Македонски суперб(р)ендови

Читајќи го последното издание на магазинот„Форум“ дознав за доделувањето на признанието „Супербренд“ на 25 домашни производи и компании:

Дваесет и пет производи и компании, кои се прогласени за супербрендови, завчеравечер ги добија признанијата од меѓународната организација „Супербрендс“, која работи на идентификацијата на водечки брендови на поединечен пазар.

Тоа се: „Акцент медија“, „Алкалоид“, „Бекутан“, „Кафетин“, ТВ Алсат М, „Би- милк“ на ИМБ, „Витаминка“, „Стоби флипс“, „Горска вода“, ДХЛ, „Златен даб“, „Златна книга“, К-15, „Капитал“, „Краш“, „Лек“ , „Мајкрософт Македонија“, „Мекдоналдс“, „Пекабеско“ , „Ронхил“, „Свислион“, „Скопски пазар“, „Т-мобиле“, Сити радио и „Космофон“ … Квалитетот, одговорноста, разликувањето и емотивното влијание се четирите карактеристики, кои ги издвоија овие супербрендови од останатите 800 од кои се правеше изборот.

Секоја чест и честитки до добитниците, но мојот личен впечаток е дека изборот на брендовите (според стручен совет составен од 60-тина претставници на маркетинг агенции, медиуми, академски експерти и компании) ептен ми наликува на маркетинг верзија на домашниот избор за Евровизија. Произволно донемајкаде, благо кажано (види само „Мајкрософт Македонија“ како престижен бренд во Македонија?). Јасно е дека се работи за листа оформена преку интерните еснафски врски и лобирања во триаголникот „компании-медиуми-маркетинг агенции“ и можеби повеќе е листа на оние кои имаат најмногу влијание во медиумите и одвојуваат за реклами (земи само на пример критериум „емотивно влијание“ на Кафетин?), но нејсе.

Како и да е, покрај одбележувањето на овие нелогичности, не би коментирал повеќе и би им оставил на постручните и поупатените маркетинг стручњаци да ги анализираат овие „рабоќе“. Мене овде ме заинтригира медиумската рефлексија на овој настан:

Домашните медиуми реагираа секој по своето. Оние медиуми кои имаат тесни врски со одделните брендови ги „исцепаа“ само нив. Но, проблемот е и од сосема друга страна. Тешко дека некој медиум ќе излезе да ја искритикува ваквата листа од чиста причина што може да си ги наруши односите со „престижниве“ компании и да се лиши себе си од некаква идна можна соработка и спонзорирање. Се работи за еден тивок пример на наменска автоцензура на медиумите, па токму затоа никаде нема да најдете критички текст за изборот (иако нелогичности има, би рекол, бутур).

Во онлајн сферата исто така бедничко издание. На сајтот Македонија заведена под Фиром, а за самата земја нема потсекција (нула, зип, нада), а одбраните брендови со ова признание можат да се цепаат само, што би рекле Синтезис, „во наше село“, и тоа во ерата на глобалната економија и отворени пазари (за разлика да речеме од супербрендовите во Египет?).

На крај би го издвоил ова сомнително соопштение на Он нет кои се испофалија со бренд-наградата на „Космофон“,  заслужено или не проценете сами :)

Вака или онака, останува впечатокот дека брендот на Супрбенд овде во Македонија е прилично избледнет со вакви псевдо-елитски настани кои не се обмислени и спроведени како што треба за да добијат реален третман на елитизам и престижност.



sead93

Сеад е магистер по комуникации кој проучувањата во комуникациската наука ги фокусира на популарната култура, новите медиуми и пропагандата. Издал две книги збирки културолошки есеи (двете во 2002) и редица текстови во неколку списанија во земјата и надвор од неа (Lettre International, Наше писмо, Блесок, Културен живот, Разгледи, Balcanis…). Со својата смисла за хумор, неуморно „им го прави денот” на голем број интернет корисници.
This entry was posted in Marketing, Media, Society. Bookmark the permalink.

17 коментари на "Македонски суперб(р)ендови"

Коментирај!