Media & Marketing Blog

[Истражување] ИКТ во МК образование: само на декларативно ниво

Гостински пост на Радмила Живановиќ магистер по комуникации

Деновиве случајно ја прочитав веста на А1 во која на министерот Тодоров не му се верувало дека учениците најмногу ги користат компјутерите и интернетот на училиште за посета на сајтовите за социјално вмрежување како што е Фејсбук, и дека она што во тој случај е најпотребно е наставниците да се заангажираат повеќе за тоа да не се случи. Вакви и слични изјави слушав доста во последниве две-три години, посебно кога ќе се актуелизираше темата на големи инфраструктурни инвестиции во полето на ИКТ опременост и употреба во училиштата. Не би сакала да ја негирам значајноста на наставниците и учениците. Но би ја уважила само кога нема повеќе да се поддржува атмосферата на нивно посочувњеа со прст и обвинување за нивната неангажираност и  кога за момент оние кои ги повикуваат на одговорност ќе се запрашаат зошто е тоа така? И зошто промените се всушност тешки доколку не зе земе контекстот во самото реформирање?

Слика од: http://edubuntumk.blogspot.com/

Слика од: http://edubuntumk.blogspot.com/

Ова и уште некои други прашања поврзани со употребата на ИКТ во наставниот процес на средните училишта се обидов да ги актуелизирам со цел посериозно согледување на овој општествен, економски и образовен феномен за да сите досегашни инвестиции и напори не одведат до моментот кога навистина ќе бидат оправдани.

Она што моите скромни увиди го потврдија е постоењето на јаз на недоразбирање или невоочување на вистинската ситуација на употреба на ИКТ во наставата од страна на учениците и наставниците како и неосврнување и неуважување на нивните образовни потреби и барања. Истражувањето кое успеав да го спроведам на примерокот на ученици и наставници е дека тие се многу свесни кога и колку ги користат ИКТ во наставата, и дали и каква интервенција им е потребна со цел ефективно да ги употребат. Но дали оваа нивна позиција ќе биде некогаш вклучена и искористена кога се создаваат и спроведуваат стратегиите за осовременување на образованието, останува да видиме.

Учениците и наставниците на иста страна

Она што теренското истражување го покажа е дека најголема искористеност на ИКТ се среќава кај сервисите за инстант комуницирање и кај сајтовите за социјално вмрежување. Воедно истите овие сервиси се сметаат за несоодветни од страна на наставниците но и учениците. Компјутерите и интернетот сеуште се користат како можност за добивање, проверување и дополнување на информациските празнини но не и како можност за дискусија, поврзување и креативна употреба.

Ова истражување ја потврдува мултимедијалната пракса кај младите генерации и перцепција на ИКТ како неминовност на секојдневието. Воедно ИКТ ја потврдуваат темата за доместификација и во нашето поднебје. Она што останува да виси во воздух е непознавање на ефективната употреба на ИКТ во склоп на образовниот процес. Многупати, секојдневната употреба и она на што сме навикнати се интерпретира и како солидна образовна употреба на ИКТ. Меѓутоа, тоа секогаш не е така, иако поголемата лична употреба на ИКТ влијае на поголемата училишна употреба на ИКТ, доколку условите на училиштето и методологијата на настава го овозможуваат тоа. Овие и уште некои заклуцоци и увиди можете да ги проследите во презентацијата:

Јас навистина се надевам дека ќе започнеме реално да ја согледуваме ситуацијата на само декларативна употреба на ИКТ во образование и дека ќе се обидеме да гледаме на ИКТ како на многу креативни, комуникациски и колаборативни алатки во наставата. Какви и да се, корисниците се оние кои им ја даваат смислата и создаваат важноста на нивната употреба, а тоа во овој случај се учениците и наставниците.

Промени во образовниот процес

Од друга страна, дискусијата се проширува и на капацитетите на нашиот образовен процес да се менува. Самите сме сведоци дека промените не стапуваат на сила преку ноќ и дека е потребно ефективно искористено време кое ќе донесе до одредени промени. Не само ние, туку и многу други земји во развој и веќе развиени земји се сеуште во позиција да одговорат зошто ИКТ и покрај најголемите инвестиции во инфраструктура и човечки капацитети покажуваат многу послаби ефекти. Образовниот систем е комплексен систем кој е потребно самиот да се трансформира со цел да предизвика ефективни промени во осовременување на наставата посебно во однос на употреба на ИКТ потребни за развој на вештините на 21ви век кај учениците и генерациите што идат. Моето истражување не беше изработено со цел да ја критикува актуелната ситуација иако тоа неоспорно се наметнува, и како такво сака да укаже на можните ефективни промени во досегашните стратегии и напори. Моето истражување всушност обрнува внимание на една неикнлузивна образовна политика која не ги вклучува во сопственото планирање, дизајн и визија актуелните потреби и практики на користење на ИКТ на учениците и наставниците.