стари и репризирани по 100 пати, а локалните (сопствени) продукции веќе со години не нудат ништо ново (ако ги исклучиме двете квиз шоу-а на А1). Круна на евтината и неквалитетна понуда, која ми послужи како добар доказ за овој аргумент беше новогодишната филмска програма. Немаше скоро ниту еден нов филм на најпопуларните канали, дури ми се чини и Супермен 1 го дадоа :). Дополнително, кога веќе ја разгледуваме медиумската содржина, вредно е да се напомене дека оваа серија оди на А1, канал кој сезонава загуби добар дел од својата програмска понуда, па мораше да се фокусира на нешто друго за да си ја одржи позицијата бр.1 во локалните рејтинг листи.

4. Содржината на серијата е блиска до публиката

Морам да признаам, имам слушано една епизода и гледано половина од друга. Сето ова за време на новогодишниве празници. И искрено, бев изнеанден кога во серијата слушнав зборови како холдинг, акции, интернет, факултет, берза, компанија и сл. Веднаш си помислив, еве уште една причина зошто има интерес… Иако слични бизнис тематики веројатно се провлекуваат и во „шпанските“ сапуници (не дека сум ги гледал :) сепак овде се тие спакувани на еден начин кој публиката го чувствува како близок и примамлив, како еден вид прозорец кој им го овора деловниот свет во кој една жена и те како може да се снајде, Едноставно, потенцијалната публика се шири, дејствието се одвива во урбана, современа средина која лесно ја препознава нашиот народ, и кон која може да развива свои аспирации, желби, надежи. Нема премногу сложени општествени разлики и тоа дополнително овозможува поистоветување со ликовите за поголем дел од публиката.

5. Сериски циклуси на побарувачка и понуда

Без некои потехнички истражувања и статистики (а кој да ги направи кај нас?), лесно воочливо е дека постојат еден вид „сапуничарски криви амплитуди“, или едноставно кажано периоди на висока побарувачка и гледаност, и потоа одредени следствени периоди на затишје и помала побарувачка на содржини од ваков тип. Понудите и популарноста некако одат во бранови (Касандра, Клон, првите хрватски сапуници и сл., сѐ до Шехерезад), и работата се сведува во тоа, кога одредена добро спакувана и продуцирана серија  почнува со прикажување, а со која нашиот обичен гледач, или гледачка, можат лесно да се идентификуваат и поврзат. Моментот е речиси сѐ, а да се темпира истиот е навистина работа на умешност. Добро, можеби некогаш и може да се посреќи сосем случајно тој така важен момент, на пласман и апетит за нешто ново, но останува очигледниот впечаток дека тајмингот е пресуден.

Тоа е, ние си ги дадовме нашите причини, фала му на Сеад за помошта. А кои се твоите размислувања? Зошто баш ШехерезаТ (Şehrazat) е толку популарна? Коментари од типот, не знам не сум гледал не се важат, бидејќи и ние не ја гледаме :))))

Бонус линкови:
1001 ноќ mp3 аудио од насловната нумера
1001 ноќ Facebook група со над 32.000 челнови
Позадини за десктоп 1024×768 1280×1024


Дарко Булдиоски

Дарко Булдиоски е ко-основач на NewMediaMK - Интернет маркетинг агенција и NewMediaCenter. Активно започна да работи во полето на новите медиуми пред 7 години како блогер, продолжи како предавач, консултат и тренер. Дарко слуша тешка музика, игра баскет и се труди да биде најдобар татко.
This entry was posted in Local, Media, Society and tagged , , , , , , . Bookmark the permalink.

13 коментари на "5 причини зошто 1001 ноќ е хит"

Коментирај!