Media & Marketing Blog

Ајде да се лајкуваме

“Лајк” е зборот кој обележува една,  па и повеќе, генерации на Интернет. “Лајк” е зборот кој е позастапен од зборот “брат” во секојдневно муабетење. Тоа е збор што протурка кампањи кои останаа запаметени и зборувани долго по нивното емитување.

Колку пати сте се заинтересиле, прашале, анализирале колку лајкови има одредена Facebook страница? Колку пати некој ве прашал колку лајкови има вашата страница? Колку пати одреден клиент ви дошол со барање за активност која ќе ги зголеми фановите (читај лајковите) на неговата страница? Секојдневно нели?

“Лајк” е зборот кој е суштински безначаен и безвреден кога зборуваме за враќање на инвестициите во маркетинг активности. Тешко и оди на нашата публика да го вреднува значењето на вклученоста повеќе од значењето на „лајкувањето”. Луѓето што кликнале лајк на одредена Facebook страница ретко стануваат активни и кликаат лајк на постовите, споделуваат, коментираат, и се вклучуваат во дискусија. Без вклучување во некаква интеракција, самото кликање лајк на страницата е суштински безначајно.Она што може да ви донесе вредност и враќање на инвестициите е токму вклученоста. Facebook публиката, фала богу, сака да се вклучува во активности, доколку има повод за тоа. За успешно да се дефинира повод кој ќе води кон остварување на некоја од вашите бизнис цели, треба добро да се анализираат и задоволат интересите на публиката. За да се дефинира добар повод треба да се стигне и до луѓето кои не се ваши приватни пријатели или вашите вработени, тие секако знаат што работите.

Често гледам како одредена активност  на Facebook страница се упорно се шири од вработените во компанијата и нивните пријатели. Колку пати сте игнорирале вест кога ќе видите дека масовно се „лајкува” од едни исти, најчесто вработени во самата компанија, или пак  други директно засегнати од активноста? Веднаш си помислувате “тие мора да го прават тоа бидејќи им е работа”. Пред активноста да се лајкува и да биде раширена од некој директно незасегнат фан на страницата, нејзината вредност не може да биде спознаена од останатата публика. Доколку вредноста на активноста не е спознаена, не може да привлече публика која вам ви е потребна. Доколку активноста не ја привлекува вистинската публика, тогаш нема да предизвика интеракција и вклученост. А доколку нема вклученост, тогаш лајковите/фановите на вашата страница се апсолутно безначајни за вашата активност.

Наравучение, избегнувате самостојно да ја споделувате вашата вест преку приватните профили, пред нејзината вредност да биде спознаена од останатите фанови на страницата. Не терајте ги вашите вработени да ги спамираат своите пријатели преку споделување или повикување да кликнат безначаен лајк. Креирајте содржина и активности кои ќе ги задоволат интересите на вашите фанови, ќе привлекуваат повеќе фанови, и најважно од се, ќе ги натераат да се вклучат во муабет на вашата страница. Само така вашата активност ќе ја добие заслужената вредност и ќе може да ги оправда инвестициите кои сте ги направиле. Само така “лајкот” ќе го заслужи своето постоење и ќе ја исполни вашaта бизнис цел.