Media & Marketing Blog

Неколку куси сентенци за стадиумот до кој стигнаа медиумите наши…

Фото: Алсат.мкИако ние од тимот кој работи на блог-мрежата  „Комуникации“ постојано сме во комуникација и интеракција со медиумите во Македонија, некако не се одваживме во последниот период  да дадеме некој поелабориран став или оценка за процесите кои се случуваат во домашните медиуми. Причините се бројни, но најважната беше да им се даде шанса на медиумите да го одработат своето, да го изодат развојниот пат, откако (во теорија) сé веќе беше кажано.

Елем, развојот на медиумите  е повеќе од бавен, интеграцијата на новите медиуми во информациско-комуникацискиот систем дава мешани резултати (бројни лоши, спорадични добри), а угледот и довербата во медиумите паѓаат континуирано, па рековме во неколку куси сентенци да дадеме наши проценки „шчо напраифме и шчо требит да праиме со медиумските вопроси“:

Традиционалните медиуми функционираат по инерција

  • Јавниот-комуникациски систем (т.е. медиумскиот систем) не функционира: јавниот сервис е со светлосни години далеку од својата вистинска функција, мнозинството од комерцијалните сервиси се политички подредени (во различни степени, сé до најсериозниот, целосна политичка инструментализација), а квалитетот на информациите е сé полош (се мисли на содржинско ниво, но често ова можете да го увидите и во лошиот стил, јазик,  „копи-пејст“ преводите и други грешки на елементарно рамниште).
  • Домашните медиуми сé уште функционираат по инерција и во склад со медиумските услови и фактори од крајот на минатиот век. Ова примарно подразбира две нивоа:
    • (1) Медиумите не се прилагодени на новата јавност и публика кои се развија во Македонија (како и сегде другде), која бара два типа услуги од медимите: (а) квалитетни брзи информации на повеќе канали, (б) квалитетни аналитички информации (вечер или ден потоа). Нема повеќе (класична) јавност, таа се трансфoрмира во своевидна (локална, лингвистички ориентирана) „комуникациска заедница“.  КОМУНИКАЦИСКАТА ЗАЕДНИЦА е тој нов социјален круг во чии рамки се одвива повеќенасочна и повеќемедиска комуникација.
    • (2) Циклусот на дистрибуирање на информациите е истиот со години (со ретки исклучоци на аналитички стории за печат и телевизија кои се подготвуваат повеќе денови): за печатените тој завршува горе-долу околу 16-17:00 часот, со што голем дел од информациите лесно стануваат бајати (среќа што Ратко Младиќ го уапсија четврток претпладне, да се случеше тоа попладне за него ќе читавме во весниците во сабота). Телевизиите работат во нешто порастегнат циклус, но и тој е динамичен во своја смисла и не дозволува поквалитетно обработени содржини). Овие елементарни рамки и дистрибутивен модел (како и редакциите кои го опслужуваат истиот тој модел) треба сериозно да се преиспитаат. Што има лошо во тоа печатеното издание да излегува првично наутро, со подобро собрани, средени и анализирани информации (да, да, за ова треба да се работи и попладне, навечер и сл.)?

На интернет забележлива е штурост и слаб квалитет на информациите

  • Веб-приказната е сé уште недораскажана, но бавноста на нејзиното развивање е прилично разочарувачка: кај печатените медиуми почна полека да се напушта моделот на интернетот како онлајн архива на печатеното издание, но штуроста на прес-вестите и слабиот квалитет на информациите  кои се пакуваат како „најнови вести“ не ги менува работите во квалитативна смисла. Пак е тоа некој про-форма чекор кој не му прави разлика на посетителот. Паниката од падот на продажбата на печатените копии се обидоа да ја ублажат со одложувања на веб-изданијата, па откако продажбата (нормално 🙂 не се промени или подобри, медиумите во трк почнаа порано да ги објавуваат за да не го изгубат и своето влијание. Интернетот треба да биде место за брзо, но и квалитетно информирање: со некакви трошки од информации работите не се менуваат. Електронските медиуми поопсежно го користат интернетот, главно за пласирање на видео содржините од своите прилози и интеракција со гледачите преку коментарите. Онлајн содржините често доцнат или пак користат недоволно квалитетни „плеери“ што искуството на следење преку интернет го прави доста макотрпно (лично, на пример, чекав емисија во која имав дадено изјава некои 10-тина дена, но актуелноста и на емисијата и на темата прилично се загуби по толку поминато време).
  • Новинарското јас е прилично избледнето. Она што е доминантен модел  во написите и прилозите е новинарот да воведе некоја тема и потоа целосно содржината на текстот да им ја препушти на изјавите на инволвираните и едисикојси експерти и други повикани. Едно лошо е пристрасен нафуран новинар, но неговот целосно отсуство од текстовите е спротивна крајност која е подеднакво негативна. Обично се става наслов пригоден и угоден на уредувачката политика и толку. Имаме медиуми без новинари, за жал (да повторам, исклучоци има, ПРОБЛЕМОТ е што тие се малцинство).

Што може да се очекува

  • „Сите за сé синдромот“на домашните медиуми уште опстојува. Медиумите во Македонија ќе мора да ја научат лекцијата дека не може еден медиум да известува за сé, од висока политика, до трач вести (ова важи за печатените, електронските некако ги поделија тие содржини). Одењето премногу во широчина нужно резултира во обемни површни содржини кои немаат вредност. Весниците најногу загубија од својата информациска вредност, како од побрзата телевизија, така и од супер-брзиот интернет. Нивното место во новиот медиумски систем е пред сé аналитичко и длабинско известување за актуелностите и најважните прашања во општеството, внесување на некаква трезвеност, по тресковидниот бран на електронските медиуми. Во теоријата на медиумите се наведува дека во за неколку години на пазарот ќе има место само за два типа дневни весници: таблоиди и аналитички ориентирани печатени медиуми.

5 коментари на “Неколку куси сентенци за стадиумот до кој стигнаа медиумите наши…”

  1. Сале

    "Sentence", на македонски се вика "Реченица", а не сентенца.

    • Christy

      do you think th#3ley9;&l ship to Canada? 🙂 regardless, it's Avocado season and I'm loving it! Bring on the avocado recipes. The curry and the avo flavors sound really quite nice and I love the simplicity.

    • Cayden

      As a greenhorn zeo I can say I got a shock as I checked out the Nielsen stats and I saw that your numbers are true. I mean everyone in SEO forums say that social site ads are the in-thing to do, but now I know why they do&81n2#7;t give back as many leads as they claim they would. This is an eye-opener, thanks.

Коментарите се затворени.