Media & Marketing Blog

Google со ширум отворени уши за критики

Налетав на еден многу интересен пост кој опишува случка од минатиот месец на Твитер кога еден од поинтересните твитераши професионалци за оптимизација за интернет пребарувачи кој го следам, јавно упатил критика за начинот на кој Google ги рекламира своите сервиси.

Инаку Ани по потекло е Шпанец, па затоа се сретнал со оваа реклама на Google. Имено, критиката доаѓа од таму што веројатно секој што се занимава со оптимизација за интернет пребарувачи би се нашол навреден од содржината на рекламата. Професионалците мака мачат да ги убедат своите клиенти во одржување и прифаќање на долгорочна стратегија за успешно присуство на Интернет, каде еден од главните судии за успехот е токму Google. По толку труд и работа се наоѓаат во ситуација каде самиот Google им ги саботира напорите со цел да заработи што повеќе пари од своите сервиси, во случајов AdWords.

Другата страна на толкување на критиката е погрешно наведување на публиката која пребарува. Ако одреден корисник пребарува по клучен збор “SEO”, тогаш реклама за “PPC” и Adwords не е вистинскиот резултат кој сака да го добие. Особено кога содржината на рекламата го едуцира дека “SEO” му е непотребно во работата за да биде успешен при рангирањето во резултатите на Google. Двете техники треба да работат заедно за да се оствари поуспешно присуство на Интернет, но не и по цена да се наведуваат корисниците кон страници што не им се од примарна важност во моментот на пребарувањето. За да биде трагедијата уште поголема во рекламата (која оригинално е на шпански јазик) има печатна грешка во еден од зборовите, што повторно го наведе Ани да критикува.

Понатаму, бидејќи Ани е влијателен твитераш во темата за оптимизација, неговиот твит скоро инстантно засегнал и други твитераши, па многу од нив почнаа директно да го пингаат Matt Cutts, изразувајќи незадоволство од овој потег на Google и од содржината на рекламата. Публиката отиде и до таму што компании почнале да му нудат пакети и услуги за оптимизација директно на Matt.

Обично при вакви ситуации твитерашите се немилосрдни и многу критички настроени, па најчесто компаниите не знаат да се извлечат од ваква несакана ситуација. Но во случајов зборуваме за професионалци кои му дишат на бизнисот во врат и поминале многу понемилосрдни ситуации за да стигнат до местото каде што се сега. Очекувано Matt Cutts, на нивото на професионалност кое што се очекува од него, изреагирал на вистинскиот начин и го споделил својот личен став кон корисниците вклучени во оваа комуникација.

Она што е уште поважно е што скоро инстантно реагирал внатрешно во својата компанија за поправање на ситуацијата.

Од една скоро ужасна ситуација Google нормално извлекува заслуги за себе, бидејќи неговите претставници добро знаат што значи да се комуницира со онлајн публиката на вистински начин. Иако се работи за Google, па каков и да беше исходот од ситуацијава немаше да влијае многу на нивната работа, сепак да се биде толку голем и успешен создава и одговорност да се постапи на вистинскиот начин и да се биде пример за другите компании кои допрва го одат тој пат.

Една недела подоцна рекламите со спорна содржина од Google се тргнати, иако Google останува на одлуката да го рекламира “Adwords” на клучен збор “SEO”. Сепак содржината за новите реклами е едукативна и прифатлива, па може да се каже дека корисниците кои пребаруваат нема да бидат наведени кон погрешни страници.

Поука од оваа ситуација е дека треба да се осмелиме да комуницираме со луѓето од големите брендови и да ги кажеме нашите интереси, мислења и критики. Оние кои навистина си ја знаат работата и кои навистина се грижат за своите корисници ќе знаат да ги ценат нашите поплаки и да ги искористат на прав начин. Она што е уште поважно е дека тие се достапни за непосредна комуникација со своите корисници и сакаат да комуницираат со истите на социјалните медиуми.