Media & Marketing Blog

Пропагандни техники во Македонија (3)

Лажно асоцирање

Лажно асоцирање е манипулативна техника во која два поими наменски се доведуваат во врска за да се постигне одреден содржински ефект, иако во стварноста самите поими не се во реална причинско-последична врска. Во определен број случаи кога постои формална или слаба врска, при манипулирањето таа се подвлекува, нагласува или интензивира:

Дел од новинарскиот еснаф излегоа да протестираат поради отказните решенија на неколкумина новинари. Но, најверојатно ваквите протести беа организирани поради згаснувањето на печатените медиуми на Велија Рамковски, кој ја прекина финансиската поддршка на неговите весници“,  МТВ 04.7.2011.

Паралогизам           

Паралогизмот е манипулативна техника на заклучок  кој може да фунционира логично само ако се гледа од еден изолиран аспект или гледиште. Ако пак темата или прашањето се контекстуализираат во својот причинско-последичен тек, тогаш станува јасно дека се работи за семантичка и логичка манипулација.

И што сега? Политиката создаде илјадници новинари заедно со стотиците медиуми, и политиката почна да ги уништува! Ништо пологично и полегитимно!“, Дневник, 02.7.2011.

               

Замена по блискост

Во макeдонските медиуми се бројни навидум ситни „синегдохични“ (дел-за-дел, дел-за-целина, целина-за-дел) замени кои имаат сериозни последици по интерпретациите на самите информации:

Премиерот Никола Груевски се извини два дена по убиството, а СДСМ обзнани дека убиецот бил негов поранешен обезбедувач“, Дневник, 09.6.2011.

Во овој случај изразеното „жалење за загубата и сочувство до семејството“ е заменето со „извинување“ што ги искривува фактите.