Media & Marketing Blog

Кога треба, еве како да се извиниш

Да кажеш извини било најтешко. Јас не се согласувам со ова, ни приватно, а уште помалку пак професионално. Си згрешил, знаеш дека си згрешил, и пак ти е тешко да се извиниш?! Не разбирам, ама ајде да го прифатиме како некоја универзално прифатена „мудрост”. И ако ја прифаќаме како таква, тогаш уште потешко е да кажеш извини во име на бренд. Особено јавно и на социјални медиуми, a ако мора тоа да биде Твитер е тогаш мисли му ја. Ама кога веќе си згрешил на Твитер тогаш немаш време за мислење туку одма кажувај извини пред да те растргнат.

Е сега освен што мора да кажеш извини, мора да пазиш како зошто твитерџија богами тешко простува. Ама ако го направиш тоа како што треба не само што ќе ти прости туку и ќе ти биде благодарен за тоа и ќе те пофали. Вистински начин за кажување извини е легенда, ама можеш да се обидеш ако почитуваш одредени генерални правила:

1. Не се правдај

Кога веќе си се нашол во ситуација да кажеш извини, не го кажувај само за да се оправдаш. Ако почнеш да се правдаш тогаш не кажувај извини. Минатата недела пишував за US Airways. За тоа што им се случи не знам дали е доволно што се извинија, но јас ќе бев многу посреќна да останеа само на извини. Оправданието за uber #fail твитот за мене беше неприфатливо. А и самиот твит не бараше никакво оправдување, затоа што го нема 🙂

2. Не игнорирај дискусија

Ако веќе кажа извини, не треба да ја игнорираш темата во следните денови додека не се заборави инцидентот. Ако критиките продолжуваат а ти ги игнорираш само потврдуваш дека си виновен и дека немаш намера да се занимаваш со темата или да преземеш некаква акција. Со игнорирање само дозволуваш натаму да се разгори дискусијата и да посакаш никогаш и да те немало на Твитер.

3. Биди искрен

Ако веќе реши да се извиниш направи го тоа како навистина да го мислиш. И мисли го, инаку извинување дека така требало, не треба фала. Твитерџиите одма ќе те откријат дека се извинуваш само затоа што мораш и без да сакаш, и ќе ти вратат за тоа. Ако се извинуваш само затоа што мораш без да чувствуваш кривица и одговорност да се извиниш,  не се извинувај воопшто. Веројатно без да се извиниш ќе поминеш многу полесно, отколку да дадеш лажно извинување.  AT&T 9.11. tweet

 

4. Кажи извини 100 пати ако треба

Кога си се извинил, веќе си признаваш грешка и продолжи да играш на таа карта. На секоја вратена дискусија на темата потсетувај дека си се извинил и извини се пак ако треба. На секој поединечно, на сите групно, на кој и да треба, кој и да те пингал. И да продолжуваат со навреди и критика, остани смирен и доследен и не паѓај на провокации.

Реков дека нема да пишувам за лоши работи поврзани со нашиот пазар туку само ќе фалам брендови, па затоа ќе оставам на другите да кажуваат примери. Кога последен пат си кажал извини во име на бренд? Колку брендови ти се извиниле за некоја грешка?