Media & Marketing Blog

Еден поинаков трол

Денес е хит да си трол, зaтоа што така нели си кул, привлекуваш внимание и стануваш битен… бар во твојата глава. И многу е важно да тролаш некој, особено брендови… тоа е модерно и така треба.

Се надевам ми ја сфативте иронијата во претходниот пасус, па не мора да се објаснувам колку мразам тролови. Можеби и мене ќе ми беа хит ако не го работев ова што го работам. И да не се разбереме погрешно, не се бунам ако некој критикува брендови, се разбира издржано. Се надевам сите сме на исто мнение дека тролање и конструктивна критика се дијаметрално спротивни работи. Исто така се надевам дека сите знаеме дека тролање не значи само различно мислење од твоето, во негативна смисла. Трол во својата основа значи некој кој се инфилтрира во одредена група да им го троши времето и да предизвикува емотивни реакции од луѓето, во негативен контекст, за да може да се чувствува битен.

Иако еве признавам дека многу често се восхитувам на нивото со кое одредени личности ги тролаат брендовите и се восхитувам што со тролање ја одржуваат својата популарност кај својата, условно речено, публика. Многу често и брендовите заслужуваат да бидат тролани. Но денес е најважно да бидеш трол, дури и кога имаш проблем кој очекуваш брендот да ти го реши. Е па знаете што, со тролање брендовите губат мотивација да ви го решат проблемот, уште повеќе да стапат во било каква дискусија со вас и на крајот само ве игнорираат, наместо да ви придаваат значење за да се чувствувате битни. Па тролајте си вие колку сакате. Или тоа е всушност вашата цел?

Деновиве налетав и на еден случај каде што брендот тотално изгубил контрола и секаква смисла за тоа што значи тролање. Се работи за официјалната Facebook страница на серијата Crisis. Под официјална, јас барем, подразбирам дека има задолжено лице кое ја контролира комуникацијата и е одговорно за сите прашања и коментари на страницата. Но за тимот на оваа серија дефиницијата за официјална Facebook страница веројатно е поинаква, бидејќи кај нив на страницата е општ хаос. И плус страницата е верификувана 🙂 Јасно ми е дека некаде целта е комуникацијата на страницата да биде поттикната од заедницата, но не до степен кога ти бега од контрола како што е и овој случај. Имено тука се појавил еден мастер трол, кој се однесува како да работи во NBC и одговара на секој коментар на страницава со својот личен профил, со интерни детали за продукцијата, за сценариото, за следни активности и сл. И се ќе беше во ред доколку деталите беа вистинити. Master troll on NBC Crisis Facebook page За иронијата да биде поголема, откако BuzzFeed го објави текстот, стигна нова информација од самиот Mitch Salm дека бил вработен во NBC и дека ова било дел од платена вирална кампања. Значи го плаќаат вработениот да се преправа дека е невработен и да глуми вработен, за да дава лажни информации за серијата?! Но овој факт не е официјално ниту потврден ниту негиран од страна на NBC.

Мој заклучок: и да е кампања и да не е, во двата случаи исклучително лошо сценарио и уште полоша егзекуција. Можеби BuzzFeed привлече внимание на страницата и на серијата, но и понатаму со сите сили негирам дека и лош PR е сепак PR. Па потепајте ме ако сакате 🙂