Media & Marketing Blog

TIME.mk надграден и проширен

Онлајн сервисот за вести „TIME.mk“ беше спомнат во неколку поста на овој блог (еве еден од нив, „Кога алгоритмот е уредник“, 28.10.2008), но заради динамиката на развојот на овој сервис, се чини дека секогаш има нешто ново и дополнително да се каже за него. Особено во последниов период, детали подолу.

Оние што беа присутни на декемвриската дискусија во Точка за интернет апликациите, низ презентацијата на проф. Игор Трајковски можеа директно да се запознаат со работата и приказната за и околу TIME.mk. За остатокот од светот што не беше таму, останува да се утеши со презентацијата „TIME.mk – a new approach to news“ која беше прикажана во текот на средбата.

За ТIME.mk некоку генералии:

TIME.MK е компјутерски генериран сајт за вести кој агрегира наслови (и линкува до содржини) до 26 македонски извори на вести, ги групира по сличност на содржини, и ги рангира според нивното значење. Изворите се следни: А1, Сител, Канал 5, Телма, Алсат-М, МТВ, Алфа ТВ, Макфакс, Нетпрес, Брокер, Кирилица, ИдиВиди, ЗаЗабава, Нова Македонија, Дневник, Утрински Весник, Вечер, Вест, Време, Форум, BBC, SETimes, Радио Слободна Европа, Курир, Он.нет and Кајгана. Селекцијата и рангирањето на вестите се врши преку алгоритми и е целосно компјутерски регулирано. Се рангираат соодветни карактеристики на вестите и нивните содржини, како што се: новоста, изворот, релевантноста и разноликоста. Како резултат на ваквата методологија вестите не се обременети од политичка селекција, пристрасен поглед или каква било идеолологија, која збирно му остава на читателот да ја избере перспективата или изворот за кој е заинтерсиран (TIME.mk about).

Упте неколку специфики на овој сервис:

  • TIME.mk секој ден анализира околу 3500 вести кои се наоѓаат на веб страниците на 33 извори
    (тука не се вклучени нивните архиви).
  • Од вкупно 3500 вести, нови (објавени во тековниот ден) се околу 1200 (освен во недела),
    а останатите се од претходните денови.
  • Од 1200 дневни вести, околу 150 се дупликати, т.е. за секоја од тие 150 вести
    постои вест во останатите 1050 која е скоро идентична. Тоа значи дека повеќе од 10%
    од дневните вести се преземаат од некој извор и непроменети се проследуваат.
  • TIME.mk не користи никаков комерцијален или бесплатен софтвер.

Сервисот е прилично динамичен и благодарение на посветеноста на својот автор постојано се развива, а последните 2 додатоци на овој онлајн сервис се проширената листа на домашни извори на вести, како и додавањето на изборот на најважните светски вести според Google News сервисот. Непосрeдно пред тоа беше надграден и самиот пребарувач на вести.

Во доменот на моите кориснички побарувања, сервисот е извонредно развиен и организиран, но ако се земат предвид различните онлајн навики и методики, постои уште простор за подобрување (РСС, некаков вид прегледна архива, и сл). Не се сомневам дека така и ќе биде.

5 коментари на “TIME.mk надграден и проширен”

  1. Јофе

    Ако може ова да се пренесе до креаторот на сајтов би бил многу благодарен.

    Дали има можност да се остави простор за кориснички сетинзи?

    На пример ме нервира тоа што сите вести ги отвора во нов прозорец/таб, кога и така ако одам на тајм, тогаш од таму се информирам и пак ќе се вратам таму.

    Нека има сетинзи каде ќе можеш да си подесиш дали сакаш вестите да ги отвораш во нов прозорец или во истиот.

    Инаку супер сајт, и добра идеја, нон стоп ми е уклучен и гледам што се случува по медиумиве 🙂

  2. sead93

    Коментарот е пренесен пријателе, а знаејќи ја работната етика на авторот, сигурен сум дека и ќе ја „размотри“ како што треба 🙂

  3. Јофе

    Ајде да видиме, еве гледам има новина тоа што сега вестите ги отвора со рамка горе на нивна адреса, нешто го гугл имиџис резултати што вади…

  4. Ели

    Убаво што има развој и надградба.. јас веднаш си го маркирав, уште кога се појави.

    за глобални вести на различни теми сеуште топ ми е http://www.newsnow.co.uk – најпрегледен ми е и најпријатен за користење.

Коментарите се затворени.