Media & Marketing Blog

Пропагандни техники во Македонија (2)

Дефокусирање и врамување

Чест метод за искривување на медиумското претставување на состојбите е дефокусирањето од определена тема. Во овие случаи темата наместо да биде квалитетно покриена со информации или аргументирано анализирана, се проширува со низа други навидум поврзани теми кои се доведуваат во позиција на аналогија (сличност) или каузалност (причинско-последичка поврзаност).

„Во Македонија од политички или од финансиски причини гаснат медиуми сите овие 20 години. Од дневниот весник „Република“,кого го уништија монополите на (пост)комунистичката власт, до „Експрес“ и „Македонија денес“ кои згаснаа горе-долу пазарно, преку неделниците „Епоха“ и „Збор“, до „Денес“ и др. Не се само „Глобус“, „Време“ и „Шпиц“ тие што во Македонија го „изеле стапот“! Новинари, натаму, отпуштаа и ќе отпуштаат и газдите на „Фокус“и на „Форум“, на „Макфакс и на „Нова Македонија“, на „Алсат“ и на „Канал 5“, на „А1“ и на „Сител“… Не се само весниците на ВАЦ „канибали“ кои станаа ексклузивно мезе за новинарскиот синдикат!“

Системски, дефокусирањето може да се изврши ако наместо да се покрие одреден случај со информации, акцентот му се дава на некој друг настан со цел првиот да се поттисне или маргинализира. За таков тип на дефокусирање станува збор и во култниот филм „Wag the Dog“ каде во една „хиперболизирана“ варијанта се опишува како „започнувањето на војна во некоја далечна земја, е добра техника да се сврти вниманието од приватните скандали на Претседателот“. 

Додека, дефокусирањето e вметнување нови информации или наметнати асоцијации за да се загуби прегледноста на актуелните настани, кај врамувањето, пак, се користи фокусирање на дел од настаните, со цел од реалните околности и настани да се исклучи, маргинализира или релативизира значењето и ефектот на одредени фактори кои се суштински дел од тие настани. Со ова гледачот или читателот ја губи крупната слика од предвид и е наведен да гледа само одреден аспект од прашањето (често измешан со шпекулации и претпоставки) кое одговара на оној за кого се врши манипулацијата.

Често, најавите на прилозите се најупотребуваниот метод за манипулациско врамување на информациите. При ваква употреба тие вршат функција на насочување на интерпретациите, фаворизирање на субјектите кои се присутни и засегнати од содржините, како и наметнување определени заклучоци и ставови. Во теоријата се познати многу примери, а еден од нajанализираните е примерот кога во случај на фабрика која ја загадува околината медиумите известуваат само за тоа колку таа фабрика е важна за локалната економија и колку семејства се хранат од нејзината работа.

Еден од многуте примери од домашните медиуми кои беа регистрирани како користат врамување е случајот со т.н. „инцидент на трибина во Брисел“ каде од овој настан е прикажан само еден дел (напуштање на трибината на неколку новинари од Македонија и вербалното препукување заради наводно недавање право да се учествува во дебатата и навреди), а не е прикажан делот во кој модераторот на трибината им вели на овие учесници дека „можат да учествуваат на неа, но бидејќи се непријавени за истата, тоа ќе мора да го направат на крај по пријавените дискутанти“.

Пропагандни техники во Македонија (1)