Media & Marketing Blog

Преиспитување на класичните мотоа на новинарството

Новите медиуми го менуваат новинарството на длабински начин. Тие промени се сé уште во тек и во голема мера се недовршени. Новинарството се обидува да се прилагоди и на новите медиуми, но и на новата „публика“ која повеќе и не е публика. Станува збор за една трансформирана и дисперзирана категорија. Станува јасно дека нема повеќе јавност и масовна публика во класична смисла, туку има НОВ ТИП ЗАЕДНИЦИ кои бараат „заедништво со медиумите“ во процеси на прилагодена интеракција, активна партиципација и двонасочна комуникација. Публиката се дисперзира на КОРИСНИЦИ, а медиумите мораат забрзано да се прилагодат на таа тектонска социолошка промена.

Во ваков „транзиционен“ медиумски контекст интересно е да се преиспитаат некои класични мотоа на новинарството до кои медиумите се држат слепо, не заради сигурност дека мораат, туку повеќе од несигурност кои се алтернативите. Токму во овој правец извонредно интересен е прилогот на socialmedia.biz под наслов „Преосмислување на новинарството во ерата на социјалните медиуми“ и неколку класични новинарски принципи кои авторот предложува да бидат преиспитани.
Да ги разгледаме низ адаптирана верзија за нашите услови на овој план:

1. Објективноста е светост

Авторот вели дека моментно се случува сериозен пресврт во кој корисниците не се повеќе толку заинтересирани за објективноста на медиумот, колку што за нив е важна ТРАНСПАРЕНТНОСТА. Уредувачката политика и блискоста на медиумите со одредени општествени моќници не може да се сокрие во денешниот супер поврзан и хипер информиран свет. Она што им останува на медиумите не е да глумат дека се „објективни“ и дека „живеат и работат само за публиката“, туку на транспарентен начин да ги пласираат и презентираат информациите и содржината. Класичарското идеализирање на одамна неприсутната објективност и дволично додворување на корисниците е надминат модел.

2. Содржината е најважна

Неспорно е дека корисниците ги конзумираат медиумите примарно заради нивните содржини, но останува фактот дека тие се приврзуваат кон нив и остануваат на нив само заради КОНВЕРЗАЦИЈА. Ако медиумот им го овозможи тоа, тогаш може да се каже дека тој одговорил на предизвикот на новото време и изградил здрав однос со корисниците.

3. Мобилните медиуми се ограничени

Потребно е што поскоро да се надмине оваа заблуда, а медиумите да се прилагодат на новиот корисник кој сé повеќе ќе ги користи медиумите во движење. Потребно е не само техничко прилагодување на содржините за користење преку мобилни уреди, туку и употреба на редица новоразвиени средства кои ги разработуваат новите технологии.

4. Медиумите треба да ги поттикнуваат граѓаните на преземање акции

(тие треба само да инфомираат, а публиката сама да донесе свои ставови)- Се чини дека „неангажирачкиот приод на медиумите“ vis-a-vis корисниците е надминат модел на дејствување. Медиумите често им се обраќаат на институциите, центрите на моќ и на јавните функционери со цел да преземат некоја акција, решат некој проблем и слично. Поттикнувањето на ангажманот на корисниците главно се сведува на пренесување на препораките за чување од жешки температури, пиење течности и слични тракатанции. Тоа мора да се промени, поттикнување на ангажираноста на корисниците е во склад со останатите начела кои интензивно се развиваат (конверзацијата, партиципацијата и контрибуцијата) и мора да се засновува на врвните општоприфатени етички принципи од типот на јавен интерес, владеење на правото и правдата, хуманоста и слично.

5. Новинарите никогаш не промовираат – Зошто да не?

Промовирањето и препорачувањето се дел од новиот супер-поврзан интернет. Споделувањето е еден од најважните принципи кои ги градат заедниците и мрежите на корисници. Споделување содржини, постови, фотографии, видеа и сé што ја поттикнува конверзацијата е повеќе од добродојдено.

6. Бројките се важни но не баш многу

Иако скептицизмот кон бројките и статистиката кај нас е сé уште силно присутен, сепак нивното влијаание е неспорно, особено кога се тие приложени на транспарентен, сеопфатен и неманипулативен начин. Ова особено се однесува на транспарентноста во однос на број на посети, кликови, коментари и други придружни содржини кои се елемент во прилог на градење доверба и заедница од корисници. Статистиките не треба да се кријат како што е тоа случај со тиражите и гледаноста на домашните медиуми и да бидат некаков супер таен, сокриен документ кој им се презентира исклучиво на огласувачите (и политичарите?).

7. Медиумите треба да привлекуваат публика

Грешка во старт. Единствен спас на медиумите денес е во постапно и трпеливо градење на ЗАЕДНИЦА на корисници кои знаат што ќе добијат од вас. Таргетирање и бихејвиористичко дразнење и манипулирање (особено со тривијални, ниски скокотливи содржини) се помалку ќе бидат ефектни. Светот се менува, тоа е најприродното нешто, а (само) со „ефтини“ мамки не можете да сметате дека некој ќе развие почит или приврзаност кон вас.

8. Медиумите мора сами и контролирано да ги дистрибуираат содржините

Споделувањето не смее да биде подредено на контрола. Медиумите мора да му дадат простор на процесот на слободно споделување и препорачување, не само преку техничко овозможување, туку и со надградба на процесот и промовирање на одредени носители (external content champions/ditributors) во форма на истакнати поединци, агрегатори, персонализирани канали и слично.

2 коментари на “Преиспитување на класичните мотоа на новинарството”

    • Jaclyn

      Alguém se lembra da expressão "imprecisão telo;nmrógica&quoti? Foi cunhada por Palocci, e referia-se a todas as mentiras proferidas pelo violador de contas de caseiros. Eu não me disporia a ficar num mesmo ambiente que este elemento nefasto.O Instituo Mileniu, ontem, deu uma tremenda bola fora.Fica registrado aqui o meu protesto.

Коментарите се затворени.