Просторно менаџирање на информациите – или Фенг Шуи на сајтови

Да се најде информација денес не е проблем, проблемот е што има премногу информации. Начинот на кој тие се менаџирани, организирани, средени, подредени, надредени, поврзани, сместени, е вистинскиот предизвик во оваа фаза на развојот на информациското општество. На глобален план проектите се бројни и овој вид на организирање на информациите главно се води преку подобрување на сервисите за пребарување (search engines), поврзување на информациите (поефикасно линкање), субспецијализација на информациите (niche services), и така натаму.

Она што мене и е поинтересно, особено на локален план, е како „менаџерите на информации“ се справуваат со бранот, да не речам бујук-далгата, од достапни информации. Генерална оценка е „со променлив успех“. Најбазично ниво за давање некој суд на оваа тема е просторното организирање на информациите, па овој пост е ограничен само на став за работите на ова ниво.

На домашен план, особено за забавните онлајн сајтови/портали доминира ДЕЦЕНТРАЛИЗИРАНИОТ модел, кој неретко е прилично конфузен и комплициран за посетителите на страницата:

1.jpg

Концепт зад овој модел (централен дел за најнови информации, обично во 2-3 колони, странични колони за секции, реклами/банери, најугоре флеш реклами, линкови, и сл.), кој е застапен во 90% случаи кај нас, секако има, но некако времето и обемот на информации кои се пласираат на нив, го надминува самиот модел па е прилично тежок за читателско менаџирање.

Кај печатените медиуми, магазините, телевизите и слично, најзастапен е моделот од типот на НАСЛОВНА на класичен весник, со одредени твикови и прилагодувања кон медиумот: ударна вест-горе централно, подолу главни вести, оште-од-подолу други вести, секции и сл, како и страничната колона (1 до 2) за банери, линкови и сл).

2.jpg

Вториот модел не е толку „заплиснат“ со информации кои тешко се наоѓаат, но сепак степенот на организираност не е доволно „услужлив“ за читателот. Лично ми се допаѓаат како се средени, просторно-концепциски сајтовите на Утрински и А1, се гледа сериозна обмисленост насочена кон лесно пребарување,но ова е само личен впечаток.

Блоговите се некако на златната средина и се прилично едноставни (можеби дел од симпатичноста на блоговите е и ваквиот тип на леснотија во пребарувањето на страниците). Иако денес линеарноста не е толку на цена, ЛИНЕАРНИОТ модел во случајот на блоговите ја овозможува толку важната едноставнст во просторно менаџирање на содржините:

3.jpg

Скролај надолу, нема утка

Некои универзални совети нема, на пример на сајтот на „ТВ Нова“ како решение за големиот број информации земен е моделот на зголемен формат на одделните блокови од вести. Модел кој врши чесна работа на овој план е на агрегаторот на содржини „Time.mk“, кој покрај добрата просторна среденост под нив ги прибира линковите од содржините на истата тема од различни извори и дава пример за СЕМАНТИЧКИ модел:

 4.jpg

Без многу генерализирање, јасно е дека по првичната веб-еуфорија, доаѓа време на преиспитување и средување на основните категории на вебот, па поедноставување на изгледот и просторната сместеност на информациите е неодминлива фаза.


sead93

Сеад е магистер по комуникации кој проучувањата во комуникациската наука ги фокусира на популарната култура, новите медиуми и пропагандата. Издал две книги збирки културолошки есеи (двете во 2002) и редица текстови во неколку списанија во земјата и надвор од неа (Lettre International, Наше писмо, Блесок, Културен живот, Разгледи, Balcanis…). Со својата смисла за хумор, неуморно „им го прави денот” на голем број интернет корисници.
This entry was posted in Media, New Media, Technology and tagged . Bookmark the permalink.

Коментирај!