Media & Marketing Blog

Интервју со модераторот на Утрински

Изминативе неколку недели во неколку наврати ја отваравме темата за модерација. Прво интервју со директорот на Tempero, водечка британска компанија која се занимава со комјунити модерација, потоа коментарот за коментарите на Сеад па потоа уште еден update за коментарите по појавувањето на колумната Интернет плукачи.

Ја продолжуваме оваа тема со првото интервју за блогов Комуникации.нет. На наше огромно задоволство Зоран Ричлиев, од Утрински, одговори на сите прашања кои му ги поставивме и тоа доста исцрпно. Во продолжение интервјуто, а јас да му се заблагодарам на Зоран уште на почеток на овој долг пост :). Фала Зоран.

1. Пред колку време Утрински започна со објава на коментари? Дали беше прв од интернет изданијата на нашите дневни весници?

Можноста да се коментираат статиите на онлајн изданието на „Утрински весник“ постои од октомври 2006 година, кога всушност се направи редизајн на сајтот кој постои од 2001 година. Неколку месеци пред да почнеме ние со оваа форма еден од весниците на своето онлајн издание се обиде да ги објавува коментарите, и тоа без модерација. По два три дена разочарани од „некултурата“ на коментарите како што напишаа во нивното соопштение, тие ја повлекоа варијантата да ги објавуваат коментарите јавно иако тие реално стојат некаде на веб, затскриени зад корисничко име лозинка за евентуалниот модератор.

Следејќи ги современите текови во однос на оваа двонасочна комуникација кај медиумите, пројавив иницијатива и во согласност со уредниците почнавме да ги објавуваме коментарите и функционираме речиси две години. Таа обврска е единствено моја, а тоа е само дел од мојот ангажман околу целокупниот сајт.

Утрински Весник онлајн

2. Со која динамика се движи развојот? Има ли пикови и пресврти?

Од првиот ден читателите одлично ја прифатија опцијата и до Редакцијата стигнуваа голем број коментари. Во тој период беше овозможено на една статија да се коментира неограничен број пати, со што се овозможуваше лесна злоупотреба на оваа контакт форма од поединци, а неретко и коментарите излегуваа од темата и се сведуваа само на препукување меѓу читателите.

Минатата година се воведе правило од една IP адреса да може да се коментира само по еднаш на статија и коментарите добија на квалитет. Во истиот период се овозможи и гледање на IP адресата на коментаторот од страна на модераторот, што служи за лоцирање на злоупотреби од страна на некои коментатори, а неретко и политички штабови (особено за време на предизборието), странски служби, заинтересирани субјекти, обиди за лична дискриминација итн.

3. Како изгледа дневната рутина на главниот и одговорен модератор во Утрински?

За жал, кај нас, луѓето, а особено новинарите, не се заинтересирани за процесот на модерација. Другите медиуми се откажаа од објавување или модерирање на коментари поради неможност да се ангажира човек за оваа навистина обемна и деликатна работа. На пример, на некои сајтови на печатени медиуми коментарите се без било каква модерација, а за илустрација за тоа какви опасности произлегуваат од тоа прочитајте ги реакциите на колумната на Владо Бучковски за Тоше Проески.

Модерацијата е сериозна професија. Меѓутоа, кај нас јас не можам да најдам колега кој го работи истото со полн ангажман, што е навистина разочарувачки знаејќи дека читаноста на печатените медиуми на интернет е значително поголема отколку на оригиналните изданија.

Сепак, мора да се спомене дека уште еден печатен медиум ги објавува модерирано коментарите, но мора да напоменам дека искуството покажало дека таму не се работи според универзалните принципи на модерација. Од неодамна една од телевизиите на својот сајт влезе во авантура со коментарите, но таму се објавува само незначителен број, во однос на пристигнатите.

Модераторот (доколку е сам) е на работа 365 дена по 24 часа, но сепак времето е поделено во 6-7 интервали од 20-ина минути, барем во нашиот случај.

Онлајн изданието на „Утрински“ за жал се` уште функционира на принцип на изданија, а не како портал. Тоа значи дека сите содржини, кои во најголем дел се идентична верзија на печатените, се објавуваат на полноќ. Тоа предизвикува патерни во бројот на посетите, па така првиот бран е токму на полноќ, кога вестите се наjтазе, а вториот многу поголем е од 08ч.-12ч. претпладне, што имплицира дека весникот на интернет се чита главно од работа. Модераторот најчесто останува буден по полноќ и се буди пред 9 часот наутро, за да се објават коментарите кои служат како подлога за prime-time времето до 12 ч, период во кој се проверуваат најинтензивно. Во текот на еден ден во случајот на „Утрински“ пристигнуваат околу двесте А4 страници (!) коментари, што никој не го очекуваше, но се чини дека работата сепак има резултат, барем според реакциите.

Олеснителна околност е тоа што модераторот може да ја врши својата работа од кој било компјутер (или друг уред) што има интернет, што значи не е врзан со канцеларија.

Во случај на годишен одмор на модераторот, некој од колегите новинари ја врши функцијата во намален обем. Морам да нагласам дека модерацијата е новинарска вештина, не техничка.

Инаку кај „поразвиените“ земји модерацијата најчесто ја вршат специјализирани услужни фирми, со што самиот медиум или сајт се дистанцира од евентуална злоупотреба на модерацијата.

4. Колку самите коментатори ги почитуват правилата? Колку коментари без размислување од старт отпаѓаат? (грубо)

  • Интернет-изданието на „Утрински весник“ го задржува правото да не ги објави коментарите кои содржат навреди, непристоен речник, лични дисквалификации, национална, расна и верска омраза, како и секакви незаконски содржини.
  • Не се објавуваат коментарите напишани со големи букви и оние што не се напишани на македонски јазик.
  • Препорачливо е коментарите да се однесуваат на текстот, а не на другите коментари.

Ова се накратко правилата што врз база на универзални кодекси ние ги формиравме, но се чини дека не постои голема желба од страна коментаторите за нивно почитување, па неретко постои револт и реакции на читатели за цензура, а не се ни обиделе да ги прочитаат.

Модерација е едно, цензура е друго.

Она за што од првиот ден кога почнав да се залагам, покрај другото и со оваа комплексна работа е дека нема да има цензура. Со тоа се согласуваат и моите уредници и одговорно тврдам дека коментарите во „Утрински“ не се цензурирани, што можат да го потврдат и самите читатели, а и архивата на сите тектствои кои засекогаш ќе останат со коментарите под нив.

Со постоењето на евентуална цензура се губи смислата на постоењето на коментарите. Секоја наклонетост на модерацијата кон политичка опција или сфера на интерес публиката знае да ја почувствува. Доколку некој сака да ги види сите коментари се што треба е да дојде лично во редакцијата и тоа ќе му биде овозможено.

Од друга страна, за некој да биде поттикнат да коментира најчесто причина е одреден револт, кој може да биде насочен кон политичар, закон, грешка на новинарот, став на новинарот (или колумнистот). Тоа подразбира и поостар речник и неретко коментаторите несвесно ги кршат правилата, најчесто правилата за недискриминација на личност и неширење национална омраза. Многу поретки се позитивните коментари затоа што за да се остави позитивен коментар читателот треба навистина да е воодушевен од веста или содржината, а сведоци сме дека такви вести кај нас во последно врме не се многу.

До пред неколку недели модерацијата на „Утрински“ беше послободна, но почнавме да добиваме жалби од сите страни. Едноставно, многу од коментаторите употребуваа речник кој не е соодветен за едно јавно гласило. Слободата да се биде анонимен и да се напаѓа личност која излегува пред јавноста со име и презиме премногу се злоупотребуваше. Во овој период не се објавува само 3-5% од коментарите.

По консултации со уредниците, стручни лица, стручна литература, како и од почит кон многуте мејлови што ги добивме со жалби на нивото на коментарите сега стрикно се почитуваат правилата. Интересно е што публиката овој начин брзо го прифати и на некој начин го дисциплинира својот израз и сега повторно не се објавува само мал процент од коментарите, и покрај значително заострените критериуми.

На крај, секогаш постои опцијата за регистрација на оние кои сакаат да коментираат со нивниот вистински идентитет кој ќе биде познат само на редакцијата, но и овој модел има свои големи недостатоци.

Уште еден момент е битен во контекст на анонимноста. Често сум среќавал со еден чуден вид на злоупотреба на оваа контакт форма: се пишува коментар со име и презиме, но зад него стои сосема друга личност. Единствениот мотив е да се дискриминира тој чие име е напишано, затоа во последно време коментарите со име и презиме се објавуваат само после поголема проверка.

Утрински Весник онлајн остави коментар

5. Дали и како коментарите влијаат на работата на новинарите?

Во последно време новинарите интензивно ги читаат коментарите. Мора да се рече дека се чувствува притисок, особено кога нивниот став не се поклопува со стереотипот. Сепак, Утрински има искусни новинари кои знаат да се справат со притисокот, но и да се корегираат кога тоа е навистина потребно. Постои опасност од додворување кон читателите, но за среќа и тоа не се случува. Реакции имаше и ќе има. Модераторот е во средина и доколку тој не се придржува кон универзалните начела и не е максимално објективен, тој е во опасност да го изгуби компасот и да подлегне на притисоците како од публиката, така и од авторите на статиите.

Посебен случај се дел колумнистите, кои најтешко ги поднесуваат коментарите. Некои од поранешните наши колумнисти побараа коментари на нивните текстови да не се објавуваат. До некаде и тие имаат право затоа што тие со нивниот легитимен идентитет, не се во можност да ги одбранат своите ставови од анонимните неистомисленици.

6. Дали Утрински планира збогатување на двонасочната комуникација во блиска иднина?

„Утрински“ вложува многу во иднината на своето интернет издание, но се` уште постојат бариерите од „виртуелноста“ на медиумот во очите на мејнстрим новинарите. Се додека кај нас сајтовите се one-man-show квалитет во вистински смисол на зброт нема да има. Идеите се многу, ресурсите се ограничени. Но онлајн изданието на „Утрински“ го има заслуженото место кај публиката и тоа е мотив да се истрае и со многу ентузијазам да се имплементираат функции и димензии кои сите современи њуз-сајтови ги имаат.

7. Сега откако законот е построг, дали конечно ќе се почитуваат правилата за коментирање, т.е. дали модераторите нема да ги објавуват коментарите напишани на латинско писмо?

Закон е закон и мора да се почитува, но за да заживее употреба на една таква регулатива потребни се предуслови. Јас лично, пред мене се’ уште немам видено „Виндоус“ на македонски иако знам дека наводно постои, а ускуствата покажуваат дека 90 проценти од кориснците на компјутери овде (вклучително и Македонци во странство) немаат поим дека може да пишуваат на македонски од речиси секој компјутер.

Значи прво треба да се обучат субјектите, па потоа да се обврзат на нешто. Најчесто „Ворд“ документите кои пристигаат до редакција, од соопштенија на минитерства, па се до промоции на книги и писма на читаели и слично се пишувани без македонска поддршка, односно во МакЦтајмс или слично, што покажува дека опцијата со јазикот не се користи ни во официјалната комуникација.
Е како сега да ги натераме да пишуваат коментари кога едноставно не знаат дека (во најголем број случаи компјутерот по дифиолт им е веќе сетиран со македонска поддршка) треба само да стиснат ALT и SHIFT и ќе им се отвори светот на кирилицата.

Во коментарите често стигнуваат коментари од Бугари (кои не се објавуваат поради непочитувањето на правилото дека се објавуваат коментари исклучиво напишани на македонски јазик) кои се прашуваат зошто не пишуваме кирилица. Кај нив може да се забележи дека сите пишуваат кирилица, освен оние што се преправаат дека знаат македонски (!?), па пишуваат латиница.
Кога барем 50 проценти би знаеле да пишуваат во уникод, би ни било задоволство да го применуваме законот, за кој не сум сигурен дека обврзува дека и ваквата форма на комуникација треба да подлежи под него. Инаку ќе имаме објавено само по 20-30 коментари на ден од 300-500 колку што добиваме вообичаено.

Уште еднаш благодарност до Зоран, други прашања ќе може да се остават во коментарите за Зоран ако може подоцна да одговори и на нив.

8 коментари на “Интервју со модераторот на Утрински”

  1. Глиша

    „Поголеми казни за нелекториран текст се новите измени на Законот за употреба на македонскиот јазик…“

    „Ја продолжуваме оваа тема со првото интервју за блогов ***Комуниакции.нет***“

    🙂

  2. Глиша

    За коментарите на кирилица, пошто и така за коментирање искача во нов прозоррец може да се имплементира ваква тастатура:

    http://debugger.ru/demo/projects/virtualkeyboard

    Инаку онлајн утрински е убедливо најдобро онлајн издание на весник.

  3. волан

    Наместо коментар ке ви линкувам пост кој произлезе од интервјуто … каде од констатацијата дека Утрински е почитан на интернет – прашувам зошто има премалку реклами во онлајн изданијата …

    Особено ме радува појавата на ВебСпецијал … со кој Утрински ги прати најновите случувања …

    Туку еве и едно прашање повеќе до редакцијата на Утрински – кога ке почнат да линкуваат пооделни написи од блогери на актуелни теми – особено на оние блогови кои се занимаваат со таканареченото граѓанско новинарство … или сеедно пишуваат за дневно актуелна тема … вакви ликувања т.е. одвојување на специјален веб простор има во сите подолеми светски електронски медиуми каде се пратат – блоговите, подкастите и сличните други електронски форми на граѓанско новинарство …

    поздрав.

  4. Комитата

    Добре бе, разрешете коментари и на български, за да не се "преправят" българите, че говорят македонски. Или българските читатели всъщност не ви интересуват?

  5. Глиша

    > прашувам зошто има премалку реклами

    Па исклучи бе adblock plus во Фајрфоксот. 🙂

  6. Anonymous

    1. Фала Глиша за предлогот, мислам дека ќе реши многу во иднина, иако можеби ќе биде слично решение.

    2. Одговор за рекламите за Волан: За жал e-commerc-от во МК не е развиен. Никој не сака да инвестира во инфраструктура за да се развие рекламирањето на Интернет, барем во оваа фаза. Најчесто постои договор со агенција која го има закупено просторот, а она што се гледа е резулатот од нивната работа, не се можни дури ни google ads на многу такви сајтови, сега за сега.

    Што се однесува до линковите и користењето на она што се вика Social media, Social bookmarking и слично засега кај нас е на ниво на идеја и план, проблем се внатрешните ресурси за таа обемна работа. Утрински има 80-90 статии дневно, замислете колку линкови ќе треба да се прават. Се додека сајтовите не земат поголем од колачот за реклами, ќе се работи вака, односно онлајн изданијата ќе бидат само приверзок и интраконкуренција на базичните медиуми.

    Благодарам за интересирањето и доколку некој друг има додатни прашања со задоволство ќе ги одговорам.

  7. волан

    Зоран Ричлиев … не очекував кедда ке одговорите на коментарот … поздрав.

Коментарите се затворени.