Media & Marketing Blog

[Инфографик] Реклами на пребарувачи и социјални мрежи

Налетав на еден супер инфографик кој ме потсети на времето кога работев многу повеќе Google Adwords а скоро ич Facebook ads. И си размислувам дали воопшто и треба да ја отворам темата за каква било споредба на нашиов пазар, иако порано многу пишував за тоа.

Од лична перспектива сметам дека толку малку услови имаме да експериментираме со било каков друг вид на рекламирање онлајн, на страна од банери и Фејсбук реклами, што е просто разочарувачки. Но од друга страна пак, анализирајќи ги резултатите, но и локалната публика увидувам дека скоро и да нема потреба да се експериментира, освен ако тоа не е лична желба на агенциите и брендот да ризикуваат и изнаоѓаат поразлични начини на функционирање. Дури кај нас рекламирањето на пребарувачи е скоро изумрен,  или воопшто нероден вид. Освен редовните рекламите на Студио Модерна, повремените на Групер,  Колектива и слични, и чат пат ќе се забележат и некои други, никој воопшто не се осудува да троши пари тука. И не сметам дека тоа е погрешно, но сметам дека толку малку го искористуваме потенцијалот и толку ретко се осудуваме да ризикуваме што и сами си го креиравме пазарот ваков каков што нѝ е.

Како и да е, во овој пост решив да го споделам инфографиков бидејќи фино е да знаеме што се случува генерално, малку настрана од она што сме научени редовно да го правиме на нашиот пазар и за нашата локална публика.

Kenshoo, Facebook Strategic Preferred Marketing Developer, го изработи овој инфографик, споредувајќи ги рекламите на пребарувачи со Фејсбук рекламирањето во првиот квартал на 2014та година. Неколку параметри се анализирани а главните заклучоци се следните:
– На Фејсбук цената по клик се зголеми за 35% споредувајќи од година во година, но се намали за 26% споредувајќи од квартал во квартал.
– Од година во година трошењето на реклами на пребарувачи се зголеми за 10%, а на Фејсбук за 37%.
– Приходите од реклами на пребарувачите пораснаа за 12%, а на Фејсбук за 191%.
– Бројот на кликови на реклами на пребарувачите се зголеми за 8%, а на Фејсбук за 1%.
– Цената на клик на рекламите на пребарувачи во во просек е $0.59, а на Фејсбук е $0.25.
2014-Q1-GST-and-FB

Она што ме интересира е кои се причините, на страна од финансиите кои ни се јасни како ден, зошто брендовите и агенциите скоро и да не го перцепираат како опција огласувањето на пребарувачи. Ако сте агенција или бренд, дали во вашата стратегија за оваа година има воопшто ставка за можно експериментирање со некој определен буџет за реклами на пребарувачи? Дали воопшто размислувате да пробате или резултатите покажале дека она што го правите до сега е сосема доволно и нема потреба за друго?