Media & Marketing Blog

Гори мечка!

Ова не би требало да биде еден од оние постови во кои „Твитер агентурите“ нешто мрчат против вредните домашни новинари и нивниот лик и дело. Ова би требало да биде една илустрација како де факто функционира медиумското плуралистичко милје. Повеќе медиуми, пазар, конкуренција, би требало да ни понудат подобри информации? Па не баш.

Ете се случи еден интересен, но не така крупен настан:

Изгоре мерцедес кај МНР

И сега бидејќи се работи за инцидент со потенцијално големо значење и се 
случува во самиот центар на градот, многумина би очекувале да добијат целосна информација, која би ја вклучила и визуелната, која во овој случај е мошне важна за да се процени самиот настан, штетата, дали има некоја сериозна импликација од инцидентот, изјава од некој надлежен, информиран, сведок или слично.

Елем, ништо од тоа, добивме информација отприлика ваква (кликни на фотографијата за покрупна копија):

„Противпожарнтие служби не успеаја да го спасат мерцедесот кој е целосно уништен“.

„Возилото е целосно уништено, а полицијата врши увид“.

„Се проверува дали била поставена експлозивна направа во возилото“

И така редум. По овие драматични информации, еден од медиумите „се осмели“ и излезе на терен, па даде поцелосна слика што всушност се случило: „Изгоре мерцедес кај МНР“. Вистинската слика беше каде-каде различна од драматичните, непрецизните, непроверените, ископираните полу-информации пласирани во мнозинството од домашните медиуми:

Заклучоци? Очигледното конкуренцијата не ги мотивира нашите медиуми да соберат подобри и поквалитетни информации кои би им ги понудиле на корисниците. „Горат“ во брзината да пласираат каква било вест без квалитетно да ги обработат постоечките информации, да ги проверат и надополнат. Горат и во наклонетоста кон сензационализам, драматизација, кревање паника и копирање на постоечки информации без наведување извор, изјава, контекст или друга поткрепа на веста. Тоа е тоа, колку да си знаеме до кај им е чергичето и за тоа колку можеме да се потпреме на нив.