Media & Marketing Blog

Експлоатирачки и неексплоатирачки реклами

Иако терминот „експлоатирачки“ во сферата на медиумите најчесто се врзува со филмовите (термин: exploitation movies) ми се чини за погодно, па и препорачливо, овој концепт да се примени и во адвертајзингот.

Пред некој ден разговарајќи со Дарко, ми пренесуваше впечатоци од некои реклами кои ги има гледано во Турција, па подоцна листајќи некои прирачници појасна ми стана таа дивергенција на експлоатирачки и неексплоатирачки пристап во денешните реклами. Слично како и во случајот со филмовите, експлоатирачка реклама би била онаа која експлоатира некоја биолошка, психолошка или социолошка/идеолошка потреба на гледачот. Па така на пример бројните реклами со разголеничени тела (почесто женски отколку машки) се експлоатирачки затоа што работат на принцип на експлоатација на сексуалниот нагон на гледачот, за цели кои ги контролира оној кој ја осмислува рекламата.

Реклама во која тип(ка) се поти па пие некаков си пијалок, исто така е експлоатирачка, зашто функционира врз асоцијација на биолошката потреба за совладување на жедта, и слично.

Иако се далеку во помал број, неексплоатирачките реклами се далеку повпечатливи, и почесто се прераскажуваат и линкаат преку интернет. Неексплоатирачката реклама повеќе се конципира врз некоја досетка, хумор, метафора и слично, што бара поголем напор и креативност, но и остава подобар впечаток кај „гледателството“ 🙂

Ригидна дистинкција помеѓу двата концепти во пракса не е можна 100 процентно (секогаш ќе се најде по некој експлоатирачки елемент и вонеексплоатирачките реклами), па станува збор за доминантен пристап во самата рекламa, а не некој строг пуритански концепт.