Media & Marketing Blog

Злосторство, самоказна и медиуми

Во кус временски период се случија три морничави злостори, со речиси идентично сценарио, во кои беа брутално застрелани невини луѓе: четирикратното убиство во Чешка, извршено од македонски државјанин, убиството па самоубиството во Скопје и убиството па самоубиството во Охрид.

Сите три извршени од „љубовни“ мотиви на наежавувачки начин ни ја потврдија уште еднаш блискоста на еросот и танатосот. Но, овде не ми е цел да зборувам и расправам за парадигмите на европската цивилизација, ниту за Ромео и Јулија синдромот, туку да го поставам следното прашање: дали се овие убиства некако поврзани помеѓу себе, освен според мотивот (љубовна одмазда)?

Цврсти судски докази за ова нема, никогаш нема ни да ги има, зашто таква истрага никогаш никој нема ни да поведе. Но, искуството на нас кои ги следиме медиумите е дека во светот на бруталноста ништо не е случајно.

Медиумското форсирање на црната хроника е во голем и загрижувачки подем. Неа некогаш можевте да ја најдете на 7 или 8 страница на Вечер и Нова Македонија, но денес таа е рубрика која доминира со ударните вести и насловните страници на сите медиуми, без исклучок. Бруталните слики од местата на злосторствата, „возбудливи репортажи“ од лице место, интервјуата и пикантните детали се врв на новинарскиот ангажман, со цел медиумско владеење со нашата свест преку страв. Стравот е најсилното оружје на секој медиум.

Сега освен стравот, последица на доминантноста на црната хроника во медиумите е нешто што е природен дел од човечката психологија, аналогијата. Тоа е онаа секојдневна појава кога група луѓе стојат на пешачки премин и кога еден од нив „ќе пушти нога“ да ги сопре возилата и другите по него полесно пуштаат нога и поминуваат на пешачки. Или пак малку повалкано, кога ќе видите пред себе како десет луѓе фрлаат ѓубре на улица и вам ви станува полесно да го направите истото. Логиката е, ако другите, или речиси сите, го праvат тоа, зошто не и јас, особено ако тоа ќе ми понуди решение за некоја мака која ме преокупира, вака или онака?

Трета работа е кумулативниот ефект од ваквата пракса (форсирање на криминал и злосторства) и визуелните бомбардирања, кои резултираат во одредена „фасцинација со криминалот и девијациите“, која пак излегува од секаква рационалност и контрола.

Мојата теза е дека во овие три случаи се работи за една токму таква медиумски овозможена аналогија. Зарем е толку неверојатно дека извршителите на овие грозни дела ги гледале истите медиумски слики како и ние, биле под нивно влијание, и во лошиот микс на својот личен очај, форсирањето на овие теми во сите медиуми, човечката аналогија како потсвесен фактор, сето тоа ја исцедило „капката“ која ја прелеало чашата?

Одговорноста мора да се лоцира, луѓето мораат да се заштитат, новинарите мораат да бидат општествено одговорни, регулаторните тела да имаат инстантни, краткорочни и долгорочни мери и постапки со кои ќе го оправдаат своето постоење, а уредниците мораат да водат сметка каква слика им праќаат на гледачите за светот во кој живееме.

Колку жртви се потребни за да на некого му текне да ги опомене медиумите за известувањата за криминалот и девијациите, ккао што тоа рутински се прави во остатокот од светот? (Media warned over crime reporting, BBC).

2 коментари на “Злосторство, самоказна и медиуми”

Коментарите се затворени.