Зошто мажите не гледаат сапуници?

Соочени со податоците дека сè повеќе жени гледаат фудбал, и други „машки“ спортови (и акциони тортури од типот „Умри машки“), и со тоа полека, но сигурно, ги уриваат бариерите помеѓу класичните типови на публика, (o)станува интересен/чуден податокот дека мажите сè уште стојат цврсто на своите гледачки стојалишта и „упорно“ одбиваат да се еманципираат медиумски и да ги прифатат „женските“ жанрови. Не знам какви се податоците за гледаноста на „Опра“ низ ваква призма, но за сапуниците (или поточно теленовелите и кро-пуниците во нашиот локален случај) со сигурност може да се каже дека остануваат цетињска тврдина на женската публика која мажите изгледа немаат некаков интерес да ја освојуваат.

Но, ова чудење може да биде чувство само за некој отуѓен објективен и неутрален истражувач, додека на нас останатите (мажи) ни останува сосема јасно дека нема нешто скоро да се случи некаква промена на овој план. Останува тогаш прашањето зошто? Што е тоа што ги прави сапуниците толку неприфатливи за мажите?

1

Дали е тоа заради доминацијата на плачење, солзи, расправање, озборување, неконтролирани емоции, женски сплетки и слично?

Дали е заради тоа што сапуниците премногу се сродни со љубовните романчиња кои се читаа во екс-ју времињата?

Или е едноставно од фројдовски стравови од злобните тешти со кои изобилуваат сапуниците? Или е тоа од помислата дека сè мора да заврши со брак?

Дали генијалната идеја за спојување на фудбал и сапуници ќе смени нешто на овој план? Тешко :(

Мислам дека зад сето ова стои една едноставна (можна :) причина поради која „машкиот ум“ никако не може да ги свари сапуниците и да ги прифати пријатни за гледање. За што станува збор? Според машкиот ум, на пример, поенатата на акционите филмови е да има многу акција (тепање, скокање, бркање, и слично) што режисерите им го испорачуваат обилно. Поентата на фудбалот се головите, па што повеќе голови, толку подобар фудбал.

А што е со сапуниците? Гледано низ машки очи, сè во нив се врти околу сексот, или љубовта со женски речник, а него никаде не може да го „опипате“. Врски, сплетки, расправии, мајки и маќеи, тепачки, солзи, бебиња и други фешти, сè заради секс/љубов, а негде никаде го нема во директна, репрезентативна, форма, така како мажите го разбираат. Неколку страсни гушкања и тоа е тоа, најчесто :(

Ова е премногу иритирачки за машката логика на директност, што грубо може да се опише на следниов начин: замислете толпа мажи гледаат фудбал, навиваат, викаат, урлаат, го поздравуваат судијата и неговото семејство, се вжештува атмосферата и оди коментар: влегува Пандев во шеснаесетникот, го минува последниот одбранбен играч, сам е пред голманот и, и, и…опс! Се прекинува преносот и сликата се префрла на следната акција на противникот на спротивната страна од теренот! Несфатливо, па кjј би гледал таков фудбал? Со други зборови сапуниците се како фудбал без голови за мажите, преееемногу индиректни.


sead93

Сеад е магистер по комуникации кој проучувањата во комуникациската наука ги фокусира на популарната култура, новите медиуми и пропагандата. Издал две книги збирки културолошки есеи (двете во 2002) и редица текстови во неколку списанија во земјата и надвор од неа (Lettre International, Наше писмо, Блесок, Културен живот, Разгледи, Balcanis…). Со својата смисла за хумор, неуморно „им го прави денот” на голем број интернет корисници.
This entry was posted in Local, Media. Bookmark the permalink.

25 коментари на "Зошто мажите не гледаат сапуници?"

Коментирај!