Културен живот за блоговите

Бидејќи сум директно засегнат од информацијата што следи, веднаш да се „заградам“, постов не е за самопромоција, туку за показ како блоговите и нивното место во општествово зајакнуваат, се шири и се дебатира нивното значење (а башка и Дарко ми кажа, напиши нешто пошто те има :) Имено, последниот тримесечник, т.е. летен број на „Културен живот“ оди со главна тема „Комуникациите и новите медиуми. Моќта на блоговите“:

Списанието за култура, уметност и за општествени прашања „Културен живот“ му го посвети своето последно издание на блогерството. Под заглавјето „Комуникациите и новите медиуми. Моќта на блоговите“, се објавени текстови на комуникологот Сеад Џигал, Сузана Милевска пишува за блогосферата како стражар на визуелната култура, археологот Василка Димитровска објавила текст за блог-археологијата и за нејзината веродостојност, Јана Ивановска (NYCS) истражувала на тема како блоговите влијаат на јавното мнение.

Текстовите се претежно од настапите на авторите на Glocal 2.0 и топло ги препорачувам за читање. Да не испаднам шкрт еден дел од мојот текст:

Владеачката либерална идеологија, чии столбови се демократијата и пазарната економија, не штеди зборови да ги фали, препорача, континуирано развива и силно да инвестира во новите технологии. Степенот на нивна усвоеност е мера за развој на одредено општество, а примарни развојни проекти се токму оние кои новите комуникациски технологии треба да ги применат не само во производството и деловниот свет, туку и во образованието. Дигиталната писменост на глобално ниво станува образовен приоритет, кој секако по определено време ќе стане приоритет и во Македонија. Како и да се земе, промотивните содржини и начините како се препорачува усвојувањето и примената на новите технологии, со ниту еден збор ниту знак нема да ве предуреди за можните несакани ефекти кои усвојувањето и примената можат да ги имаат. Да речеме кога ќе се решите или ќе ви биде препишан соодветен лек, во упатството секогаш стандардно мора да бидат наведени можните компликации, несакани ефекти и слично. Тоа засега воопшто не доаѓа предвид да биде приложено или наведено кога да речеме купувате лап топ или нов I-Pod. Едноставно ние сè уште се наоѓаме во идеалистичката фаза на новите технологии каде е непојмливо јавните тајни (дека има комликации при одредени ситуации и употреби) да бидат ставени транспарентно едни до други со самите технолошки уреди и услуги.


sead93

Сеад е магистер по комуникации кој проучувањата во комуникациската наука ги фокусира на популарната култура, новите медиуми и пропагандата. Издал две книги збирки културолошки есеи (двете во 2002) и редица текстови во неколку списанија во земјата и надвор од неа (Lettre International, Наше писмо, Блесок, Културен живот, Разгледи, Balcanis…). Со својата смисла за хумор, неуморно „им го прави денот” на голем број интернет корисници.
This entry was posted in Academic, Local, New Media, Social Media and tagged , , , , , , , . Bookmark the permalink.

1 коментар на "Културен живот за блоговите"

Коментирај!