Media & Marketing Blog

Имам, имам, немам, имам, иам… неам…

Мислам дека нема потреба да правам вовед за што е овој пост, така? 2014 Fifa World Cup Brasil е пред нас, поточно околу нас, скоро секаде каде и да е свртиш. Не знам дали затоа што и ние во @NewMediaMK собираме сликички или општо, ама ми се чини дека овој пат навистина многу луѓе собираат сликички.

Првенството е повеќе од еден месец далеку а еуфоријата веќе го одживеа својот прв бран. Можеби е тоа така заради социјалните мрежи и видливоста на комуникацијата, сега сето тоа изгледа посилно, повеќе, помасовно а?

slikici-NewMediaMK

Собирање, лепење и размена на сликици е традиционална работа, од времето. Panini се икона во овој свет. И сега се наметнува прашањето како во време на општа дигитализација оваа пасија се трансформира? Томку на оваа тема сакам малку да прокоментирам…

1. Албумот со сликици не умира

И покрај сите дигитални форми на складирање информации, заради некоја чудна, крајно позитивна, магија албумот со сликици уште никој не успеа да го истисне од животот на многумина. На средбите за размена на сликици (можам да посведочам за Скопје) има и мали деца, деца на кои ова им е прв албум а станува забор за деца кои растат во интернет светов.

Убаво е што не е се заменето со своја дигитална верзија. Си има своја убавина купувањето пакетчиња во различни населби, градови… кинењето на пакетчето, одлепување на сликицата и внимателното лепење на истата, на оној глупион дизјан кај стадионите.

2. Размената е побрза, полесна

Не планирам тука премногу да елаборирам, прво ќе вметнам неколку твитови и статус.

fb-status-slikici

Има уште многу вакви, доста се овие колку за илустрација. Моите заклучоци се дека сега размената оди побрзо, не само заради тоа што полесно и побрзо се наоѓаат луѓе кои не ги познаваш преку интернет туку и заради јавната достапност на списоците. Секој го гледа оној на другиот и самата физичка размена се случува побрзо на веќе договорени сликици. Лош ефект од ова е убивањето на мојот наслов… но што е тука е, таа фраза никогаш нема да умре (барем јас така се надевам).

Благодарение на интернетот и јавните собири се чини станаа помасовни. На Facebook фрчат настани за размена на сликици. Скоро секој ден, во секое маало… Не дека ги немало и порано, ама ете сега ни се повидливи и веројатно поефективни.

3. Офлајн сликците вредат и онлајн во дигиталниот албум

Третава точка веројатно е најважна во постов зошто баш тука дигиталниот свет доаѓа до израз. Panini (ако не се лажам) за прв пат за Светско првенство во фудбал има и оналјн албум. Спонзориран од Coca-Cola, овој сегмент одлично го поврзува офлајн со онлајн светот. Слично како и офлајн и во апликацијата си имаш свој албум и лепиш сликици. Секој ден добиваш по неколку нови пакетчиња а дополнително може да добиете со внесување на кодовите кои ги имаат некои од правите (офлајн) сликици. Мене оваа механика ми се допаѓа. Има и размена која ми се виде малку комплицирана, ама не дојдов до идеја како би можела да биде поедноставна. Во секој случај одлична е апликацијата и фино ги спојува двата света.

PANINI-ONLINE-STICKER-ALBUM

За жал Panini малку го изумиле фактот дека има и балканска екипа на првенството. Босанците веќе се снашле како да бидат први на листа, барем оваа дигиталнава, за на терен ќе видиме. Пред некој ден излезе информација како успеале да го хакнат системот и да добиваат нови сликици многу почесто а не само еднаш дневно. Еве ги деталите овде: Kako su Bosanci zajebali FIFU i Panini

Како за крај: Фудбал ми е далеку од омилен спорт. Лепење сликици не ми било пасија, да се разбереме, како дете секако дека сум собирал ама да не нè зафатеше оваа новава дигитална (соушл) еуфорија може и немаше да се наканам и да го пишувам овој пост. Во секој случај едвај чекам да ги залепиме сите сликици. Твитер вика дека @natalija ги нашла сите сликици за во нашиот албум, само треба уште да се случи и физичката размена.

А ти собираш сликици? Уште колку ти фалат? #АјСеМењаме

Овој текст е дел од акцијата на Coca-Cola System – Bloggers Network

5 коментари на “Имам, имам, немам, имам, иам… неам…”

  1. Филип

    Имаа и 2010 онлајн верзија на албум:)

  2. darko156

    Фала Филип. Не бев сигурен а не се ни консултирав. 🙂

  3. Dule

    Супер текстче, финко, да се одбележи оваа активност на секои 4 години. 🙂 Би дополнил само со нешто што мене ми фалеше, но можеби некои помлади генерации го правеле тоа (а јас да незнам), а тоа се игрите: на тапка и пар/непар. Баш ме интересира дали тие изумреа?

  4. Дарко Булдиоски

    Фала Дуле, немам поим дали живеат ќе прашаме некој од Аеродорм.

Коментарите се затворени.