Media & Marketing Blog

Што е тоа медиум, фсашност?

Еден од најупотребуваните зборови во современата комуникација е зборот медиум. Освен што е најупотребуван, терминот е и еден од потешките за дефинирање. Во англискиот јазик, се разбира врз основа на традицијата која произлегува од латинскиот јазик, овој збор во најмала рака има 15 значења. Во македонскиот јазик овој термин има нешто потесно енциклопедиско значење, но содржината на самиот термин останува комплицирана.

Што е всушност медиум?

Како и во секоја академски чепната тема, дефинициите се бројни, секако на сметка на студентите кои сите дефиниции би требало итро да ги рецитираат без потреба да го разберат значењето на самите различни дефиниции. Еве неколку преџвакани видови дефиниции за медимот:

Општа дефиниција (позната и како Маклуанова дефиниција): Секој материјално поткрепен ентитет што може да пренесе некоја порака е медиум (согласно со ова медиум е маичката со некаков натпис, кожата со тетоважа, зградата со политички плакат врз неа, и.т.н.);

Класично-конвенционална дефиниција (народна, популарна): Медиум е комуникациски систем заснован врз одреден технолошки уред кој емитува пораки до публиката (согласно со ова медиум е радиото засновано врз технолошкиот уред радио апарат, телевизијата со ТВ приемникот, телефонот со телефонскиот апарат, но и книгата, весникот, факсот, телеграфот, компјутерот, I-pod, и.т.н.);

Технолошка дефинција: Технологијата на запишување (кодирање) на пораките се дефинира како медиум, па согласно со ова се разликуваат: печатени медиуми, електронски медиуми (ТВ, телефон, радио), дигитални медиуми и слично.

Социолошка дефиниција: Комуникациски систем кој пренесува пораки од одреден испраќач до публиката, па се редат мамо мори (во однос на испраќачот и во однос на публиката) масовни медиуми, локални медиуми, државни медиуми, приватни медиуми, глобални медиуми, и слично.

Помеѓу овие сопоставени дефинции многу прашања остануваат без одговор. Пензионерскиве дефиниции се чини дека се помалку држат вода, а и се држат на бастунче. Еве и зошто:

-Ако преку мојот кабелски оператор или сателитска антена слушам радио преку телевизорот, кој медиум е тоа?

-Ако на мојот мобилен сурфам кој медиум е пак тоа?

-Ако на компјутерот гледам ТВ програма, кој медиум користам?

-Дали интернетот е медиум или нешто повеќе од тоа, оти тој, велат, ги инкорпорира речиси сите претходни медиуми?

и конечно, дали блогот е медиум?

Во однос на интернетот, мислам дека е најчесно да се каже дека се работи за метамедиум или хипер-медиум, т.е. еден вид „медиум над медиум(и)“ (медиумски конгломерат кој ги надминува своите елементи), бидејќи во себе инкорпорира толку многу технологии и медиуми: писмо, звук, слика, радио, ТВ, книга, факс, електронско, дигитално, пишан збор (скенирано рачно писмо, цртеж), со еден збор самиот интернет е нешто како медиум 2.0, односно го разбива класичното сфаќање за медиумите, го редефинира, и суштински го менува самиот поим.

Во однос на блогот, според општата дефинција блогот е медиум (1:0, :), според класичната дефиниција е поттип, или жанр, на компјутерската комуникација/медиум (1:1, :(, според технолошката е поттип на дигитални медиуми (1:2, :(, и според социолошката е недефиниран, па би било реми, шаховски кажано, што би дало конечен скор: 1,5:2,5 за тоа дека блогот е медиум.

Но, дали ваквиот про-академски третман и разгледување на блоговскиот вопрос е единствен или најисправен за одговарање? Во логиката и науката е познат примерот со животното „Ornithorhynchus paradoxus“ (клунар) кој е невозможно да се класифицира и систематизира со помош на усвоената систематика на видовите. Се чини дека блогот, во оваа смисла може да се нарече „medium paradoxus“. Во потазичка форма кажано, блогот е еден вид комуниколошки протекторат (под „привремена“ управа на интернетот) кој бара признавање заедно со подолга група други медиумски „сецесионисти“: електронската пошта, Reality TV, Youtube, MySpace, MUD, играчките конзоли (PS, XBOX, Nintendo…), СМС-от, GPS-от, Вечер, Фокус, и така натаму.

Со самиот факт што блогот функционира во рамките на еден, овде дефиниран како, метамедиум, може да се претпостави дека ако има препознатлива идентификација во рамки на метамедиум, тој може да се излогицира како ентитет со многу одлики и атрибути на медиум: испраќач(и), публика, препознатлива форма, и различни „поджанрови“ (тематски жанрови: политички, новинарски, информатички, спортски, туристички, литературни, модни; технолошки поджанрови: в-лог, фотоблог, линк-блог, tumblelogs, Phlog; како и социолошки поттипови: личен блог, колаборативен блог, бизнис блог, PR-блог, и сл.). Сите аргументи против тоа дека блогот е медиум, главно се од шапката на класицистичките дефинции: блогот нема свој сопствен технолошки уред, споделува сличности со други веб-форми, и други медиуми (ТВ, радио, весник), нема квантитативна продуктивност потребна за медиум, повеќе е аматерски отколку што е професионален за да биде медиум, и така понатаму и така понатака.

Како и да е, прашањето останува отворено, но мислам дека времето работи за блогот и сличните „нови форми“ кои работат на тоа класичниот медиум да го редефинираат. Сè уште се бројни тие кои со леснотија би ставиле вето за блогот како медиум, но мислам дека се работи за сосема нова „епоха“ на мултипликација на медиумите, па така за еден социолог блогот нема шанси да биде медиум, додека не се случи постмодерната во социолошките науки кои се однесуваат на медиумите. Сè додека постмодерната не се случи во литературата, писанијата на Џејмс Џојс, Борхес, Фуентес, Кортасар, Бекет, беа обични чкрабаници, и не беа литературни дела. Ќе видиме дали то(в)а ќе се случи За блоговцките работи.

Верувам кога Шопен би го прашале дали техното е музика давам рака дека би рекол дека тоа е чиста какофонија и ѓубре, но денес техното е музика, затоа што публиката ја доживува како музика, и ја признава за музика. Мислам дека и за блоговите веројанто е дека публиката/јавноста ќе има клучен збор.

10 коментари на “Што е тоа медиум, фсашност?”

  1. Anonymous

    Сеад,

    Мислам дека ова е маестрално заклучување на дискусијата која што се водеше до пред две недели…

    Капа доле за постов…

    Нема што да се додаде…

    Поздрав

  2. sead93

    Роберто, срдечно фала за коментарот и подршката. Драго ми е што ете самата дебата ми даде енергија и поттик да го срочам овој скромен пост. Секое добро и поздрав.

  3. Biljana Bejkova

    Zalam sto ne mozev da prisustvuvam na diskusijata od pred dve nedeli ama postov e navistina celosen pogodok. Mislam deka treba da bide objaven i vo nekoj od takanarecenite tradicionalni mediumi. Bi bil super kolumna ako e toa voopsto nekoj predizvik.

    Pozdrav

  4. sead93

    Biljana, fala. veke pottikna nekoi idei kaj Darko 🙂

  5. gorde

    Jas samo sakam da se nadovrzam na prethodnite komentari,odnosno da te ocenam so edna akademska 10:))) !!

    Navistina izvoredno-seopfateno.

  6. Baju Bayi

    Wow, superb blog layout! How long have you been blogging for? you made blogging look easy. The overall look of your site is fantastic, as well as the content!. Thanks For Your article about Што е тоа медиум, фсашност? | К О М У Н И К А Ц И И .

  7. Maja Dima

    Upotrebata na italik-ot znaci vovoeduvanje novi bukvi vo makedonskiot jazik.Razmislete do sto se doblizuvate!

Коментарите се затворени.