Зошто Microsoft не ја признава Македонија?

Непосреден повод, но не и единствена причина, за ова пост писание е колумната на Филип Петровски во „Утрински весник“, под наслов „Кирилица на интернет“.

Во текстот, и покрај тоа што има доста ИТ-лаицизми (да не влегувам сега во „гиковска“ материјална расправа), сепак се поставуваат неколку важни прашања на кои вреди да се даде осврт, од причина што покажуваат некои специфики на интернет културите и прашањата на иденитетот во кибер просторот. Во текстот се вели:

Како да се напредува во информатичката технологија, а притоа да се зачува кириличното писмо. Најпрвин треба да се одговори на прашањето колкава е употребата на македонската кирилица на Интернет? Пребарувајќи по македонските веб-портали, може да се заклучи дека Македонија сѐ уште нема доволна Интернет-понуда, која би ги задржала корисниците на македонските домени…

Пред некој месец и на веб-сервисот за дружење „Facebook“ имаше иницијатива за поголема употреба на кирилицата и директна покана за тоа да се употребува само кирилицата и во имињата и во комуникацијата.

Значи „да ја зачуваме кирилицата“ е сосема утнат наслов за оваа иницијатива и ѝ дава некаков непотребен јуриш-кампањски набој што малку ја саботира самата идеја која во суштина секако е на место. Суштината е „зголемувањето на содржините на македонски јазик на интернет“, тоа е вистинското прашање, а не употребата на кириличното писмо. Ако имаш повеќе содржини на македонски јазик, кирилицата секако ќе следува природно. Во таа смисла кампањата и повикот за зголемување на свеста во оваа поширока смисла е в ред, но е некако бесполезна, затоа што во сосема мал број (негде по чатови, во микро-приватна комуникација?) луѓе пишуваат македонски на латиница. Повикај ги луѓето да оставаат повеќе содржини на интернет за Македонија, да партиципираат повеќе на Википедија и да приложуваат квалитетни содржини кои недостасуваат, видео содржините на Youtube да ги тагираат и насловуваат на македонски јазик и кирилица, дај им насоки кои сфери на интернет-содржини се важни, а кај нас отсуствуваат и слично. Наместо ваква содржајна и зрела лидерска ролја во некаква потенцијална и општокорисна акција, се нуди една ачик празна вербално-патриотска формула (да ја зачуваме кирилицата) која сума сумарум не помага нешто многу-многу. Типично за работите кај нас.

За жал се открива несвесноста и на оние кои повикуваат на зголемена свест, за тоа како врват работите на Интернет. Нема потреба да ги „убедуваш“ луѓето на своите приватни профили на сервисите за дружење, во „чат“ и слично да употребуваат кирилица. Со тоа не се поправа или менува суштинскиот дел: слаба продукција на содржини на службениот јазик, плус второто, исто така важно, ако не и поважно: веб-изолација и јазичната затвореност на Македонија.

Значи, она што е навистина проблем, а секако е дел од битката за очувување на идентитетот преку соодветна кибер-политика, е МИНОРНИОТ обем на информации за Македонија на светските јазици (пред сѐ на англиски јазик). Дилемата овде е дали подобро ја браниш својата национална култура со тоа што на морето наречено интернет ќе пумпаш само содржини на кирилица, или ќе продуцираш содржини на англиски кои му се достапни на целиот свет, на дланка? Впрочем, дилемата е како онаа на „Евровизија“, дали имаш повеќе шанси да победиш на еуросонгот со англиска песна, иако не ти е тоа службениот јазик?

Вистинската кибер-политика за ова прашање е: повеќе содржини на македонски јазик, но уште повеќе содржини на англиски за Македонија, не само за ресторани и кафулиња во Скопје и Охрид, туку онакви кои на глобална сцена постојано ќе оставаат траги и записи каков живот се води овде и сегде каде има од оние кои се горди што се од Македонија. Па ако некој за десеттина години изгула нешто за Македонија и кога нема да најде ништо за нас, ќе испадне дека ниту сме твореле, ниту живееле нешто вредно за интернетот.

И конечно прашањето, зошто „Мајкрософт“ не ја признава Македонија, иако компанијата е од САД (кои, нели, нѐ признаваат“) и плус Владата има официјална спогодба и договор со нив уште од 2003? Значи, во преговорите оваа гигантска компанија успеала да ги избутка своите бизнис интереси на штета на корисникот, Влада на РМ, и нејзините национални, не затоа што на нив им пречи нешто македонскиот, но затоа што со тоа ќе си спасат милиони евра и долари кои им стигаат од други (грчки?) корисници, и поштедување ид евентуални (правни?)спорови со нив. Сега треба некој правник да излезе и појасни, дали Мајкрософт како приватна компанија мора да ги почитува резулуциите на ООН за ова прашање?

Ова се по мене вистинските прашања, а повикување на ова или она е најлесна работа, треба да се засукаат ракавите, макар и оние виртуелните.


This entry was posted in МБЗ - Local Blogosphere, information society, local, New media, online, Society. Bookmark the permalink.

8 коментари на "Зошто Microsoft не ја признава Македонија?"

Коментирај!