Новите медиуми во политичката комуникација, епизода избори 2009

Обидувајќи се да останеме доследни на традицијата, одлучивме и оваа година да понудиме наш поглед и преглед на состојбите во онлајн сферата кога станува збор за политичката комуникација во земјава. Прегледот секако ќе се фокусира на оние комуникациски канали и содржини во контекст на претседателските и локалните избори во Македонија, т.е. директната комуникација на политичките партии и кандидатите со јавноста преку онлајн медиумите. Наспроти ентузијазмот да се придонесе кон квалитетно покривање на развивањето на интернет комуникациите кај нас, се сопоставува еден вид воздржана разочараност од слабиот прогрес во оваа област, но да не очајуваме или прејудицираме, еве ги нашите видувања, секако не како некаков категоричен суд, туку повеќе како повик за содржајна дебата на овие теми.

Преглед:

Во јавноста често, нели, се циркулира терминот најголемите партии, лидерски средби и слично, што е некаков консензуален комуникациски индекс кои се „најмоќните политички субјекти во земјава“. Иако онлајн претставувањето и онлајн комуникацијата не побаруваат некои астрономски буџети, сепак и овде доминираат истите политички чинители. Многу сакавме да сретнеме некој Петко Петковски од село Незнамкоево во онлајн сферава, но за жал такви примери не најдовме, освен можеби во ликовите на Ратко за Кочани, или госпон Ацо за Охрид (tx2fem-g). Се надеваме и на повеќе вакви примери во иднина.

Главната веб-страница на ВМРО-ДПМНЕ се ажурира редовно, евидентен е трудот вложен во неа. Тој може да послужи како некој вид координативен портал (како овој блог на пример) од кој можете да стасате до страниците или блогот на некој кандидат (Ѓорге Иванов, Коце Трајаноски, Владимир Тодоровиќ и сл..). Рака на срце, освен зафатени домеин на blog.com.mk во наголем број слуачаи ништо друго нема да најдете, небаре blog.com.mk  e Марнет, па побрзале да ги зафатат домените, или можеби се уплашиле да не им го украдат идентитетот, како на Геро. И тоа е тоа. Сѐ е ок, само структурните фалинки се евидентни. Содржините ги прават ИТ-персони, а комуникација со кандидатите не можете да остварите никаде. Ќе ги дознаете нивните биографии, формалните дневни активности, извештаи од митинзите и средбите со граѓаните, пренесени интервјуа, но човечките ликови, не дај Боже лични обраќања и други содржини, нема шанси да сретнете. Одделеноста на кандидатите од јавноста вака само се засилува, а новите форми на посредување (блогови, лични веб-страници на кандидатите, Фејсбук групи и сл.) не прават никаква содржинска промена.

Сега некој ќе каже немаат време, многу бараме, и слично, јас ќе им кажам, извинете јас кога дома можам да видам слика на Твитер од Шекил О’нил како се стриже кај својот бербер или впечатоци на Бритни Спирс од нејзината турнеја, од неа самата, тогаш стварно мислам не барам нешто многу ако по таа аналогија на можностите на новите медиуми, побарам од кандидатот за претседател или градоначалник на мојот град да каже во 140 знаци како поминал во некое од Неготињата или Новите села низ земјава. Стварно, ако е многу да напишеш еден „СМС“ од 140 знака на Твитер во текот на денот што ме викаш на избори со парола „Заедно можеме повеќе“ или „Еден за сите“? За воља на вистината ги имаат акаунтите, но веројатно ни самите не се свесни за нив и дека некој друг за нив губи битки (политички поени) во онлајн просторот.

Мајспејс“ профилот на претседателскиот кандидат Иванов е толку запустен што доминантно место има сликата на оваа разголена теткица. Како и да е, секако се работи за дефицит од соодветна политичка волја и навики, кои генерираат соодветна политичка комуникација и култура. А рака на срце фали и стратегија :).

Како релативен позитивен исклучок може да се наведе страницата на кандидатот за градоначалник на Скопје каде како граѓанин можам да дознам нешто повеќе за програмата и плановите, но проблемот и тука останува ист: ќе си прочитам и тоа е тоа, но како потенцијален активен граѓанин не можам да се реализирам: нешто да се праша, да се обрати канидатот, да даде објаснувања, да одговори на нејасните делови, да елаборира посодржајно за фразеологизираните сегменти, тоа јок.

Комуникациските канали на претседателскиот кандидат Иванов се разочарувачки. Големи икони за главните „social networking“ сервиси и едно големо ништо зад нив (особено Твитер сервисот кој е подобро да се избрише ако не се одржува и тоа од самиот кандидат, заедно со сите други кои по сила на темплејтот за партиски блог на блог.ком.мк имаат и твитер акаунт), Photobucket не е ажуриран и слично.

И на блогот на кандидатот за градоначалник на о. Аеродром, Ивица Коневски, убаво се гледа дека блогот може да се искористи како некоја онлајн архива на материјали (видеа, интервјуа, записи од митинзи), но не и како нов медиум по своите стандарди на поинаква комуникација и можности за контактирање со кандидатот. Ваквото правење блогови без клучниот атрибут на социјалните медиуми (непосредна комуникација) е навистина една чудна мутантна форма. Колку и да се обидуваат да ги средат графички, дизајнерски, па дури донекаде и содржински недостаткот е тој, елементарен и базичен. Не знам зошто толку е тешко да се разбере ова во тимовите на комуникациските стратези на партиите, но за жал ништо не се менува на тој план. Останува пораката дека „кандидатот е привремено недостапен за јавноста“. Ако се ракува со тебе на митинг, тоа ли е нивото на дозволена комуникација? Па тоа го имавме и со Јосип Броз, нели?

Бидејќи владеачките партии се некако најизложени на интересот на јавноста, еве и преглед на онлајн активностите и на ДУИ. Веб страницата на ДУИ е скромничка, благо кажано. Информациите се застарени поприлично, а линковите до веб странците на кандидатите за градоначалници водат до нивни „онлајн постери“? (1, 2, 3…). Патем, овие градоначалници како да се кандидраат за некои меѓународни избори, регистрираните домени се на .org. Сѐ на сѐ, навистина прескромно, дури и за онлајн присуство, како критериум. На кутриот, а почитуван, Буџаку ни линкот не му „работе“ :( Нешто посветли точки: Јутјуб присутноста, и достапност на програмите (so so).

Во таборот на опозиционерските партии важат истите критики, ако некој најде нешто по-social на нив нека каже, јас не гледам. Содржините не се прилагодени за новите медиуми, тие се пресликани од другите медиумски форми, извештаи/соопштенија за печат, интервјуа и слично.

Веб-панданот на Бихаќка е нешто пофлешуван од конкуренцијата, и дизајнерски е солидно налицкан. Во поглед на информативноста, „drop-down“ менијата со листите на кандидатите се еден вид исчекор во однос на локалните стандарди на веб-претставување. Линкувањето е ок, но не како што би требало, па од овде тешко ќе ги најдете личните страници на кандидатите (тие што ги имаат). Барајќи можности за граѓанска партиципација во комуникацијата, покрај сублиминалните про-ЕУ визуелни знаци, го најдовме овој фрагмент на веб-страницата на кандиатот на СДСМ/НСДП за Претседател:

Можности за интернет контакт

Во рамките на предизборната кампања, претседателскиот кандидат на СДСМ и НСДП, Проф. Д-р. Љубомир Фрчкоски, покрај редовните средби и посети на граѓаните ширум Македонија како начин на комуникација со него и изборниот го користи и веб сајтот www.frckozapretsedatel.mk. Официјалните снимки и видеа од настапи на претседателскиот кандидат се редовно upload-ирани на YouTube каналот специјално отворен за оваа намена: www.youtube.com/FrckozaPretsedatel.

Идејата е на место, а реализацијата? Сѐ уште во фаза на ветување, за жал: види контакт. Друга опција е да отидете физички во просториите на кандидатот, ами зошто, зошто, прашуваме, кога можеш од дома нешто да кажеш, предложиш, критикуваш, информираш…? Архивите и интегрираноста на разните материјали (снимки, записи, говори) и тука е форте на онлајн страниците, но за жал тоа за денешните критериуми на медиумска отвореност не е доволно, не е доволно европски ако сакате. Јутјуб присутноста е ок, може и подобро, но тоа е, барем за сега. Фото-галериите се слабо освежувани со нови материјали, што ја поткопува и самата поента на галериите.

Блог присутноста на опозицинерите е нешто послаба, не знам на која намера или стратегија се должи тоа, но чисто да се констатира. Блогот на претседателскиот кандидат е солид авериџ по трудот посветен на него, на нив ви се достапни агендите на активностите, и секако позадините кои можете да ги преземете. Блог-адаптација на содржини нема.

Ако појдете на Фејсбук и срчнете „градоначалник“ ќе ги добиете групите за подршка на кандидатите. Присутноста по политичка провиниенција е горе-долу балансирана. Јасно е дека „Фејсбук“ како политичко-комуникациска платформа се здоби со многу поголема популарност од претходните години заради низа фактори, но за сега не придонесува во подобрувањето на комуникацијата. Во овој конкретен случај повеќе се работи за пакување на истите еднонасочни пораки, отколку на ефикасно користење на овој комуникациски канал. Тоа се некаков вид дигитални билборди-ли, плакати-ли. на кои можете да си чкрткате и оставате пораки, но како граѓанин поединец не можете да дознаете ништо ново или ништо повеќе во однос на традиционалните електронски и печатени медиуми. Се разбира достапноста на овие информации ви е 24/7 во денот, но тоа е единствената особеност на новите медиуми која со сигурност можете да ја използувате. Додуша и на ТВ веќе ни се достапни 24/7, ама тоа е за друг муабет.

За другите само неколку зборови и информации, секако затоа што содржините им се прилично скромни: ДПА веб-страницата е сиромашна со информацииа самите избори или за своите кандидати, Брат Љубе исто така се труд, но обемот на содржини иако фино спакуван е скромен, „Нова демократија“ е присутна претежно на Јутјуб, но не и другде, и така во тој стил некако се држи и остатокот на политичките кандидати. Леле ќе го испуштевме Лазе и СДУ, чив сајт е прилично пицнат, и ги имаат наредено долу фенси логоата, но искажаните недостатоци кај другите и овде се присутни, истово важи и за единствениот блогер кандидат за градоначалник на Скопје, Мирјана Најчевска. Нешто повеќе можеби може да очекуваме од тој табор, но кампањата почна, времето тече, можат секако да се сменат нештата.

Заклучоци:

Добрата страна на овие избори е што се потврдува постапното јакнење на свеста за значењето на новите медиуми и онлајн комуникацијата. За жал, динамиката на развој не е на задоволително ниво, па некој посериозен исчекор од состојбите во 2008 не може да се регистрира. Повеќе се дебатира, поизразена е свеста за улогата на онлајн комуникацијата, но опипливи чекори кон ефикасно користење на новите медиуми нема. Ретко, ретко, може да се најде интелигентна и вешта употреба на потенцијалите на новите медиуми.

Најгенералниот заклучок е дека комуникациски мостови помеѓу политичките чинители и јавноста има, и тоа повеќе секако, но сите се онака со сомнителна издржливост и употребливост (како лијана- мостовите во Индијана Џонс серијалот), што често влијае да не ги употребуваме истите. Ситуацијата засега е таква што политичка дебата има, но јавноста не е дел од неа. Јавноста е прилично оттуѓена од процесот на политичка комуникација и во сегашни услови има улога на публика, но не и активен чинител во тој процес, што навистина е голем пропуст во функционирањето на едно демократско општество, барем во медиумска смисла. Активноста на јавноста е сведена во оставање коментари по групи за подршка, што во суштина и не е некоја промена или суштинска разлика во однос на оставање пораки по сајтовите на весниците, што не е баш некое сериозно демократско достигнување.

Онлајн активностите на политичките субјекти се сведени на онлајн претставување, но не и онлајн комуникација, тоа би бил главниот заклучок на овој наш преглед на оваа тема. Очигледно е дека јавноста сѐ уште е само дванаесетти играч на демократијата.

На крај, дакажеме дека со долгиов пост, не ја заокружуваме или затвораме, туку напротив, само ја отвораме дебата. Во најава ставаме уште согледби на овие теми, а во меѓувреме се работи на подетална анализа на сајтови на претседателските кандидати, повеќе инфомрации наскоро.

Stay tuned :)  Срдечно, Сеад и Дарко.


About Дарко Булдиоски

Дарко Булдиоски е ко-основач на NewMediaMK - Интернет маркетинг агенција и NewMediaCenter. Активно започна да работи во полето на новите медиуми пред 7 години како блогер, продолжи како предавач, консултат и тренер. Дарко слуша тека музика, игра баскет и се труди да биде најдобар татко.
This entry was posted in local, marketing, Society and tagged , , , , , , . Bookmark the permalink.

15 коментари на "Новите медиуми во политичката комуникација, епизода избори 2009"

Коментирај!