Медиумска пара-едукација

Денес во Скопје беше одржан еден од оние настани кои невнимателниот гледач или читател или нема ни да ги исперципира, или латерално следејќи ќе ги протолкува како океј-настан. Ако малку се продлабочите во контекстот на ваков тип настани, или систематски ги следите овој тип случувања кај нас, сосема е јасно дека станува збор за псевдо-едукативни настани кои немаат никакво влијание врз самата реалност, а со тоа и нагласената заштита на корисниците на новите медиуми. Јас би рекол дека имаат и штетно влијание затоа што прикриваат отсуство на вистински образовни и информативни мери (заб. ав. мерка е еден од најчесто погрешно употребуваните зборово во македонскиот јазик).

Дирекцијата за заштита на податоците предупредува да се биде внимателен со објавување на фотографии и лични податоци на интернет. Со напомена дека може да дојде до злоупотреба, од дирекцијата, посебно до помладата популација предупредуваат да не се пристапува наивно кога станува збор за интернет порталите за дружење и комуникација, како фејсбук, хај 5, мајспејс и слично.

“Токму младите денес во услови на постојан развој на информатичката технологија се исправени пред многу предизвици, што лесно можат да ја нарушат нивната приватност“, посочи директорката на Дирекцијата за заштита на податоците по повод денешниот  Европски ден за заштита на личните податоци.

На настанот организиран по тој повод во ЕУ инфо центарот денеска не случајно беа поканети токму средношколци, како ранлива група која масовно подлежи на овој вид комуникација, без претходно да размисли за евентуални последици. Ним, првиот секретар и шеф на политичкиот и информативниот сектор на Мисијата на Европската унија, Патрик Паке им порача:

“Младите наивно ја користат модерната технологија. Пред да ставите нешто на фејсбук, размислете дали тоа сакате да го види вашиот иден работодавач“ (извор Нетпрес).

Станува збор за комплексна тема, што може да се увиди и од ова студија објавена скоро од стручњаци од универзитетите во Салцбург и Виена, Австрија: „Social Networking Sites and Surveillance Society“. Во него се наведени низа на последици и опасности од новите медиуми, но на елабориран и практично изложен начин, кои ви дава увид во оваа проблематика, за разлика од лимитираноста на нашите пара-едукативни активности кои се од типот на советите на мајка ми кога одев (во) основно „пази се на улица“.

Добрата волја и чесните намери на законски задолжените институции за жал нема да завршат работа, затоа што ќе завршат како штетен неефектен опортунизам. Потребни се плански и подолготрајни активности кои навистина ќе задоволат основни критериуми за едукација, пред сѐ на младите, иако и постарите ги демнат истите потенцијални опасности.

ПС: Ако имате трпение да го исчитате извештајот, супер, а ако го прелетувате, задолжително прелетајте ја страница 125-та и заклучоците каде се посочува дека јавните кампањи, како обид за лесни решенија и авто-сугестивно ослободување од одговорност од типот „нели ти кажав“, ретко кога имаат позитивен ефект во ситуации кога општеството каде се применува е високо стратифицирано, а проблемите комплексни.


This entry was posted in Media. Bookmark the permalink.

3 коментари на "Медиумска пара-едукација"

Коментирај!