Media & Marketing Blog

Реално шоу, реални последици

Британскиот печат деновиве извести за трагичната сторија на една учесничка во локално „реално-шоу“ („Колонија“, изведено на остров во Австралија), која според нивните наводи извршила самоубиство. Станува збор за 17-годишната Карина Стивенсон (Carina Stephenson) која била пронајдена мртва блиску до нејзиниот дом неколку часа откако на своите родители им кажала дека излегува на прошетка. Весниците понатаму наведуваат дека Карина откако учествувала во „реалното-шоу“ се чувствувала невротично и била под силен психолошки притисок кој прераснал во сериозна психолошка криза. По овој настан психолошките влијанија на ваквите шоу емисии во вообичаено ригорозната британска јавност секако ќе бидат подложени на зголемено внимание и критика, но дали тоа ќе биде доволно за да воопшто се загрози цврстата медиумска позиција, популарност и исплатливост на овој нов „тв-еснаф“? Последиците (видливи и скриени) врз учесниците (но и врз гледачите) се нешто што во еуфоријата на нашето тв-време се гледа само post festum, додека ретко кој од нас е подготвен да разбере или да побара одговор на тоа што значи да живеете со денови (24 часа) неуморно следени од гладното око на јавноста, да бидете предмет на задоволување на ослободениот воајерски злодух на другите жеден за „опсценост“, скандал, провокативност и слично. Секој во таа игра навидум е свесен што добива (организаторите профит, учеснците награди, забава, популарност, задоволства, гледачите забава, сеир, ниски задоволства), но што секој од нив губи во таа игра? Имам чувство дека одговорите не се многу пријатни за слушање.