Кој сее пропаганда ќе жнее бунт

Сега во стилот на некои наши доајени на шега да кажам (подвлекувам, не е сериозно ова во наводнициве :) „кога ние тука зборувавме за штетните ефекти на изнасилените комуникациски ангажмани во форма на кампањи со сомнителен ефект и остварливост многумина не обрнуваа внимание“. И јас и Дарко напишавме неколку комуникациско-ориентирани постови на тема кампањи Made-in-MK, и искрено кажано, не чувствувавме дека има нешто ново или повеќе од тоа да се додаде. Матрицата остана иста, и хитчињата исто така. Еве ги овие неколку наши „осврти“:

Влада INC.

Една година ПР.

И повторно за Владата и нејзините кампањи.

Толку имавме да кажеме од некоја конструктивно-критичка позиција. „Фала на пажњи, пријатно“.

Она што пак моментно се случува во македонските медиуми е една спротивна крајност, со исто така лоши последици, т.е. тотален наплив и ентропија на критички текстови за владиниот ПР, до тој степен што новинарите станаа опседнати со тоа да ја ничкосаат оваа политички изгенерираана медиумска реалност, водени од максимата „клин се клином“ и подржани од некои европски институции (на пример Европскиот парламент).  Еве само дел од поскорешните:

-Јас не сум

-Молитвата на античките копачи

-Што сѐ не знаеме за Македонија?

-Власта е сила, власта е моќ

-Владини кампањи, агресивен или позитивен напад на сите сетила

и.т.н……..

Ако се гледа некоја генеологија на оваа префорсирана анти-пропаганда, може да се каже дека социјалните медиуми одиграа голема улога во раните фази на јавната дебата и отпорот на оваа тема. Бидејќи инерцијата на самото новинарство е од тој тип што кога ќе тргне нешто, тешко се сопира, па сега ние критичарите и јавноста сме затрупани со контра-текстови и материјали кои исто така се изнасилени и во претерана форма. Се разбира реакциите се потребни, но толкавата фиксираност само дополнително ја влошува стабилноста и функционалноста на комуникацискиот систем.

Негативните ефекти се очигледни, виртуелизација на јавната комуникациска сфера од типот на дебатите за НЛО, додека самата реалност продолжува да си тече, а ние остануваме во расчекор со неа, се разбира на своја сметка.

Лекциите од оваа пропагандна епизода се секако крајно едноставни и дидактички на ниво на „општествена градинка“, па сума сумарум повеќе од јасни се последиците од ваквите  пропаганди војни: поделба во јавноста во период кога на општеството му треба сосема спротивното, системски легално корумпирање на медиуми, како и застој во развојот на медиумите и нивно приближување до европските.

Никој не обрна внимание дека во духот на времето во кое живееме, никој, ама никој (генерациски под 50г) не трпи медиумско подучување и некаква добронамерна дидактика,. Денес гледачот и читателот е од сосема поинаков сој, тој ги бара содржините и рефлексно ги одбива оние кои го бркаат како спрејот бубачките, тој сака да има контрола над медиумските содржини, да бира што и колку, кога, да ги разложува, коментира, проследува до своите пријатели, и да си го менаџира сам своето медиумско искуство.

Тоа е реалноста во своја едноставна и непосредна форма, сето друго е некаков пасатизам со какви и да е мотивации.


sead93

Сеад е магистер по комуникации кој проучувањата во комуникациската наука ги фокусира на популарната култура, новите медиуми и пропагандата. Издал две книги збирки културолошки есеи (двете во 2002) и редица текстови во неколку списанија во земјата и надвор од неа (Lettre International, Наше писмо, Блесок, Културен живот, Разгледи, Balcanis…). Со својата смисла за хумор, неуморно „им го прави денот” на голем број интернет корисници.
This entry was posted in Information Society, Journalism, Media, News, Society and tagged , , , . Bookmark the permalink.

5 коментари на "Кој сее пропаганда ќе жнее бунт"

Коментирај!