Media & Marketing Blog

Твитер победи на Super Bowl

Вчера како и сите (не)нормални луѓе, седевме во канцеларија и добри два часа ги прегледувавме сите реклами кои одеа во етер за време на Super Bowl. Дарко и Андреј дојдоа до идеја да бројат колку од брендовите имаат вметнато Твитер или Фејсбук линк во нивните реклами, ама се откажаа од идејата зошто веќе имавме изгледано добар дел од рекламите, па ќе требаше пак да ги прегледуваме (додека не чекаше куп дуга работа). За среќа вечерта Митко твитна линк во кој Matt McGee од Marketing Land, си ја завршил оваа работа место нас :).
Според броенките кои ги направил несомнено Твитер победи на Super Bowl. Јасно е дека победија Baltimore Ravens, ама Твитер доминираше во онлајн светот, не само по вклученоста на линкови во рекламите, туку и по ефективноста и дискусијата која ја предизвика. Ајде да зборуваме за малку бројки. Еве како изгледа тоа:

superbowl2013-socialmentions

Со броење во 52 реклами, значи Твитер има точно 50% застапеност, што за разлика од лани, кога имаше вкупно 59 реклами, е дури 300% повеќе. Е сега конечно може да кажеме дека Твитер си ги дочека своите 5 минути (или поточно кажано своите 4 часа додека траеше Super Bowl). Ако сакате поконкретни детали, Matt McGee во својот пост има наведено точно во која реклама која социјална мрежа е спомната.

И од кога го изнапишав ова горе, ми текна да си побарам некој од нашите медиуми дали објавиле нешто, и еве си го најдов истотo со малтене ист наслов кај it.com.mk, и ќе ви препорачам да си прочитате кај нив уште малку бројки.

Но бројкиве немаше да значат ништо ако немаа реален ефект врз она што се случуваше и ќе продолжи да се случува на Твитер.

За илустрација на вистинското влијание на рекламите ќе ја земеме кампањата на Oreo (наш фаворит, а веројатно и фаворит на сите други). Имаше два победнички елементи во оваа кампања. Прво мора да ја изгледате рекламата, ако веќе не сте го сториле тоа:

Како што вели Forbes, ова е една од ретките реклами со конкретен повик кон акција, и единствен бренд кој го вклучи Инстаграм во својата реклама. Со ова тие си добија околу 32000 нови Инстграм следбеници. Тоа беше првиот победнички елемент во нивната кампања. Вториот беше повеќе спонтан, отколку планиран, но докажува дека брзата реакција на Твитер е најважна за креирање придобивки и ефективно присуство на оваа мрежа. Прекинот во струјата за време на настанот, Oreo го искористи брзо, паметно и со доза на хумор, што секогаш е победничка комбинација:


Забележете ги бројките кои ги достигна овој твит и дискусијата која ја предизвика на Твитер.

Кока Кола исто така имаа јасен повик кон акција и одлично подготвена интерактивна кампања, која имаше детален план и приказна во две фази. Првата фаза ги насочува гледачите на сајт каде треба да гласаат за натпреварот, а вториот дел е реклама која ги вклучува нивните гласови. Но за жал технички проблеми не дозволија да ги видиме вкупните ефектите од оваа кампања. Гласањето на сајтот подготвен за кампањата поголемиот дел од настанот било невозможно што реално ја уништува одличната идеја и има контра ефект за брендот.

Уште еден пример кој ни остана запаметен е оној на Speed Stick, кој исто така тргнаа со идеја за повик кон акција, кој за жал Твитер заедницата не го дочека онака како што планираа, само заради контроверзната содржина на рекламата. Рекламите кои содржат таг (во овој случај #HandleIT) се одлични за предизвикување дискусија која ќе остане и ќе се развива и откако кампањата ќе заврши, што можеме да го забележиме и во овој случај, иако со негативна конотација.

Токму оние кампањи кои предизвикаа дискусија која ќе остане да се развива за мене се победници за овој настан и навистина квалитетно си ги потрошиле мнооогуте пари дадени за овие кампањи. Има уште пар други кои заслужуваат внимание, па слободно споделете ги вашите фаворити во коментари. Јас ќе завршам постот со овој одличен и забавен инфографик на whisprgroup.com.

infographic-superbowl-1