Media & Marketing Blog

Ха-ха!

Денес во 11 на „Сител“ одеше реприза на политичката емисија „Ние“. Гледањево на спомнатава реприза беше повод, секако не и единствена причина, за овој пост. ОК, „фино-лепо“ дискусија на угледни директори и педагози во контекст на, благо кажано, проблемите во образованието, и не е така лоша идеја, а некој би рекол дискусии и дебати на оваа тема само можат да придонесат за подобрување на состојбите и решавање на истите, и така натаму, и така наваму. Но, доминантните поенти и на оваа емисија и на сродните дебати се, дајте, да се седне, да разговараме, да се направи семинар, да се собереме во Охрид…Не ми се верува, вакви тотал-комуњарски пристапи и состаночења за да се побараат нови состаночења, кон решавање на алармантни проблеми можат да се споредат само со проактивноста на „People’s Front of Judea“ кога го сардисаа и грабнаа Брајана од „Life of Bryan“.

Ако кај оние што решаваат и треба да решаваат владеат конфузија и незнаење, тогаш кај медиумите, кои и на овој блог беа истакнати како еден од најдоговорните фактори, доминира синдром на „секое чудо за три дена, ептен доста“. Ставете се во позиција на „конзумент“ на вести од медиумите кој за серијата сексуални скандали по училиштата и за серијата инциденти и тепачки, вклучително и едно убиство, дозна исклучиво од медиумите. Што се случи потоа, што направија одговорните од училиштата и министерствата како мерки за санкционирање и превенција на такви инциденти? Неколку вести за повеќе полицајци и патроли и толку.

Што се случи со актерите? Го избркаа ли од училиште ученикот што го уби својот соученик? Или каква друга казна добил? Што треба човек денес да направи за да го избркаат од училиште? Што се случи со „таленираните тројно х актери“ од училиштава? Следејќи ги медиумите на овие теми станувате свесни дека тие емитуваат само една порака, особено видлива од младите, „направете некоја невидена глупост, ќе се дигне прашина и никому ништо“. Каде се новинарите да известат за нешто побитно од политичките тривијалности од типот коалиционерите седнале во „Воденица“на ручек?

Нелсон

Мене состојбата со локалните медиуми ме потсетува на еден лик од „Симпсонови“, Нелсон (Nelson Muntz), кој има чудесна способност секогаш да се најде во сцените кога нешто бизарно се случува и со прст кон настраданиве и засегнативе ќе им се изнасмее и фати сеир. И потоа го снемува, до некоја следна можност за реприза на истово.

5 коментари на “Ха-ха!”

  1. Томе

    Ух, знаеш како бегам од такви емисии… даљинското ми е споро од што сакам брзо да го сменам каналот. А имаш право, последно време медиумите се дежурен кривец за сета неспособност на тие што треба нешто да работат! „медиумите ни ги трујат децата“ – како не бе, а инаку вие дома само за лептиричи и медведичи им зборите! Добро сега, не е се црно бело – на пример, во саботата Скајнет си го пушти „Збогум на 20тиот век“ во ударен термин усред ден – и син ми на поминување го виде Лаза Ристовски како дедомраз, па се залепи да го гледа. Додека да стигнам да сменам, дедомразот фииино си попи едно 50 боксови и шише од шампањско по глава.

    ОК, зборот ми беше – на страна новинарите (for now!). Таа „проактивност“, тој СИНДРОМ од типот на People's Front of Judea, е директна причина што работите не мрдаат и нема да мрднат од нула. Нека одат бе, имаат темпус програми, донации, проекти, аман веќе – од сите тие работи ништо не се учи? Само кај нас се случуваат вакви работи па затоа сме парализирани? Министер? Советници за образование?

    И Judea People's Front се издајици!! 🙂

  2. Ико

    Ај да се договориме за да седнеме да се договориме кога да се видиме за да се договориме кога ќе се договараме што да праиме…

    Таква ми личи работава…

  3. Константин

    Не ја гледав емисијата, но некако се поклопиле термините со еден мој текст во кој зборувам и за тој феномен на дебати и дискусии кои секогаш завршуваат со обилни ручеци, а образованието или било кој друг проблем си трпи и си чека.

    Во поткрепа на People Front of Judea, само еден пример. Тие што се експерти за состаночење на секои 4-5 години вршат реформи во образованиет(како ќе добијат грант од странство). Баналноста на тие реформи почнува со самиот наслов. Имаве гимназиско образование, па после реформите тоа доби име “реформирано гимназиско образование“ потоа одново беа напраени реформи и се создаде системот “реформи на реформираното гимназиско образование“. Мислам дека после ова секој еден може да ја погоди наредната фаза на образованието. Ќе се соберат неколку “фронтови“ се осеќа во воздухот. 🙂

  4. darko156

    Пред некој ден ме убедуваа дека новинарите и луѓето по медиумите си ја знаат работата, и дека знаат дека не треба да работат така како што работат, ама биле под притисок или биле под нешто друго или нешто друго имале оставено под кирија и затоа се што учеле во школо таму не можеле да го применат.

    Сакам да верувам дека е така, може за одредени случаи и навистина да е така. НО ТОА НЕ Е ОПРАВДАНИЕ ни од далеку.

  5. sead93

    :)Да еве да речеме Пандев у сабота во ЗГ излезе сам пред гол и оп, утне празен гол и после почне: „Си ја знам јас работата, и знам дека вака не се прави тоа, ама не можев да го применам тоа што вежбав на тренинг…:)“

    Јавна работа, платени се, значи треба да бидат професионални, има регулативи и тоа е тоа…тие треба да мислат на стандардите повеќе отколку публиката, која треба тук и там да ги потсетува на тоа.

Коментарите се затворени.