Media & Marketing Blog

10+1 совети за нови корисници на Twitter

Бројот на локални Twitter корисници расте. Поголем дел од нив се регистрираат и за она кратко време кое се подготвени да му го посветат на овој сервис не успеваат да ја видат неговата употребна вредност. Најчесто се покајуваат зошто го потрошиле и тоа време и продолжуваат понатаму со својот живот, подеднакво среќни како и порано.

Нема тука ништо лошо, да не ме разберете погрешно, не е (баш) секој сервис подобен за секого, и не мора секој од нас да сака да го прави она што го прават другите. Но, секој сервис заслужува да биде колку-толку сфатен и да му се даде вистинската шанса. Токму затоа, во денешниов пост ќе се обидам да им помогнам на сите оние кои ја одминале или допрва ќе ја одминат „заразата” наречена Twitter. Секако, со цел да не ја одминат туку да се приклучат на малата, но исклучително активна, локална интернет заедница. Па да одиме со ред:

1. Избери кратко и лесно корисничко име

Не дека не може да се промени подоцна, но почетокот е исклучително важен. Избери корисничко име кое е кратко, логично и лесно за памтење. Twitter се користи и на мобилен телефон, мислете и на оние кои ќе треба да го пишуваат вашето корисничко име на тие тастатури. Бројот на replies на почеток знае да зависи и од леснотијата да се запомни корисничкото име. Не користете хакерска комбинација од бројки и букви, долни црти, специјални знаци и сл.

2. Пополни што е можно повеќе податоци за себе

При регистрација Twitter повеќе (до некаде со право) е фокусиран за вие да ги пронајдете и следите луѓето и компаниите кои веќе ви значат нешто во вашиот живот. На тој начин се надеваат дека полесно ќе влезете во ритам и ќе се приклучите во конверзацијата. Но, Twitter не знае дали вашите пријатели (кои сте ги пронашле преку gMail или FB) се активни и релевантни корисници на овој сервис, па затоа овој чекор и не помага баш премногу. Но, за сметка на овој чекор, за да не биде целиот процес на регистрација предолг и оптоварувачки Twiter не бара да пополните многу инфо за себе. Дополнително, овој дел го има закопано зад 2 клика во twitter.com > settings > profile. Тука, обиди се веднаш по креирањето на сметка да пополниш повеќе податоци. Причината е едноставна. Колку повеќе инфо за себе, толку поголеми се шансите да почнат да те следат останатите корисници. Внеси url, корисен опис во полето Bio и стави слика која ќе кажува нешто за тебе. Внимавај, аватарот (сликата) на овој сервис се гледа во многу мали димензии на веб, но и на мобилен телефон, затоа не ставајте слика со многу ситни елементи и слика од вас пред некој споменик.

3. Пријави се на 140.мк

140.mk македонски твитер агрегаторОд слични причини како и овој пост пред извесно време го стартувавме првиот македонски Twitter агрегатор/директориум наречен 140.mk. На овој сервис може да се пријави секој МК корисник со својата Twitter сметка При регистрирањето ќе треба да одбереш 6 категории/теми за кои најчесто (ќе) твиташ. Со пријавувањето на овој сервис и со изборот на категории дополнително се зголемува шансата некој да почне да ве следи или да отпочне конверзација врз основа на заеднички интерес.

4. Пронајди и следи ги активните локалци

140.mk повторно е главен и во оваа точка. Расчепкај низ категориите и низ целата листа со пријавени членови и според нивното Bio и твитови избери да следиш корисници со кои имаш заеднички интерес. На тој начин релевантноста на твитовите кои ќе се појавуваат во твојот стрим ќе биде зголемена и автоматски самиот сервис ќе има смисла и корист. Секако, не се ограничувај само на локалците, има многу интересни корисници од регионот и пошироко кои вреди да се следат.

5. Следи ги актуелните дискусии и вклучи се

Суштина на Twitter е конверзација. Токму во тој  дух корисниците често отвораат теми на кои со денови, а некогаш и недели се тераат дискусии. Обединувањето и следењето на овие теми е овозможено благодарение на употребата на тагови. Тоа се они зборови во самата порака (твит) кои имаат # пред зборот. На 140.mk многу брзо и лесно може да се види која е актуелна тема во моментов но и да се види листа на актуелни теми (наскоро овој дел ќе биде надграден). Редовно следете ги темите и вклучувајте се во дискусијата со користење на таговите. На тој начин ќе пронајдете и запознаете а и ќе те запознаат повеќе корисници.

6. Пронајди ја алатката која ти одговара

Повеќе од 2/3 од твитовите се испратени преку други сервиси, а не преку Twitter.com. Ова укажува на фактот дека постојат голем број на алатки преку кои може посоодветно да го вклопите користењето на овој сервис во вашето секојдневие. Постојат Twittеr сервиси како Firefox додатоци, десктоп апликации, апликации за мобилен и веб сервиси. Пробајте неколку различни варијанти и изберете она што ви одговара најмногу.

7. Не твитај Facebook статуси

Иако на прв поглед празното поле во кое треба да пишете What’s happening, со најмногу 140 карактери, потсетува на статус пораките на Facebook, не е исто. Верувај, не е исто. Со тек на време многумина го сфаќаат тоа и почнуваат да ги употребуаат овие две форми на објавување различно. Публиката, комуникацијата, очекувањата и сл. кај двата сервиса се различни. Дополнително можноста да следите и да бидете следени без потребата за одобрување од двете страни значително влијае на природата на комуникацијата на Twitter. Ако не ми верувате мене, верувајте и на danah: Some thoughts on Twitter vs. Facebook Status Updates.

8. Не претерувај со автоматски објавени твитови

За Twitter постојат голем број сервиси кои нудат значително збогатување на корисничкото искуство. Кратење на адреси, споделување на слики, видео и сл. Но постојат и сервиси кои овозможуваат автоматско објавување на твитови преку rss feed. Внимавајте со нивната употреба. Најчесто твитот нема да изгледа привлечно и разбирливо ако го прави машина, дополнително може да закачите feed кој ќе „спамира” па со тоа и се зголемува ризикот за пад на бројот на пријатели.

9. Користи @reply и RT

Не се срами, целта на Twitter е да се дискутира. Двете осовни форми е @reply и ReTweet. На овој начин директно ии индиректно може да стапите во комуникација со корисници кои не ве следат. Исто така не треба да се заборава да се искаже благодарност ако некој ве ретвитал. Постои цела серија работи на кои треба да се внимава за да се успее да се направи твит кој ќе биде ретвитан. Секако, сето тоа најчесто доаѓа со искуство.

10. Немој да почнеш да следиш 200+ луѓе во рок од 10 минути

Една од почестите грешки која ја прават новите корсници е токму тоа. Штом ќе се регистрираат веднаш во својата листа додаваат голем број корисници. Прво, додека не си најде соодветно место во дневната рутина следење на голем број корисници може да биде демотивирачки потег. Второ, ако одеднаш додадете голем број корисници со цел тие да дознаат за вас и да ве додадат во листата, малку сте побрзале. Процентот на тие кои ќе направат т.н. follow back е значително помал кога вие немате детални информации за себе (види точка 2) кога имате објавено само 5-6 твита и кога следите 300 а ве следат 10 корисници. Take your time, не се брзај, се ќе си дојде со ред. Малку по малку секој може да си го најде своето место.

И за крај, што апсолутно не значи дека ова треба да го направиш последно:

10+1. Следи го @sead93

Нема да појаснувам многу. Човекот доби свој таг кога се врати од одмор. Тој, официјално, ги има клучевите од #prvasmena и може за час да ти го развесели денот. Патем, нели, колку да се знае, Сеад Џигал е коавтор на овој блог и плус објавува и на својот личен блог Дејгиди дел од блог мрежата Црна Овца.

3 коментари на “10+1 совети за нови корисници на Twitter”

  1. Tweets that mention 10+1 совети за нови корисници на Twitter | К О М У Н И К А Ц И И -- Topsy.com

    […] This post was mentioned on Twitter by darko buldioski, Vladimir Stankovic, Sofija Angelova, Kristijan DZonov, Томислав Joвановски and others. Томислав Joвановски said: RT @kuzman0v RT: @stranecot RT @darko156 10+1 совети за нови корисници на Twitter | К О М У Н И К А Ц И И http://bit.ly/95repz […]

Коментарите се затворени.