Media & Marketing Blog

Политичките истражувања како алатка за пропаганда и манипулација

Втор дел на анализата на Никола Спасов:
Испитувањата на јавното мислење се користат и како алатка за манипулирање со јавното мислење, наметнување на теми во јавноста па дури и воена пропагнада. Злоупотребата на истражувањата за вакви цели се прави пред се на два различни начина. Првиот начин е преку спроведување различни видови манипулативни анкети чија намена не е да го измерат јавното мислење, туку на него да влијаат, а вториот е преку намерна погрешна интерпретација на податоците.

PollsПрво на кратко за манипулативните анкети. Најпознат вид на вакви анкети се таканаречените пуш анкети или на англиски „push polls“. Ваквите анкети воопшто не ги спроведуваат професионални агенции за испитување на јавното мислење, туку тоа го прават штабовите на партиите пред и за време на изборната кампања. Пуш анкетите содржат сетови од прецизно формулирани сугестивни
прашања кои самите по себе се повеќе изјави отколку прашања. Тие имаат за цел да го оцрнат противникот преку ширење шпекулации и невистини за него. Главната цел на пуш анкетите е пораката да стигне до што поголем број луѓе а резултатите од вакви истражувања ретко или воопшто не се објавуваат. Еве како на пример изгледа еден сет на вакви прашања во пуш анкета:

  1. Дали фактот што кандидатот А имал искуство со дрога во средно училиште може да влијае на вашиот избор дали да гласате за него или не?
  2. Неодамнешна студија покажа дека кандидатот А има ментални последици од војната во која учествувл. Колку по ваше мислење ова може негативно да влијае на неговата работа? (ова е против McCain)
  3. Новинарите откриле дека кандидатот А има вонбрачно дете, дали ова можеда влијае врз вашиот избор при гласањето?
  4. Близок соработник на кандидатот А открива кандидатот дека има лични финансиски проблеми. Колку сметате дека тоа може да влијае на неговото работење доколку победи на претстојните избори?

Пред поставувањето на секое прашање задолжително се користи вовед во кој се споменува дека фактот е потврден од некој авотритет за да го подигне нивото на доверба кај испитаникот и тој да не се посомнева во самото тврдење. Така најчесто овие прашања се препознаваат по воведот кој гласи: „Близок соработник на кандидатот тврди..“  или „Новинарите откриле..“ или „Како што тврдат експертите..“ и тн.

Ваквите анкети се практикувале во минатото пред се за време на локалните избори во САД. Праксата покажала дека тие функционираат најдобро на локално ниво каде дезиноформациите се шират побргу, довербата во нив е поголема, а моќта на расудување на масата е помала. Исто така, најчесто се насочени против кандидати кои се релативно непознати за јавноста. Преку пуш анкетите спин докторите лесно и брзо креирале негативен имиџ за новите кандидати од опозицијата, додека кај оние етаблираните морале да користат различни методи бидејќи за нив било потешко да се оцрнат на ваков начин.

Во Македонија според моите информации вакви анкети до сега не се практикувале. Тие се веќе реткост и во светски рамки заради строгите закони и тешките последици кои може да ги сносат и нарачателот и извршителот на ваков тип манипулација. Сепак, искусните политички стратези одвреме навреме успеваат да сместат по некое сугестивно прашање или шпекулација во овие анекти и да останат неоткриени.

Втор вид на вакви анкети се таканаречените анкети за подигнување или намалување на важност на тема (Issue dumper or Issue raiser poll). Прва работа која треба да се има во предвид е дека овие анкети се разликуваат од стандардните анкети кои го мерат јавното мислење на актуелните политички теми во земјата. Разликата е во тоа што стандардните анкети секогаш го мерат мислењето на граѓаните на теми кои се од стратешки интерес за земјата (на пр. проблемот со името, невработеноста, ЕУ интеграциите), додека пак манипулативните анкети од овој вид имаат за цел да наметнат тема која е неважна, па некогаш дури и банална. Со ваквото пренасочување на вниманието на јавноста кон неважни теми оваа алатка се поистоветува со познатата пропагандна техника „дефокусирање на јавноста“ и се користат за водење дневна политика. Во изборните кампањи, пак, овие анкети некогаш имаат за цел да го насочат јавното мислење кон теми од интерес на кампањата и да ја подигнат важноста на самата тема. На тој начин, медиумите повеќе ја обработуваат темата кој е силна страна на еден од кандидатите, тој автоматски добива повеќе медиумско внимание наметнувајќи се како посоодветен човек за решавање на проблемите од „голема важност за земјата“.

Ова два вида се најчесто практикуваните манипулативни анкети (алатки) кои се користат во дневната политика и во изборните кампањи. Она што многу почесто се случува е сепак манипулација со бројките од регуларните истражување преку селективно анализирање и пласирање на резултатите или  пак намерно или ненамерно извлекување на погрешни заклучоци. Еве како најчесто се манипулира при интерпретација на резултатите од испитувањата на јавното мислење.

Најчестата форма на манипулирање резултатите од испитувањата на јавното мислење е преку поистоветување на согласноста со одреден принцип и согласноста со конкретни политики. Често се случува новинарите, аналитичарите или колумнистите да извлекуваат индиректни заклучоци од одговорите на прашања кои се поврзани со нивната теза од прашања кои тоа не го дозволуваат. За да биде ова појасно еве неколку примери. Првиот и најсвеж пример е манипулацијата со прашањата од акетата за Собранието. Прашањето гласело: „Ако пратениците не го почитуваат редот во Собранието, дали треба да се отстранат“? – на што очекувано се добиени над 90% позитивни одговори бидејќи тоа е социјално прифатлив одговор и логично е сите граѓани да се за ред и мир во Собранието. Ваквото прашање многумина ги одведе до заклучкот дека граѓаните ја подржуваат постапката и отстранувањето на пратениците што воопшто не е точно. Ако прашањето гласело: „Дали го одобрувате отстранувањето на пратениците од Собранието на 24ти декември?“ или „Дали сметате дека обезбедувањето правилно постапи со отстранување на пратениците?“ ќе се добиеле многу поразлични одговори. Што всушност се случува? Намерно се поставува прашање за подршка на генерално прифатен општествен принцип (треба да има ред и мир), а одговорите се интерпретираат како подршка за конкретни политики а не како подршка за генералниот принцип.

Втор пример од нашата политика е интепретација околу прашањата за членство во  НАТО и ЕУ. Еден грчки медиум минатата година интерпретираше анкета на следниов начин: „ Во последната анкета објавена во Скопје преку 70% се за членство во ЕУ што значи се спремни за промена на името“. Исто како и во претходниот пример се работи за погрешно толкување на резултатите. Точно е дека анкетираните се за влез во ЕУ, точно е и дека основен предуслов за тоа е промена на името, но тоа не може индирекно да се заклучи од одговорите на самото прашање. Граѓаните ја подржуваат идејата за членство, но не и политиките/условите за тоа, и затоа ваквиот заклучок е погрешен.

Вакви примери има безброј. Во американската политика е познат случајот од 2003 година кога администрацијата на Џорџ Буш беше пред искушение дали да испрати војска во Авганистан. Тогаш, симултано од повеќе медиуми беше пласиран еден од поскандалозните спинови базирани токму на резултати од анкета спроведена од реномираната Галуп. Имено, прашањето гласеше: „Дали Америка треба да се бори против глобалниот тероризам“? –  на што се добиени преку 80% позитивни одговори. По објавувањето на оваа вест, неколку медиуми ќе ја извртат веста и ќе заклучат дека над 80% од Американците ја одобруваат одлуката на владата да се испратат трупите во Авганистан. Ова претставува груба манипулација со резултатите од анкетата. Имено, веќе во следната анкета неколку дена подоцна, на прашањето „Дали ја одобрувате одлуката на владата да испрати трупи во Авганистан“? – позитивно одговориле само 38% од граѓаните.

Втор модел за злоупотреба на податоците од анкета е врамување на мал дел од податоците во друг контекст. Професионална и непристрасна анкета би требало целосно да обработува една тема да ги опфати сите аспекти. Но, во презентацијата на податоците пристрасните медиуми најчесто употребуваат само мал дел од податоците кои одат во прилог на некоја теза која не е предмет на истражување. На пример, да речеме дека анкетата се однесува не економската состојба во земјата. Таа истражува повеќе аспекти на проблемот како доверба во економските политики на владата, оценка за напредокот на ова поле, оценка за личната финансиска состојба на граѓаните и тн. Анкетата исто го мери и индексот на надеж односно колку луѓето очекуваат дека состојбата ќе се подобри и уште неколку сета на прашања. Од едно вакво слично истражување кое нашата агенција го реализираше минатата година и во кое речиси сите економски параметри беа негативни еден наш медиум го објавија следното: „Лошо ни е, но ќе биде подобро“, разработувајќи анализа која се однесува само едно прашање а тоа е дека грѓаните очекуваат економската состојба да се подобри. Друг медиум го искористи истото прашање да поткрепи сосема различна теза односно дека „стратегијата на владата за зајакнување на економијата е исправна“, а во тоа „веруваат и самите граѓани кои очекуваат дека ќе биде подобро“, без да се осврне на другите резултати од истражувањето. Селективното информирање секако не е новост, па така и податоците од анкетите се често предмет на злоупотреба.

Следно, што поретко се случува, но примери постојат, е изведување на заклучоци кои се методолшки неисправни. Попрецизно, не смее да се заклучува нешто што методологијата според која е правено истражувањето тоа не го дозволува и експлицитно го наведува. На пример, во едно репрезентативно истражување на ниво на Р.Македонија учествуваат околу 1000 испитаници. Тоа истражување, да речеме, ги мери рејтинзите на партиите лонгитудинално и дава споредбени рејтинзи од месец на месец. Методолошки, помалите партии кои имаат рејтинг под 2% се далеку поподложни на познатата „статистичка грешка од +/- 3%“ од оние кои имаат рејтинг од да речеме 20%. Професионалните агенции ова јасно го нагласуваат во соопштенито за медиумите. Често, без разлика дали од незнаење или намерно, медиумите објавуваат на пример вакви информации: „Партијата на Љубчо Ѓеорѓиевски за двојно ја намали својата подршка во споредба со анкетата од минатиот месец. Имено, за  ВМРО-НП денес би гласале само 1% од анкетираните наспроти 2% кои така се изјасниле пред точно еден месец“. Ваквата интерпретација е целосно погрешна и нанесува голема штета на партијата за која станува збор. Всушност, ваквото тврдење и нема никаква логика бидејќи е неверојатно за само еден месец било која партија да изгуби половина од подржувачите.

Во оваа анализа се осврнав на злоупотребата на истражувањата во манипулативни цели и се однесува пред сé на начинот на презентација на податоците и видовите на специјализирано дизајнирани истражувачки алатки (анкети) за манипулирање со јавното мислење. На резултатите од истражувањата може да се влијае и преку дизајнот на самото истражувања и неговото спроведување за кои ќе пишувам во некој следна пригода.

Прв дел: Колку анкетите влијаат на јавното мислење и изборното определување?