Media & Marketing Blog

„Вардар филм“ на SkyNet

Серијата на материјали од „Вардар филм-Скопје“ кои од неодамна одат на SkyNet е извонредно нешто и потег за поздравување. Стари материјали од продукцијата на Вардар филм и од Кинотеката на Македонија, во кои се прикажуваат стари пропагандни филмови од раните педесетти, од работни акции, бригадири и бригадирки, жетви и откупи на жито, сушење на мочуришта во Моноспитово, па тоа журки при откупот, па носење транспаренти, давање бонови и пазарување во локалната задруга.Фантастично, велелепно и супер-мега-грандиозно!

На мојот гледателски занес му нема крај, се дур’ не се појави еден познат и еден помалку познат расипувач на забави! Значи си седиш „фино-лепо“, можеби и си ја викнал баба си да се потсети на нејзините бригадирски денови и да си ги бара симпатиите, гледаш програмите на „Вардар филм“, гриц-гриц-лезети и слично, и од еднаш во пауза помеѓу два куси пропагандни материјали „улетуе“ „MadAss“ а „затим“ и „Вечер“, со своите невидено „креативни“ реклами (од револт линк јок 🙂

Значи, се појавува „Вечер“ и те заплиснува со нивните провокативни сентенци и фројдистички пораки, па ми ти вели: „Другите се добри, но не се долги како Вечер..дрн-дрн..Вечер гарантира дооолг однос!“. Чо’ече, па јели то могуче, друже Латас! Мислам човекот со неговиот јавно прокламиран фалусоцентричен, псевдо-мачоиден, мрсно-сељачко-балкански квази-хумор и јавна персона е prime suspect за ова рекламно злодело. Но, човек се прашува ако некој не разликува провокативност од невкус колку вреди да се критикува.

Рекламата на „MadAss“ е скандал за себе, реклама за мопеди, агресивно момче зима мопедот, урива што ќе му налета на пат, вози ко „Зидан“ од „Такси 1-2-3“, прикочува, зад него паѓаат едно две-три згради и поентира рекламава со „Луд си ако не возиш MadAss!“. Па кај е тука безбедност во сообраќајот. Имаш претпладне емисиите спонзорирани од Холандска амбасада и ОБСЕ за безбедност во сообраќајот, на истата телевизија, и потоа доаѓа „MadAss“ и решава дилемата кај младите гледачи како треба да се вози.

Па кај е тука Совет за Радиодифузија да каже нешто, да забрани, предупреди? Молам? Што? Советот ќе го укинуваат, т.е. ќе го трансформирале во едно регулаторно тело заедно со Агенцијата за електронски комуникации, па вработените се треселе дали ќе добијат места во новото тело и не им се критикувало сега многу, многу, особено не весници кои се збирка хвалоспевки за естаблишменто’. Бидејќи не можам да им дадам работа ако ги избркаат, не им сугерирам што да прават. А каде се сега јунацине што се испаничија дека Relax-рекламата на T-Mobile ќе предизвика ала-јапонско-шведски бран на самоубиства во земјава, или пак им се виде дека бунењето против некој-си-там ДООЕЛ, увозник и застапник за мопедов и не е така исплатлив потфат?

5 коментари на “„Вардар филм“ на SkyNet”

  1. Струмјан

    Убаво е тоа потсетување на минатото, само барем би ги превел на Македонски, а не гледам пропаганден филм за силата на воздухопловството под водство на Тито и тоа на странски јазик.

    А изгледот на рекламите во Македонија и кој сé прави и плаќа реклами е приказна за посебен пост.

    Имам пријатели во Советот, но лут сум на сé што Советот има „сработено“ во изминативе години на постоење.

  2. sead93

    Да, за жал има приличен број на непреведени материјали, што е грешка. А и „Советот“ е за посебен пост 🙂

  3. Баждарџијата

    Блог конферанција…

    Јас мислев ама Дарко го смисли името и би:  Конференцијата е во организација на првото 2.0 здружение на граѓани 🙂 наречено:   Бу…

  4. Оксиморон

    Македонска Блог Конференција…

    На 26ти мај, во просториите на културниот центар „Точка“ ќе се одржи првата МК Блог Конференција во организација на Центарот за Нови …

Коментарите се затворени.