Media & Marketing Blog

Виза ок или виза јок?

Генерално, но особено на нашиот домашен медиумски простор, често се случуваат ситуации на така наречено сопоставување или противставување на информации. На пример, ќе излезе претставник на некоја организација, здружение, асоцијација, претпријатие, партија, и ќе каже нешто од типот: „Тошо јадеше бурек!“, па консеквентно ќе излезе некој друг општествен чинител, или пак самиот Тошо и ќе изјави: „Тошо воопшто не јадеше бурек“, или пак алтернативно „Тошо не јадеше бурек, туку јадеше переци!“.

Што да направи гледачот-читателот-слушателот-сурферот, кој ги прима ваквите информации во обид да најде некаква смисла во вака пласираната информативна конфузија и бесмисла?

Во овој случај се работи за сопоставување или противставување на информација и кодирана информација, или пак на две кодирани информации. Ако информацијата е „приопштување или изложување на нови податоци за реалноста во која живееме“, тогаш „кодирањето“ претставува сложена операција на селекција на дел од податоците, додавање нови, нагласување на едни, а подредување на други, сѐ со цел да се смени контекстот на изворната информација, да се наведе кон „правилно“ интерпретирање на пораката, за да конечно таквата порака резултира (илокуциски) во (а) оформување на посакуван став, (б) предизвикување на посакувана реакција. Кажано со едноставни зборови „кодирањето на пораката“ претставува преосмислување на одреден пакет информации и буричкање по нејзината изворна форма за да се наведе примачот на информациите на одредени ментални или физички реакции.

Првата постапка во барањето смисла е примачот на пораката да одреди која информација е директна или некодирана, а која, или кои, се кодирани, т.е. дали се работи за (А) кодиран-некодиран информациски пар или (Б) кодиран-кодиран информациски пар. Откако ќе се одреди типот на противставувањето полесно станува самото  декодирање (што и како треба да се декодира). Конфузијата која медиумите ја наметнуваат најчесто се случува токму на ова ниво, мешањето на типологијата на информациите.

Ова во пракса сепак не е така едноставно: примачот на информации мора да биде доста вешт за да се снајде во ваквата комплексна медиумска намерна конфузија (тој е тука сам во судир со цела екипа на вешти новинари и менаџери на информациите, па е секако еден вид Давид наспроти Голијат), но во суштина се базира на едноставна постапка на двоење на „бабите од жабите“.

Еве еден пример: денес (25.02.2009) во дневниот печат беа пласирани следните два прилога: (а) „Карл Билт: Годинава нема укинување на визите“, (Утрински весник), (б) „Македонија ќе премина на белата шенген листа!“ (Вечер). Како да се декодираат дешифрираат или интерпретираат овие две контрадикторни информации?

Формулата е (1) одредување на степенот на кодирање и (2) одредување на релевантноста на изворот. Може да се види од прилозите дека и двата се во одреден степен кодирани: додека во првиот случај кај Утрински се работи за т.н. изолиран сетинг (необјаснување на контекстот на оствареното мини-интервју) кој индицира сетинг за критички однос кон одреден засегнат субјект (Влада на РМ), во вториот случај се работи за манипулација со пласирање на нагласени интерпретации на едностран извор. Со едноставна логика јасно е дека вториот случај подразбира поголем степен на структурно кодирање (селектирање на погодни информации и наведување на „правилно“ интерпретирање), додека првиот пример е изолација на ситуација која не интервенира во содржината на пораката.

На второ ниво на разгледување, кој извор е порелевантен, повторно се наметнува дилемата дали е порелевантен (а) странскиот и надворешен извор, или (б) домашниот извор? Мојата логика на анализа е следна: ако дома немаш вода и детето те праша „Тато дали ќе ни пуштат вода?“ а ти му кажеш „Од Водовод ми рекоа дека ќе пуштат!“ (запази го извичникот) или пак си прашаш некој висок претставник од Водовод кој ќе ти каже „Не сум сигурен дека баш денес ќе пуштиме вода“, тогаш кој извор ќе го одредиш за порелевантен?

Значи прашањата секогаш остануваат отворени во однос на декодирањето, па затоа во самата комуникација се вели дека нема дефинитивни „вистини“, туку консензус околу одредена интерпретација или доминација на одредено толкување.

Како и да е, блокирањето на примањето на конфузните информации не е одговор, и секако им погодува на оние кои ги пласираат тие информации, со тоа што ја отуѓуваат јавноста од јавната комуникација. Следен чекор во ваквата стратегија на јавно комуницирање секако е профилирање(то) на центри или поединци кои си приграбчуваат некаков авторитет „автентично“ да ги интерпретираат информациите во општеството. Лејм! Тоа е како да не знаеш да смениш батерија на својот далечински, па да бараш помош од „мајстор“?

Затоа медиумски обучената јавност и од неа проилзезената резистентност на манипулации е секако единствен можен одговор на нивните комуникациски манипулации.

4 коментари на “Виза ок или виза јок?”

  1. Darko Buldioski

    За на крај се да се сведе до политичката убеденост на читателот, врз основа на што ќе одлучи на кој извор да му верува.

    Без притоа ни за момент да помисли за различните кодирања, можни манипулации или нивоа на извори.

  2. sead93

    Да, супер поента, сакав да го спомнам тоа, но сфатив дека постот ќе станеше есеј. Се работи за барање информации и нивно „конзумирање“, како по онаа на Фројд, во процес на „самопотврдување“, „самореализација“, и сл., односно слушаме вести и читаме весници кои ни ги потврдуваат нашите веќе оформени ставови, без да ги анализираме самите содржини.

  3. radmilaZ

    Искрено, перцепцијата и доживувањето уште во моментот на кодирање на информацијата е субјективно и под влијание на многууу фактори, од кои некои наведовте. Така да понекогаш се запрашувам и дали е потребно да се дискутира кодирањето. Она што според мене е битно да се спомене повеќе е колку ќе се пројави активен однос кон настаните и информациите, овде мислам колку кодерите ќе излезат од шемата на едностраност која со својата неразвојна активност се повеќе и повеќе ја утврдуваат фронтовски…Селекцијата на информациите денес значи преживување и развој…Така да ситуацијата е комплексна бидејќи всушност ја допира директно релацијата на кодер и декодер, извор и приемач, итн.

    Кога декодерот е во позиција и ја користи истата да прати обработената информација до нов примател или кодерот кој му ја испратил информацијата, тогаш моќта да се избере и конструира реалноста е многу посилна…

  4. sead93

    Радмила фала ти за секогаш инспиративните коментари, само би додал дека некоја основа за можно анализирање, како некој платформа за пообјективен муабет може да се постави, барем така еврувам, па токму затоа и овој пост.

Коментарите се затворени.