Media & Marketing Blog

Поубавата страна на Твитер

Нема да пишувам каков бил Твитер порано, колку бил добар и поубав и поинформативен и колку подобро го користеле старите генерации. Иако се согласувам во голема мерка со тоа и ја чувтвувам истата носталгија понекогаш како онаа опишана во постот на @ribaro, но како што и сама кажав новите генерации се се побројни и си имаат свој начин на користење на Твитер.

И нема да зборувам за разликите помеѓу прва, втора, трета итн. Твитер генерација, зошто ми е тотално нонсенс и неблагодарно да плукаш по нечиј начин на функционарање правејќи го твојот подобар. Твитер многу се измени од времето кога ние, околу 50тина луѓе ја пронајдовме мрежата и бевме жедни за нешто ново. Ние го користевме на свој начин, по нас дојдоа уште 100тина други кои донесоа друга свежина и други насоки, по нив дојдоа уште десетици други кои си донесоа свој начин на употреба. И без разлика дали Твитер се користи на овој или на оној начин едно нешто остана константно: Твитерџиите се жедни и секогаш подготвени да помогнат некому.  Кога го пишав насловот на постот, мислев токму на ова.

Низ времето видовме многу акции, кои сите одлично ги знаетe и секогаш ќе се споменуваат: #протестирам, #елкамк, #топлина, #солидарност итн, итн… Овие денови актуелна е #крводарители.

Втора крводарителска акција на Твитер заедницата

Утрово ги слушав на радио и ми се бендиса муабетот за минатогодишната акција за дарување крв каде се појавиле 102 крводарители, од кој 75 биле прифатени. Според лична проценка на @IceManAndov (еден од организаторите), минимум 50 од овие луѓе биле Твитерџии. И освен што ова навистина е за восхитување, јас ќе ја анализирам овогодинешната акција од друга страна: колку е клучен Твитер за организирање на една ваква акција. Секако не го запоставувам и Фејсбук бидејќи како што @ivogievski рече: На Твитер информацијата побрзо се шири, на Фејсбук подолго трае. И вистина се согласувам со муабетот.  Деновиве сме сведоци дека ги има и по ТВ, радио, печатени медиуми, но акцијата тргна од Твитер, се шири на Твитер и од тука се пренесува и по други канали. Малку да го изразиме тоа во бројки. Организаторите на акцијата направија посебен Твитер профил @krvodariteli

@krvodariteli

До сега има само 293 следбеници, но според time.mk досегнал до 30959 корисници кои time.mk ги следи во својата база. Според бесплатната алатка за статистики tweetreach последните 50 твита од последните 17 часа поврзани со #крводарители даваат уште поимпресивни бројки.

#Крводарители  TweetReach

Секако тука голема улога си има и „популарноста“ на Твитерџиите кои се организатори на настанот @ivogievski, @IceManAndov и @IrenaMila и придонесуваат за поголем досег на кампањата.

Исто не е за потценување и Фејсбук, со кој преку креирање на настан акцијата во моментов стигнала до повеќе од 7000 луѓе кои се директно поканети. Од нив 278 веќе кликнале Join што значи сите нивни пријатели ја добиле оваа информација на нивниот ѕид. Ако го земеме предвид фактот дека просечниот македонски корисник на Фејсбук има помеѓу 200 и 300 пријатели, значи настанот достигнал до најмалку 55600 корисници. Ако ги земеме предвид и другите објави во електронските медиуми овој број ќе стане уште поголем.

И ако само 1% од оние до кои досегнала акцијата се појават и даруваат крв, за мене е повеќе од успешна. Но за тоа, потоа ќе дискутираме. Сега може само да препорачаме да ја поддржите акцијата и секој кој се чувствува подготвен да дарува крв. Особено се поттикнати оние со негативен Rh-фактор.

1911899_10152100974162054_817884673_n

А сите заедно може да помогнеме оваа акција да досегне до уште повеќе луѓе, едноставно со споделување преку нашите профили на Интернет.