Media & Marketing Blog

Дебати, клишеа и труизми

По неколку дискусии на социјалните мрежи за квалитетот на јавните дебати и за јазикот во медиумите, се обидов од поблиску да ги прибележам причините зошто овие програми често се критикувани дека се досадни.

Една од најчестите критики е дека медиумите се презаситени со дебати, а темите и гостите се повторуваат. Најголем дел од нив имаат слаба или воопшто немаат дополнителна продукција како поддршка на дебатите, и најчесто се сведува на седнување на маса на гостите и водителите. Продукциски, дебатите се веројатно најефтиниот тип на медиумски производ, што е важен фактор за нивната експанзија кај нас (заедно со контактните емисии).

Повторливоста и речиси непостоечката продукција зад нив, ги прави овие програми досадни, особено за помладите, на кои им е поинтересно следењето и водењето дискусии на Фејзбук или Твитер. Квалитетните телевизиски дебати и програми сè уште имаат клучна улога, особено во оддржувањето на дебатната и медиумската култура, преку еден вид лидерство во јавното дебатирање и водењето дијалог. И додека на Фејзбук или Твитер едноставно не оди на некого да му попувате како да пишува статуси или твитови, на професионалните медиуми колку-толку може да им се укажува како да се подобрува јазикот и медиумско-дебатната култура. 

Еден од клучните проблеми во јавното дискутирање,  е бришење на разликата помеѓу ФАКТ и МИСЛЕЊЕ. На социјалните мрежи, како подемократски форум каде секој може да се вклучи, тоа е масовна појава, фактите се користат минимално или само како поткрепа на личното, најчесто субјективно, мислење. Кај телевизиските дебати, како платформа каде доминантно учествува новинарската, политичката и експертската елита, иако во помала мера, правење разлика помеѓу факти и мислења, исто така е проблем. Често, во вести, дебати и други програми, на пример, човек претставен како стручно лице, експерт, кажува некој свој личен став и тоа се прикажува како „анализа“ или фактичка информација, а новинарите не водат доволно сметка правилно да ги контекстуализираат овие информации. 

Понатаму, комуниколошки гледано, честа појава во медиумско-дебатниот социолект или жаргон, се долгите сложени реченици. Што подолга е реченицата, тоа подобро. Ова е еден остаток од т.н. „Кардељов синдром“ (сите сакале да пишуваат како другарот Кардељ, долги реченици, длабоки мисли, сложени конструкции, тешки думи да развијат). Денес за настапи во медиумите, особено на оние кои стигаат до нас преку онлајн палтформите, златни правила се „краткост и едноставност“. Едноставноста и директноста се доминантен комуникациски принцип, кој не трпи многу компромиси.

Исто така, честа е претераната употреба на англицизми и интернационализми. Не е проблем да се употреби интернационализам каде е тоа прикладно (интернет и демократија, наместо меѓумрежа и народовладение, на пример), но проблем е кога странскиот збор се употребува како дел од некаков „повисок стил и стручност во изразувањето“. Ова му доаѓа нешто како употребата на францускиот јазик во романите на Достоевски и Толстој кај ликовите аристократи. Не гледам зошто е толку подобро да се каже дискурс наместо говор, или наратив наместо јазик? Замислете некој наместо „реформски приоритет“ да каже „преобликувачко првенство“, колку ли тоа звучи смешно? Колку е посмешно, толку е потажно колку е преценет англискиот јазик, а потценет домашниот јазик.

И конечно, многу важна јазично-комуникациска одлика: употреба на многу клишеа и труизми.

КЛИШЕ е претерано користен, банален начин на изразување или употреба на стереотипен израз (фраза). Наместо да ја отслика повторливоста или општоста на некоја појава или однесување (како на пример при добра употреба на ПОГОВОРКА), клишето го користи јазикот да создаде привид дека е кажано нешто издржано или на место.

ТРУИЗАМ е изјава која е точна, но толку очигледна што не кажува ништо ново, ниту интересно.

Ова се јазични изрази кои наместо да сумираат некој сложен проблем или да го поедностават за полесно разбирање, всушност имаат неколку функции:

1) КОМУНИКАЦИСКА – (а) Се користат како „заклучно поентирање“ и за затворање на разговорот или дискусијата (крај на муабетот), (б) Наместо „не знам“, се користи клише или труизам за прикривање на незнаење или за недоволно знаење.

Примери има многу, но нивниот ефект е различен: Едно е да слушнеш „Сите мажи се исти!, да се согласиш со тоа или не, наспроти тоа да чуеш од доктор: „На нервна база ти е“, и потоа со месеци да голташ погрешни лекови.

2) СИМБОЛИЧКА – Ако го користам изразот, поседувам некое повисоко знаење (ЗНАЛЕЦ!) или стручност (ЕКСПЕРТ!). Пример, „Фали стратегија!“.

3) ИДЕОЛОШКО-КУЛТУРОЛОШКА – Се користат како средство за „мисло-блокирање“ (Thought Stoppers). Тоа се зборови или фрази кои обесхрабруваат критичко мислење и разумна дискусија на некоја тема. Обично тоа се труизми или клишеа кои навидум нудат едноставни одговори на комплексни проблеми, но всушност го блокираат понатамошното (критичко) размислување и дејствување (акција). Има еден куп вакви изрази:

  • Кај нас нема истражувања
  • Потребна е подетална анализа
  • Неопходна е стратегија
  • Неопходно е да се подигне свеста за ова прашање
  • Легислативата е добра, но недостасува нејзина примена во пракса
  • Треба да се работи на капацитетот на институциите
  • Институциите треба длабоко да се реформират

Наместо да се продолжи со подетално анализирање, во смисла „што понатаму“, овие изрази ја затвораат дискусијата и ја вртат во круг. Овие „мисло-блокатори“ се чести во политичкиот и новинарскиот јазик, како на пример: „Потребно е целосно да се имплементираат препораките на Прибе“ или „Владата треба целосно да се посвети на реформските приоритети“. Овде клучните поими „препораките на Прибе“ и „реформските приоритети“, се толку истрошени и апстрахирани што веќе малку кој од нас разбира што всушност тие значат.

Употребата под број 3 е многу честа појава во јавни дискусии, дебати и полемики. Таа е наследена од претходниот систем на едноумие и многу неодговорно им се пренесува на помладите како нешто „нормално“. Некогаш се користат со намера да се прекине непријатна дебата, некогаш да наведат кон одредено мислење, но најчесто по навика (сите така прават!). Но, во суштина не се работи за навика, туку за „комуникациско условување“ (conditioning) по пат на повторување.

Што е суштината на овие комуникациски пракси?

Јазикот и културата се тесно и нераскинливо поврзани. Јазичната пракса ја отсликува, но и ги оддржува културата и менталитетот. Претерано користење на клишеа, труизми и стереотипи, особено во медиумите и во јазикот на „експертите“, има клучна улога во оддржување на статус кво. Зборовите не водат кон дејствување, туку ја прекинуваат врската во тријадата „идеја-збор-дело“. Никако да се прескокне јазот збор-кон-дело. Можеби затоа транзицијата никако да заврши, а реформите доживуваат десети изданија и промени на хартија.

Исто така, овие појави помагаат во оддржување на поданичкиот менталитет. За ваквата употреба на јазикот, пасивизација и контрола, пишувал Роберт Лифтон во „Thought Reform and the Psychology of Totalism, 1961”: „Јазикот кој користи клишеа за блокирање на мислењето (thought-terminating cliché) сложените проблеми ги сведува на редуктивни фрази, кои лесно се помнат и лесно се изразуваат, а со нив почнува и завршува секаква идеолошка анализа“. Со други зборови, јазикот ја контролира мислата, а не ѝ служи на мислата. Оддржување на статус квото, според него, поттикнува пасивност и апатија, а тие ги потхрануваат поданичкиот менталитет („Наведната глава сабја не ја сече“, народна поговорка) и колективизмот („Во стадото смрди, но затоа е топло“, Мирослав Крлежа).

Leave a Reply

Твојата email адреса нема да биде објавена.