Media & Marketing Blog

За авторцките работи, квантитето и новинарцкио Хипократ

Гостински пост на Зоран Ричлиев, во моментов уредник на Телеграф.мк долги години дел од Утрински весник, и редовен аналитичар и критичар на дигителните медиуми. Текстот иницијално беше објавен на Facebook, за оваа пригода малку е скратен и има линкови.

_____

Сферата на интернет медиумите во Македонија е хаотична – факт. Како што, впрочем, е хаотична со кои било вид на медиуми во Македонија.

Уште на почеток, тоа не значи дека ни треба нов закон, тоа значи дека треба да се почитуваат постојните пишани и непишани закони кои очигледно дека ако за некои важат – за други не, на крај не важат за никој.

Еден од главните проблеми што не само познавачите на дигиталното новинарство, туку и публиката може да го наведат во однос на понудата на новинарски содржини на интернет во Македонија е лошиот однос на квалитет и квантитет.

Едноставно, има многу материјал, а малку од него е квалитетен. Таа грешка, како државна демек демократична стратегија,  ја направивме со телевизиите и радијата, сега ни се повторува со интернет-медиумите.

Зошто секој може да отвори медиум?

Затоа што може! Затоа што тоа е право му е загарантирано со Устав. Но, дали секој може да одржи медиум имајќи ја општествената одговорност што треба да ја има за да го прави тоа е друго прашање. Доколку медиумите работат еснафски и законски, нивното одржување е скапо – треба да платат квалитетни новинари, фоторепортери и лектори, треба купат скапи текстови и фотографии од локални и светски агенции, треба да се платат професионалци кои можат да работат 24 часа, односно трипати повеќе отколку во традиционалните медиуми како весниците, треба да биде присутен секаде и во секое време, треба да се изгради име и бренд за почит…

Но, доколку некој „медиум“ се сведе на бесправно крадење од конкуренцијата, правењето и одржувањето е многу ефтино – единствено ви треба тинејџер со компјутер, некоја бесплатна или пиратска веб платформа и 100-200 евра годишно за хостинг – сè друго е минимален труд на копи и пејст и бркање реклами со посетите на чело. Ако се има некое евро да се купи и злоупотреби и некоја фејсбук група направена за поддршка на некој кошаркар, турска серија или хуманитарна акција,  тогаш вториот вид т.н. „медиум“ многу лесно ќе го надмине првиот, во секој поглед, па со време дури и во квалитет. Без тертип, лошото победува.

Од причина што кај нас постојат и првиот вид (тие што се обидуваат да работат еснафски и законски) и вториот (тие што чекаат на готово, без трошка труд), првиот почнува да се корумпира, па си вели:

Зошто јас да работам легално, кога никој не го гледа тоа?

Зошто јас да купам вест од агенција и да го наведам изворот кога, конкурентот ќе ми ја копира и ќе ја потпише како своја?

Зошто да плаќам квалитетни новинари кога конкурентот со едно „дете“ ја врши работата?

Зошто морам да бидам новинар, кога знам како се лаже?

И така натаму…

Ако ја продолжиме битката на тертипи, на крај ќе нема кој од кого да краде, ќе останат само крадците, новинарите ќе почнат да возат такси (што сепак е подобро отколку да најдат работа како лажачи за некоја политичка партија).

Кога би се средиле работите со авторските права, тогаш на пазарот ќе останат само неколкумина, затоа што толкав е капацитетот на оваа публика и овие клиенти кои се рекламираат. Тие неколкумина, се надевам, ќе се борат за квалитет, а не за квантитет на содржини, затоа што ќе треба да створат однос со публиката, ќе бидат малку и ќе бидат видливи со сите доблести и мани, кои во сегашнава ентропија на информации се губат во непрепознатливост.

Заборавениот автор и непочитуваниот носител на правата

Почитувањето на авторските права односно плаќањето на трудот на авторот од секој што го користи е императив за квалитетна содржина. Тој ќе создава квалитетен продукт затоа што поскапо ќе го наплати. Инаку зошто да учествува во експедиција на Хималаите и да прави репортажа, кога тоа може со два клика да го земе од National Geograhic, на пример?

Цитирањето на изворот, па и со линк, не значи признавање и наградување на авторот, освен во ситуација кога самиот тој не го лиценцирал својот труд со т.н. Creative Commons лиценца, или пак комплетно го ослободил делото од надокнада за негово користење, дури и во комерцијални цели. Има доблести и во вредностите на „пиратската партија“, но тие не се релевантни кај нас, затоа што сите се пирати кои се борат меѓу себе.

zoran-ricliev-post

Кај нас на интернет, секој краде од секого и вели дека го прави тоа затоа што сите го прават тоа. Се појавија неколку лаици и помислија дека новиот закон за контрола и цензура на медиумите ќе им го реши авторството. Нема, затоа што тоа го „решава“Законот за авторски и сродни права, но и другите веќе постоечки закони. Можеби за текст е малку сомнително да се докаже, но за фотографија ситуацијата е чиста како солза. И за авторот и за носителот на правата на користење, и за „крадецот“.

Само некој треба да тужи. Никој не сака, затоа што сите имаат сомнителни џамлии во џебот. Некои само неколку, некои само такви, ама сите пливаат во иста бара. Барата ем мала, ем матна, ем многу крокодили.

Дека ќе дојдат други времиња зборува и примерот што неодамна му се случи на еден голем хрватски портал нема сомнение. Имено, со самиот влез на Хрватска во ЕУ, на граница ги чекаа тужби за непочитување на авторски права, особено на фотографии. Главен што настрада е еден од најголемите хрватски портали кој е во сопственост на меѓународна корпорација. Доби тужба од верувале или не 400.000 фунти. Стратегијата е да се удри силниот, помалите ситни далаверџии сами ќе се повлечат. Но, ние немаме такви грижи, сè уште сме далеку од Европа ќе одговори нашиот Итар Пејо од „Далавера медија“.

Квантитет, поголем квантитет, и статистика

Квантитативното мерење на посетеноста на веб страниците може да се измери релативно точно, доколку сите инволвирани медиуми ги стават своите податоци на маса и доколку тој што мери ги знае „финтите“ за лажирање посетеност.

Има лага, поголема лага и статистика, нели? Селективното прикажување на податоците заведува, особено кога од другата страна стои некој како просечниот рекламер кој не ја разбира или не сака да ја разбере работата, а во рака држи драгоцено купче со пари. Македонија сè уште нема официјален рејтинг на сајтовите како по квантитет така и по квалитет на публика. Во она што деновиве се лиферува како идна официјална статистика видливи се пропусти каде не се земаат во вид различните видови на финти што може да се направат за да се „купат“ и „изглумат“ посети.

Конечно, квантитативната статистика на посетеност не кажува каде е подобро да се рекламира некој. Можеби клиентот не сака неговата реклама да оди до некоја бизарна вест, можеби сака да ја даде на место каде публиката се чувствува задоволно, информирано и со доверба гледа кон тоа што се прикажува на екранот.

За жал во Македонија царува квази-квантитет и тој од сите нас кои создаваме содржина на веб, бара да станеме таблоидни. „Жолтото“ носи посети, десетпати повеќе од другата содржина, но какви посети? Дали тој посетител што ќе кликне на некое морбидно видео од сообраќајна незгода е менаџер со висока плата кој може да купи автомобил виден на банер, или е само тинејџер кој бара возбуда од две секунди? Пред кого сака клиентот да ја покаже рекламата? Засега, сите прашуваат само колку е посетен некој сајт, а не како, од кои луѓе и дали тие му веруваат.

Кога сме кај рекламирањето има уште еден нов и клучен момент, кој на нашиот пазар се појави минатата година, а во светот е пракса веќе десетина години. Тоа е плаќањето на рекламата по број на прикажувања, т.н. CPM (Cost per Mille), а не според тоа на колку време сме купиле некоја позиција. Доколку се плаќа на време, тогаш колку се побројни посетите, толку рекламата ќе стигне до повеќе луѓе, но доколку платите по број на импресии, ќе добиете точно толку прикажувања колку што сте платиле без разлика на посетеноста на сајтот, и, тогаш ќе бирате поквалитетен сајт со публика која е покорисно да се таргетира.

За агрегаторцките работи

Агрегаторите, ќе ги споменат многумина во негативен контекст, како главни „крадачи“. Тие не ја „копираат“ веста, туку информираат за нејзино постоење и пренасочуваат кон изворот.

Сепак, тие влијаат врз односот квалитет-квантитет. Факторот квантитет на содржини на медиумите е битен за зачестеноста со која некој медиум се појавува на агрегаторот и со самото тоа станува повидлив од другите. Нивната популарност индиректно го менува начинот на кој медиумите функционираат, стимулирајќи го квантитетот, за сметка на квалитетот.

Евтин медиум = корумпиран медиум

За крај, силата на медиумот е во неговата независност како чувство дека негов сопственик е публиката на која и се обраќа. Комерцијалниот сопственик или пак клиентот кој се рекламира е само концесионер на јавниот простор, а не сопственик.

Доколку медиумите немаат финансиска моќ или пак се состојат од тинејџер во шорц и компјутер, тие многу лесно ќе бидат „злоупотребени“ од центрите на моќ, било комерцијални, било политички.

Затоа е битно медиумот да заработува – не за да се „богатат“ новинарите, кои во суштина имаат етички „оптеретена“ професија речиси колку докторите и свештените лица, туку да бидат храбри чувари на етиката и светло во тунелот на транзициски пореметените вредности.

(Овој пост ги изразува исклучиво личните ставови на авторот и неговата цел е да предизвика дебата и постепено договарање на фер правила на игра со цел подобри и поквалитетни медиуми на интернет)

фото: sxc.hu/@rps115 (royalty free)

2 коментари на “За авторцките работи, квантитето и новинарцкио Хипократ”

  1. Новица

    Го читав 1.5 пат. Не ми е јасно што е поентата.

    • Зоран Ричлиев

      Здраво Новица,
      те разбирам што не ме разбираш 🙂 затоа што ова е ФБ пост кој е испукан во еден здив, без препрочитување.
      Поентата, за тебе а и за другите, накратко е:
      Нагло зголемениот број на квази медиуми и мултиплицирани информации во комбинација со непочитување на основните етички принципи носи кон намалување на квалитетот на информирањето до ниво на апсурд, со што се губи улогата на медиумите да бидат чувари на вредностите. Сето тоа е мотивирано од гладот за посети, кои демек водат кон повеќе реклами, т.е. пари.

Коментарите се затворени.