Media & Marketing Blog

Интервју: Игор Трајковски, TIME.mk наполни една година

Помина една година, TIME.mk се менуваше често, секогаш на подобро. Направивме интервју со креаторот на овој сервис Игор Трајковски и откриваме како тој ја виде првата година од неговото постоење:

Од презентација на сервисот во Точка, декември 2008

Од презентација на сервисот во Точка, декември 2008

1. Помина една година, се на се дали си задоволен?
Па, зависи од кој аспект. Во однос на тоа колку ме држи мотивиран да, секојдневно нешто доработувам, сум повеќе од задоволен, има многу интересни проблеми. Во однос на посетеноста, со скок од 100 до 10 000 посети дневно сум задоволен. Задоволен сум што не најдов човек кој го коментирал TIME.mk во негативна конотација, како нешто веќе видено и досадно, туку добивав само позитивни критики, дека ова е нешто ново на македонскиот интернет простор што одскокнува од се останато.

2. Имаше ли зацртани планови пред една година и колку од нив се исполнија или натполнија?
Па немав баш конкретни планови. Како прво TIME.mk го направив за да го користам јас, и многу лесно беше неговото надградување. Не го гледав како некоја работа која некој ми ја задал. Плановите се креираа on-the-fly во една TO-DO листа која никогаш не се испразни, а мислам и дека никогаш нема да се испразни.

3. Мора да постои и незадоволство, имаш прилика да следиш доста статистики преку Тиме.мк кој тренд те боде во око?

Работа која најмногу ми бодеше око е што посетеноста на сајтот толку многу зависеше од подобрување на дизајнот (css-ите). Често пати се случуваше да направам некој навистина голем и тежок update (на пример во алгоритмите за рангирање на кластерите од вести) и во следниот месец да нема никаков ефект, и никој да не го забележи тоа (со чесни исклучоци), а друг пат кога ќе се променат неколку линии во дизајнот, да има 30% поголема посетеност, и коментарите да се претерано добри. Тоа најмногу ми правеше незадоволство, што мислам дека поголем број од корисниците не сфатија уствари што прави TIME.mk, туку побитно им беше како изгледа.

4. Дали имаш чувство дека во доменот на локално креирана содржина изминатава година работите се променија, без или со влијание на Time.mk?
Не мислам дека TIME.mk има некое влијание. А можеби и грешам. Ако има некое влијание тоа би било можеби во однос на копирањето на цели текстови од еден на друг медиум а притоа да не се референцира од каде е земен текстот. TIME.mk до некаде успешно ја прави таа детекција и јасно се гледа дека кога нов текст е копиран не излегува како носител на некој кластер туку е на дното во истиот.

Баш на таа тема имаше неколку уредници на локални портали кои интервенираа и ме прашуваа зошто вестите не им се на прво место иако им се најнови.

Screenshot, Тиме.мк 1 јули 2009

Screenshot, Тиме.мк 1 јули 2009

5. Кога ќе погледнеш наназад, во кој момент се почувствува најзадоволен како креатор на Time.mk?
Најзадоволен сум кога ќе сретнам или слушнам луѓе кои не ги познавам а читаат, или зборат за, TIME.mk, исто така го користам и како proof-of-concept во предавањата за моите студенти, како место каде имаат примена алгоритмите кои ги учат. Задоволство ми беше што многу паметни деца, сами ми пријдоа и пројавија интерес да работат на некој дел од TIME.mk. Некои од нив успешно завршија делови од страницата.

Исто така големо задоволство ми беше кога TIME.mk ги донесе и првите финансии, т.е. кога On.net почна да ги купува кластерите од TIME.mk за да ги прикаже на својата страница, а потоа почнаа да доаѓаат и првите реклами. Убаво беше да се гледа како посетеноста расте 40% (просечно) секој месец.

6. И ајде, ете за крај клише прашање. Што да очекуваме понатаму? Има ли план за следните 12 месеци?
Да има. Еве што има во мојата TO-DO листа.

  • Персонализација (рангирањето на кластерите да зависи од афинитетите на корисниците)
  • Подетални категории (Спорт – Фудбал, Спорт – Кошарка, Здравје – Храна, Здравје – Секс, Екомонија – Свет, Економија – Македонија), итн.
  • Коментари за кластерите (иако самите извори имаат простор за коментари, ова би било за цела приказна од повеќе вести)
  • TIME.mk – English version – истата анализа врз вестите од македонија што се пласираат на англиски јазик.
  • TIME.mk – Albanian version – истата анализа врз вестите од македонија албанија и косово што се пласираат на албански јазик.

Во поглед на посетеноста не очекувам ист скок (од 100 пати), би бил скромен со 3 пати помал скок, т.е. на 1 Јули 2010 да имаме 300 000 посети дневно 🙂 Доста оптимистички 🙂

Благодарност до Игор за експресните одговори, Комуникации.нет (јас и Сеад де) му посакуваме 3 пати поголем успех во следната година.

6 коментари на “Интервју: Игор Трајковски, TIME.mk наполни една година”

  1. ribaro

    Поздрав за Time.mk, нешто најдобро што се случи на мак. нет. простор изминатава година!

    Btw, една од подеталните категории кои планира да ги воведе нема никаква смисла: Економија – Македонија. Едноставно, едно со друго се инкопатибилни 🙂

  2. Viktor

    Имам еден предлог.

    Овозможи рамката на Time.mk со слични вести да има опција да се тргне и да не ме следи постојано.

    Супер е што кога отварам вест преку Time.mk, сајтот е врамен со слични линкови.

    Но проблем е што после целиот таб/прозорец е врамен, па ако започнам да сурфам на самиот сајт кој сум го посетил преку TIme.mk , рамката се уште е присутна и нема начин како да ја тргнам, освен ако не отворам нов таб/прозорец.

    Супер е рамката да е присутна кога е дојдено до веста преку сервисот, но кога сурфам нешто што е оригинално на тој сајт или го разгледувам ,нема потреба рамката да ми стои над сајтот. Едно (X) close би било добро решение.

    (п.с.) ми се бришат коментарите, па може да излезе дека сум спамирал. 🙂

  3. волан

    е да, не прочитав никаде зошто се откажа од следење на блогосферата ?

Коментарите се затворени.