Media & Marketing Blog

Момент на вистината – дресирање за катастрофи

Во очи стартот на македонското издание на овој популарен „квиз“ го пренесуваме текстот на д-р Зорица Томиќ од Белград, објавен во дневниот весник „Политика“ под наслов „Момент на вистината -дресирање за катастрофи“:

Кога и да помислиме дека веќе ништо не може да нѐ изненади и дека наоѓајќи се во море на онеспокојувачки вести, постојано разоткривање на скандали и своевидно обесмислување на сите вредности со кои сме ги исцртале контурите на смислата во нашите лични животи, дека сме станале имуни на медиумските содржини, реалноста сепак нѐ демантира.

Најавена како хит шоу, новиот формат на „Пинк“ телевизија наречен „Момент на вистината“ ја брануваше домашната јавност до тој степен што многумина разгледуваат мери кои „Републичката радиодифузна агенција“ (РРА) би требало евентуално да ги преземе. Но, што е тоа во врска со „Момент на вистината“ што всушност нѐ вознемирува?

Зорица Томиќ

Се чини дека по „Големиот брат“ (Big brother) и различните видови на „риалити програми“, директни преноси од хируршки зафати на липосукција или војни во живо, по своевидната „порно опсесија“ која ги обележува современите медиуми, исповедувањето на познатите личности, без кои не може да се замисли ниту една забавна емисија, по јавното егзекутирање на Садам Хусеин или пак снимки на различни сексуално-криминални приватни оргијачења наменети за промоција и циркулација на Интернет, самото прашање за скандалозноста на „Моментот на вистината“, делува некако одвишно.

„Момент на вистината“ како глобален феномен, кој се емитува во 23 земји, ја покажува перверзната структура на современите медиуми.

Поаѓајќи од тезата дека „никој не е совршен“, односно дека секој има „своја мала валкана тајна“, телевизијата симболички се позиционира во исто време и како судница и како место за исповедање. Како судница, таа аболира секаков прекршок, бидејќи се занимава само со димензијата на признавањето, но не и со содржината на признаеното, додека пак во сферата на исповедувањето наместо „оче наш“ таа нуди паричен износ како награда за признанието. Со вакви симболички кодови, тезата за „човечката несовршеност“ се первертира во уверување за отсуство на морални норми.

Од друга страна, симболичкото значење на овој медиумски куклен театар, многу наликува на феноменот на проституцијата. Како во проституцијата, наспроти згрозеноста кон продавањето на телесните, т.е. сексуалните, услуги , и тука главниот проблем е во посредувањето на макрото, кој всушност ги експлоатира работничките од тротоарите, па така овде телевизијата како сервилен агент на капиталот се става во посредничка улога на ваквата трансакција, трансформирајќи го својот аудиториум од наивни гледачи, во заинтересирани клиенти.

Како да се разбере овој споменат глобален феномен? Најпрвин, во задолжителната логика на пазарната конкуренција, медиумите се принудени во сопствената борба за гледаност, а со тоа и за профит, постојано да ги поместуваат границите на прифатливоста. Со тоа, најфината демаркациона линија помеѓу приватното и јавното, се суспендира за сметка на новопоставен хаос на разулавениот комуникациски универзум, во кој слободата се разбира како своевидна непрегледност во која сѐ е дозволено.

Под влијание на модерните медиуми, гладни за „реалноста“ и принудени да произведуваат „случувања“, „сензации“ и спектакли, јавната сцена наместо да биде простор наменет за најразновидни и најпрестижни доблести и вештини, сепак стана трагикомично корзо на кое дефилираат безначајни, необразувани, просечни, неморални, „грди, валкани и зли“, или пак искривоколчени појави. Ова е далеку од времето кога се негуваше ексклузивитет, благородност на духот, концептот на духовна и интелектуална елита. Современото време на медиската култура покажува како е можно да се организира светот без идеали и без трансцендентна цел.

Новото време, време на владеење на медиумската култура кое ја објавува империјалната власт на разменската вредност, постапно го дресира современиот човек, без каков било внатрешен раскол, да се навикнува на катастрофи, губејќи постапно интерес за големите системи кои ја одржуваат смислата.

Но, што можевме да очекуваме во епохата на турбокапитализмот, кој под закрила на „неолибералната“ мантра, го востоличи профитот како оперативна и единствена пожелна вредност, како вредност чија заводливост ги засенува Вистината, Правдата, Убавината, Добрината или Праведноста. Тие губат секакво значење и постапно се празнат од секаква смисла? Зошто се скандализираме денес кога до вчера, потполно некритички, ја прифативме мантрата на слободниот пазар, мантра која недвосмислено порачуваше дека сѐ, ама сѐ, е на продажба – од крвта до угледот, од честа до кариерата, од пријателството до верноста, од младоста до општественото влијание?

Зошто сме денес така загрижени, ако до сега ниту еднаш не зедовме да ги браниме оние кои се повикуваат на Вредностите, Традицијата, или Моралот, и беа маргинализирани како несовремени, конзервативни, неприлагодени на новото време на капиталот?

Ако го оставиме настрана фактот дека мотивите за учество во овој „квиз“ можат да бидат од лична освета на сегашните или минатите партнери, желба за појавување во медиумите, своевиден патолошки егзибиционизам, очај на сиромашните, драматичното отсуство на самопочитувањето, логиката на „секое чудо за три дена“, до начин да се посрамотат други актери во нечија семејна или професионална драма, тогаш може ли да се каже дека логиката на капиталот ја достигнала својата критична точка?

Да се стави на располагање сопствената интима, приватниот живот, љубовните мечтаења, недостојните „согрешенија“ кон себе и кон другите, да се согласиш на јавно тестирање со детектор за лаги заради потенцијален профит, како што е тоа случај во емисијата „Момент на вистината“, секако е природна последица на владејачката општествена парадигма во која на драматичен и дијаболичен начин се обзнанува вистината дека веќе ништо нема своја вредност, но дека сѐ има своја цена.

Ова е токму тој миг во кој треба да се соочиме со вистината и да размислиме, дали е баш сè на продажба.

2 коментари на “Момент на вистината – дресирање за катастрофи”

  1. femgerila

    Епа фала за текстов. Океј е. Малку од средината надолу безпотребно морализира, но …

  2. sead93

    Не, не, фала зак оментарот 🙂 со кој btw се согласувам, ама во делот на разоткривање на контекстот на вакви тралалајки е бонбона 🙂

Коментарите се затворени.