Media & Marketing Blog

Дебакл на македонското новинарство во грчкиот спор за името

Ако мислевте дека само нашите Олимпијци во овој период се испосрамотија, не брзајте со заклучоците на тема резилење. Она што од поодамна ни беше јасно, овој период од некои последни недела-две доби грандиозни размери. Имено, се работи за името.

Македонските новинари немаат поим што се случува во толку медиумски експлоатораниот „спор за името“, енде, точка, коњец, финито, но дискашн (ќе се вратам на тезава, секако). Со тоа што тие немаат поим, автоматски и ние како јавност уште помалку имаме поим, имајќи предвид дека јас како и повеќето од нас задниве година две не сме пиеле кафе со преговарачот и другите инволвисани.

Се надевам Цепенков ќе ми прости што не ми текнува соодветна локална гноса за америчкава фраза, критиката кон нашите новинари секогаш е само „мавање на липсано магаре“. Сите знаеме дека условите за нивната работа се никакви, мали плати, непријавени, неосигурани, експлоатирани, под политички и економски притисоци, и што се не, и навистина човека да му е жал, најискрено имам здрава емпатија кон нив. Но, тоа никако не ги ослободува од одговорност за симулацијата (или симулакрум, што би рекол Фрчке) што ни ја приредуваат за тоа дека има „автохтоно, стручно и квалитетно новинарство“ во Македонија. Ако нема услови за новинарство како што треба, тогаш да си признаеме дека е така и да престанеме да фрламе пари во „скапани домати“ кои упорно и континуирано ни ги сервираат домашните медиуми, без исклучок.

Омилено кафе свратилиште за мк-журналистите

Ако ова звучеше можеби малку и афективно, еве и аргументи за горниве (северниве) тези:

  • на мал милион места беше континуирано посочувано дека кога станува збор за името, и дневните информации со кои не потхрануваат медиумите, 95% од нив се цитат и превод од тоа што грчките медиуми ископале на темава (ок, исклучок беше изјавата за „враќање на двојната формула во игра“, дадена од премиерот на некој архео-локалитет?!?). Се разбира тоа се се информации „од грчка гледна точка“, па ние како јавност мораме да ги истрпиме на наша кожа сите медиумски дефрустрации и грчки апчиња за нивната јавност, шпекулации, полу-информации, реторички стапици и слично. Причина за ова може да биде и затворениот вентил од страна на македонскиот преговарачки тим, ако е тоа некоја нивна тактика или препорака од американските браќа, но елем, не е оправдание за таков дебаланс во однос на изворите на „информациите“. Вака сите сме во еден ретро филм, како од времето на странските пропаганди од XIX век, токму на овие простори.
  • Откако, око не им трепнува за ова, па некој од нив чесно да признаеше дека „нешто луѓе не е во ред“ со методиката на покривање на толку важниот спор за името, почнаа да цитираат и сериозно да третираат „информации“ од некакви максимално ирелевантни извори (ала тутурутката Сем Вакнин) на темава! Дизастер.
  • Во таков „колаж“ на информации и искривоколчени извори, во едно исто издание на весник или вести македонскиот граѓанин ќе биде информиран дека: (1) Нимиц ќе ги замрзнел преговорите, (2) дека Нимиц ќе ги интензивира преговорите и (3) дека има таен договор за името. Мадре миа, и сеа!?! Каков рационален заклучок може да донесе македонскиот граѓанин врз основа на кој тој треба да донесе став и да гласа на евентуалниот референдум, или ако нема референдум на следните избори, да речеме? Со други зборови, тежок кец за медиумите во Македонија, со два минуса. Власта, опозицијата, дипломатите, политичарите ќе си останат тоа што си се, ќе си бркаат своите интереси, но останавме ние со недоветен квази-систем за информирање на јавноста на релевантни теми од јавен интерес (а темите типа, што правела Сара Леши у Охрид, или Катерина Иванова во нејзината нова фото сесија, се секако квалитетно покриени, нема збор, капа долу).

Ќе остане граѓанинот само метафора за тесните интереси и на политичките и на бизнис елитите (така иде зборот, иако нема ништо елитно кај нив, дапаче), како во оваа најрецентна преписка на ЕВН и сегашниот естаблишмент дека со новиот закон за енергетика, според ЕВН „ке страдаат граѓаните“ (а се мисли „ќе страда нивниот профит“), а Бладата возвраќа, „ЕВН да не го манипулира граѓанството“ со тоа „штитејќи не“.
Show must go on…

4 коментари на “Дебакл на македонското новинарство во грчкиот спор за името”

  1. Dime

    Браво мајсторе, убаво срочено. Се слагам максимално. Целото време го утепаа на глупости без притоа да направат простор и атмосфера граѓаните да ја разберат суштината на спорот и како да се постават и кого да подржат.

  2. sead93

    Dime merci 🙂 добро срочен коментар за суштината на работава 🙂

  3. Tome

    Постов ме потсети на:

    Наслов во весник: „Менингитис во Македонија!“

    Коментар на читател: „Пак ли бе носат грчки DJ, срамота!“

    🙂

  4. sead93

    Tome, да си здрав и долговечен, ептен се изнасмеав, хахаха, не ми с еверува.

Коментарите се затворени.