Media & Marketing Blog

Селфи – креирање на својот лик и идентитет пред другите

Само пред нешто повеќе од една недела бевме сведоци на врвот во одбележувањето на сегашниот период како „Eра на селфито“ (selfie). За интернет генерациите се работи за добро познат тип слика која царува на социјалните мрежи. Иако постаро како техника, селфито почнува да го забрзува својот подем во 2012 година, а во 2013 влегува и во Оксфордскиот речник  како збор на годината!

Повторното актуелизирање на селфито, по ерата на МајСпејс, доаѓа како еден вид технолошка предодреденост. Производителите на телефони ставија предна камера која покрај користење за муабети на скајп и вибер, е совршена за селфи, без грд блиц и ВЦ плочки во позадината. И така очекувано овие портрети станаа доминантни на Фејсбук и Инстаграм.

ultimate-selfie

Дополнето: Ultimate Selfie by @mufix

Популарното селфи претставува фото-метод за реализирање на она што го нуди Интернетот и новите медиуми: тоа овозможува креирање на својот лик и идентитет пред другите, така што ќе му угоди на корисникот во неговите желби каков сака да биде виден. Тоа отсликува еден вид засилено сраснување на технологијата и индивидуата, интензивирано вклучување на технологијата во нашата приватност и играње со својот идентитет пред другите. Се работи за игра со приватноста, и ироничен егзибиционизам во кој ние самите бираме како сакаме да си ја нарушиме сопствената приватност.

Нормално, за нешто да стане глобален мејнстрим, мора да се вклучат брендовите и нивните маркетинг кампањи со сите свои, пред сè финансиски, ресурси. Најретвитаното селфи од Оскарите доаѓа како круна на 2013 година, или година кога селфито стана широко употребувано во маркетинг кампањите. Сетете се на видеото со Меси и Коби за Туркиш Ерлајнс или на убавата селфи кампања на Хутерс.

#stepintoawesome слика од кампања на Hooters

#stepintoawesome слика од кампања на Hooters

Од своите иницијални фази, селфито почнува со масовно копирање добива особености на типична вирална интернет содржина која корисниците ја копираат заради забава, како што тоа беше случај со Харлем шејк или Тверкингот. Овие вирални содржини на корисниците им овозможуваат да преземат готов модел и рамка која лесно се изведува, и во неа на доволно креативен начин да внесат нешто од својата особеност и индивидуалност. Дури и ние (практично) истиот ден го репородуциравме популарното групно селфи заедно со милиони други низ целиот свет.

Но, селфито е повеќе од маркетинг алатка, од тренд. Тоа се вгради во нашата современа (дигитална) култура и веројатно нема намера да замине. Иако навидум сите изгледаат исто, дигаш телефон се сликаш ако ти се допадне сликата ја објавуваш, а ако не, тогаш се сликаш повторно, сепак не е баш така.

во пишување на постот учествуваше и @sead933

Тим од истражувачи, на чело со Лев Манович вотекот на 2013 година направиле истражување на 3,200 селфи фотографии од 5 града. Истражувањето наречено Selfiecity дошло до голем број различни наоди и заклучоци. Сите детали со совршена визуелна презентација можат да се видат на официјалниот сајт на проектот, а подолу се некои од нивните наоди и интервјуто со Лев кое задолжително мора да го погледнеш:

– Луѓето сликаат помалку селфис отколку што се претпоставува
– Жените се сликаат значително повеќе
– Некои градови (Банкок и Сао Паоло) повеќе се смеат од другите (Берлин, Москва Њујорк).

Ако те инспирираше постов да си мавнеш едно селфи сега, еве те частиме упатство како да го направиш тоа како што треба: Anatomy of the perfect selfie