Media & Marketing Blog

Медиумската етика падна, бројот на жртвите засега непознат

Неколку белешки со цел малку да се рационализира бранот негативни реакции по „испадот“ на  програмата на Канал 5 во кој тизер-реклама за нова серија на оваа национална телевизија предизвика вознемиреност кај голем број граѓани:

Канал 5 телевизија, по емитувањето на централниот дневник, објави вонредна вест според која ‘веднаш по полетувањето се урнал авион, а дополнителни информации ќе следуваат наскоро’. Граѓаните во паника, веднаш почнале да се јавуваат на скопскиот аеродром и во МВР за да проверат за што се работи со оглед на тоа што имале блиски кои токму вечерва патуваат преку скопскиот аеродром „Александар Велики”.  Според коментарите на социјалните мрежи, најверојатно се работи за реклама на телевизијата за нова серија, во која има слична тематика, односно авионска несреќа.

(Кирилица, 20.06.12).

Во жанровски формат на телевизиски вести емитувана е реклама за нова серија, што како техника не е непознато. Еден од најпознатите примери на преосмислување на жанрот на вестите за повпечатливо да се пренесе некоја порака секако е емитувањето на радио драмата „Војна на световите“ во САД во 1938 година. На „слична“ идејна линија е и овој случај со тоа што овде не сме сигурни дека тој ќе остане запишан како пример за паметење во позитивна смисла. Напротив.

Почитувани гледачи ја прекинуваме програмата за веста која штотуку ја добивме. Се случи авионска несреќа. Веднаш по полетувањето авионот падна. Повторувам, се случи авионска несреќа. Засега не е познат бројот на жртвите. Очекуваме вести од местото на настанот. Ќе се јавиме повторно“.

Идејата низ „реалистичниот код на вестите“ да се пренесе возбудлива порака за серијата која треба да се емитува прилично се самозакопа и предизвика реакции заради кои телевизијата мораше да се извинува, а предизвика и контра-монтажи.

Што всушност се случи?

-Суштински гледано се работи за манипулативен рекламен сензационализам во коj средството за манипулација беше форматот на телевизиските вести како „мамка“ не само за привлекување внимание, туку и предизвикување силни реакции. Ризикот од пречекорување на чувствителната граница помеѓу медиумската и вистинската реалност најчесто е пресметан, што веројатно било случај и овде. Сепак, кога ваков тип на „тизер“ се користи во други средини обично се работи за средина каде угледот на медиумите е (далеку) поголем а медиумската писменост исто така поразвиена, па менаџирањето на реакциите е далеку попредвидливо и поконтролирано. За несреќа „досетката“ на Канал 5 не можеше да смета ниту на едното, ниту на другото. Угледот и довербата во медиумите кај нас се крајно урнисани, па по дознавањето дека се работи за „рекламна досетка“ (која се користела и во Турција?) реакциите очекувано беа крајно негативни.

– Дополнителен фактор за колапсот на тизерот е општествениот контекст кој изобилува со тензични моменти и елементи, а јавноста е навикната од вестите да слуша само негативни стории и информации, кои ретко ги преиспитува доволно критички. Доволен е мал „тригер“ за да предизвика сериозна вознемиреност и лавина реакции, особено ако тие се вклопуваат во веќе утврдени негативни општествени стереотипи. Наклонетоста на локалниот менталитет кон катастрофични сценарија и скептичноста беа силен фактор во нижењето на настаните и реакциите. Така се случи тизерот да не биде прочитан како тоа можеби некој сакал.

– Сепак, вака или онака, јавноста дозна за серијата која се рекламира, иако беше со право згрозена од начинот на кој тоа беше изведено, а телевизијата го злоупотреби нивелирањето на добар и лош публицитетот во полу-хаотични ситуации за да си ја протне својата комерцијална порака. Во таа смисла етичката одговорнсот е неспорна и мора да резултира со соодветни санкции (само да не биде писмена опомена?). Неводењето сметка за можните последици и реакции во средината каде се емитува самата „рекламна“ содржина е сериозен сигнал дека одговорноста на медимите оддамна е помножена со нула, и засега, нема фактор во Македонија кој пројавува намера да го сопре овој процес (особено кај заштитените и осилени на пазарот провладини медиумски прирастоци).

Да не одиме подалеку во смисла на светски норми и стандарди во разгледување какви пенали направи Канал 5, ќе се задржиме само на неколку ставки од Законот за радиодифузна дејност и Кодексот на ЗНМ (меѓу многуте други) со кои си поиграа и буквално го избришаа патосот со оваа себична и манипулативна постапка:

-Повредено начелото за радиодифузна дејност  за вистинито информирање (член 8).

-Рекламирањето и телешопингот треба да бидат вистинити и чесни, да не ја заве­ду­ваат јавноста…(член 87).

-Рекламирање и телешоп не треба да прикажуваат, визуелно или тонски, лица кои редовно презентираат вести и актуелни информативни емисии (член 105).

Во делот на поигрување со следните етички ставки на медиумско-новинарската дејност заради тесни комерцијални побуди треба да се споменат:

Основна задача на новинарите е да ја почитуваат вистината и правото на јавноста да биде информирана….новинарите ќе бидат чесни, објективни и точни. Право и должност на новинарите е да го спречат искривувањето на вестите. – Новинарот треба да објавува точни, проверени информации и нема да прикрива суштински податоци и да фалсификува документи.

Веројатно целосно наведување на сите ставки и норми кои беа прекршени секако ќе одземеа премногу простор, но можете да ги додадете во коментарите.

За жал реалноста во Македоније е дека некои сериозни и многу важни вредности на демократијата и плурализмот мора да ги учиме по пат на „грешки и санкции“ (како што беше лекцијата за приватност на докторките од скопскиот Ургентен центар), така што во овој случај делот со последици и санкции мора да биде особено подвлечен. Одговорноста на медиумите во нашата средина е болна точка, и покрај поставувањето (по кој знае кој пат) на добро познатата дијагноза, крајно време е за ефективна терапија.

Обновено (17:30, 21.6.2012):

 СРД: Советот за радиодифузија на ТВ Канал 5 денеска ѝ изрече мерка „три дена забрана за рекламирање и телешопинг“, поради емитување на промотивен рекламен спот на 20 и 21 јуни, со кој беше прекршен Законот за радиодифузната дејност. Анализата на емитуваниот промотивен спот, којшто имал првична цел да најави нова серија, покажа дека ТВ Канал 5 ги има прекршено членот 87 од Законот за радиодифузната дејност, односно овој радиодифузер емитувал рекламен спот за самопромотивни цели, кој е невистинит (лажна авионска несреќа) и ја заведува јавноста (емитување промотивен спот во форма на вонредни вести). СРД констатираше и прекршување на законот со тоа што ТВ Канал 5 во реклама за самопромотивни цели користи лице кое редовно презентира вести со што е прекршен членот 105 од законот.
Итната седница на СРД беше одржана поради големиот број претставки од граѓаните, коишто се почувствуваа вознемирени од промотивните рекламни спотови.
ЗНМ: Канал 5 го стави економскиот интерес пред јавниот
Советот на честа денеска ја осуди постапката на Телевизија Канал 5, која во своите вести објави информација за наводна авионска несреќа, без да соопшти други детали. Подоцна се извини признавајќи дека направиле „несмасна“ реклама. Советот на честа смета дека станува збор за злоупотреба и груба дезинформација со која својот економски интерес Канал 5 го става над јавниот интерес. На овој начин Телевизијата предизвика страв и заблуда кај граѓаните и тоа свесно, за да изрекламира своја емисија (Утрински весник, 21.6.2012).

8 коментари на “Медиумската етика падна, бројот на жртвите засега непознат”

  1. Brankica

    MIslam deka vakvite reklami predizivikuvaat kontra-efekt i deka kje gi nateraat site gragjani da se preispitaat dali voopsto da prodolzat so gledanje turski serii i TV voopsto. Toa bi bil vsusnost pozitivniot efekt od vcerasnata zloupotreba na gragjanite. Ne se raboti za toa deka stepenot na mediumskata pismenost kaj gragjanite ne bil dovolen za da ja razberat reklamata, tuku za mediumska manipulacija i zloupotreba.

  2. Anonymous

    1. Одамна довербата кон било кој медиум е на нула. И во глобални рамки.

    2. Со оглед на (не)гледаноста на Канал 5, големо чудо што се глупираат.

    3. Докторката не ја изгуби работата. Дури мислам и не беше казнета бидејќи таму кај што работи нема(ше) такви прописи со кој се регулира приватноста на пациентот. Башка што лицето не се гледаше…

  3. Meц

    Значи вака – убаво се гледа дека е pеклама. Како експеpт по комуникација би тpебало како комуникација (маpкетинг) да го набљудуваш ова и да дадеш таков коментаp, а не пpеку пpизмата на политиката и твоето несакање на Канал5 (од политички пpичини).

    • kire

      Druze ti prati si go deteto na pat toj den pa slusaj takvi vesti pa dojdi komentriaj dodeka ne go pratis deteto ne tropaj gluposti za marketing

  4. Pepe

    Завршуваат вести кои го води некој друг, па оди џингл, па се појавува сосема нов спикер/водител/што ли е веќе и кажува дека ја прекинуваат програмата. .. Никаде не оди лента, а самиот факт што се појавува друго лице.. е чуден. Демек, еве оваа читаше вести ама се сруши авионот и сеа ке дојде оваа познатата да каже

  5. sead93

    Благодарам за коментарите, постот е надополнет со одлуката на СРД и реакцијата на Судот на честа на ЗНМ.

  6. Ели

    Анализата е одлична. Имам да додадам само неколку субјективни гледишта:

    – Не сум сигурна дека вината треба да паде на грбот на новинарите. Вестите завршија, одеше одјавна шпица. Тука завршува нивната одговорност. Рекламата залепена за вестите е дело на програмското раководство и маркетинг тимот ( можеби)

    – Казната е преблага, за степенот на паника што го предизвика. од финансиски аспект, ТВ нема да почувствува ништо. Само ќе ги прераспредели рекламите во другите денови.

    А инаку што се однесува до коментарите од Пепе и Мец, очигледно дека немаат доволно познавања од човечка психологија. Кога човек слуша вест за паѓање на авион во матичниот му град, во држава со историја на два паднати патнички авиони, еден воен хелокоптер и неколку службени цесни, како и државен/претседателски авион на туѓа територија, нема шанса да ги забележи резовите, смената на водителките и сл, особено ако нема ТВ икуство. Едноставно, паника.

Коментарите се затворени.