Media & Marketing Blog

#OSLO – Медиумска каша-попара, шпекулирање и Twitter

Навраќајки се по извесна временска дистанца кон трагедијата во Норвешка од 22 јули во која беа убиени 77 лица може да се потврди дека голем број од деталите кои даваат појасен увид во грозоморниот чин излегоа на површина. Покрај идеолошко-политичките, економските и другите слични информации кои му дадоа контекст на целиот настан, се појавија доста информации и за тоа како терористот од Осло ги користел медиумите и интернетот.

Веднаш по настанот беа објавени содржините кои тој претходно и плански ги оставил на интернет под име „Манифест“ и кои планирал да послужат во објаснувањето на неговата „кауза“.

„Oslo terrorist Anders Behring Breivik’s extensive Internet presence gives us a look inside the inner workings of a madman. Meet a young man obsessed with Muslims, liberals, commercial techno music, and World of Warcraft

Голем дел од аналитичарите овие материјали ги оцени како екстремистички и радикални, додавајќи дека се работи за површни и неповрзани текстови кои се прилично плитки кога станува збор за анализа на состојбите во Европа и во светот, особено на полето на политиката, глобализацијата, мултикултурализмот и економијата. Во своевиден колаж на различни теми поврзани низ нишката на исламофобијата и омразата кон емиграцијата во западниот свет, се спомнува и Балканот како една од „мотивациските точки“ на овој злосторник.

Медиумската каша-попара и шпекулирањето околу настаните непосредно по трагедијата одлично е отсликана во прилогот на „Colbert report“:

Погодете од каде му била инспирацијата?

На својот Фејзбук профил убиецот навел дека еден од неговите омилени филмови е „Догвил“ од Ларс форн Трир во која при крајот на филмот има сцена со масовно убиство. Таа, наводно, му послужила како инспирација на убиецот. Понатаму, според сопственото признание, убиецот додека ги извршувал убиствата на својот iPod слушал музика од филмот „Господар на прстените“ (Clint Mansell, Requiem for a Dream) за да не ги слуша повиците и гласовите на своите жртви.

„Ако филмот навистина му бил инспирација, тогаш жалам затоа што го направив. Но, јас имав сосема поинаква намера. Мојот филм го отвора прашањето дали можеме да оправдаме лик кој му се одмаздува на целото село? Сакав да покажам дека не е се така црно и бело. Моите ставови се сосема спротивни на оние на Брејвик”, наведува режисерот Ларс форн Трир.

Силен одек на Твитер

Настаните од Норвешка имаа силен одек на Твитер, што може во прегледна форма да се види од најкористените тагови: „Hashtags generated from #Oslo first 3 days after shooting“. Во дискусиите се исплреплетуаа различни теми, од глобализацијата, преку тероризмот до крстоносните војни.

Во анализите на неговите активности беше потврдено дека убиецот бил прилично активен на социјалните мрежи, особено на Фејзбук, и дека многу од сопствените ставови споделувал на десничарските блогови во Норвешка. Еден од највлијателните блогери од оваа група, Петер Јенсен, кој пишува под блогерски псевдоним „Фјордман“, бил „политички идол“ на терористот. Тој се појави во јавноста и се огради од текстовите и делата на убиецот.

„Никогаш не се сретнав со него, ми пишуваше електронски пораки…Едноставно ми се виде плиток и неинтересен“, наведува Јенсен во интервјуто за норвешкиот весник.

Сумарно, низ подлабоко согледување на сите овие парчиња по трагичните настани, најлесно е да се каже дека станува збор за „искомплексиран социопат и екстремист“. Сепак, она што мора да се напомене е дека неговото користење на интернетот и медиумите многу ја забрзало преобразбата од „млад конзервативец од Норвешка“ во екстремист и масовен убиец. Колажот од медиумски влијанија и самиот негов Манифест покажуваат дека се работи за комбинација на површни и произволни сфаќања за реалноста во Норвешка и во Европа.

Проблемот со лесно достапните информации е токму во тоа што речиси на сите оние кои доаѓаат до нив им нудат впечаток дека „знаат сé“ и дека се стручно упатени во оние области кои ги следат на интернет и во медиумите. Корисникот може лесно да оформи сосптвен лик кој претендира на тоа дека го разбира светот и како тој функционира, а со тоа и дека знае и може да го смени по сопствено убедување.

Втор момент, кој треба да се подвлече, а е одлично скициран во текстот на Предраг Марковиќ „Отровни плодови на блогосферата“, е тоа што неограничените комуникациски можности отвораат сосема нови димензии, вклучително и на планот на ширење на негативните последици. Луѓе со опасни идеи лесно се поврзуваат, разменуваат идеи и ја засилуваат својата омраза, нетрпеливост, радикализам и слично. Интернетот може да ги интензивира постоечките проблеми и да ги доведе до степен во кој лесно се губи контрола. Површноста комбинирана со брзината и интензификацијата е една од опасностите на интернетот и новите медиуми на кои мора да бидеме свесни, и која сé почесто се ословува како „Internet Age of Rage“.

Стравувам дека повеќето луѓе со сé помалку претпазливот ги собираат плодовите на Интернетот. Сите се свесни на некои други (морални и законски) опасности на него, полека се развива претпазливост од педофили, измамници, крадци на кредитни картички и крадци на идентитетот. За жал, многу е послаба свеста за пара-научните блогови и сајтови, кои навидум можат да изгледаат прилично едуцирани, убедливи и логични. Нужно е на сите рамништа на образованието да се развива критичката свест, да се учат младите луѓе да ги идентификуваат „менталните отрови“ расфрлани низ Интернетот и да ги разликуваат од вистинското знаење и „мелемот за ум“. Предноста мора да им се даде на авторизирани сајтови, интернет-енциклопедии (како Википедија) каде знаењето и информациите се издржани, проверени и прецизно референцирани. Но, сето тоа е тешко, долготрајно и скапо (Предраг Марковиќ, Политика).

И би додал, живееме во „брзи времиња“ каде „инстант знаењето“ владее а информациите доминираат над знаењето та многумина од нас се решаваат за покусиот и полесниот начин во обид да се убедиме себе си и другите дека нешто „знаеме“, со сите негативни последици кои тоа го носи.