Media & Marketing Blog

За медиумската фасцинација

Бедови, бедови

Медиумите се чудна работа, благо кажано. Но, тоа е така затоа што луѓето својата слободна волја ја насочуваат кон чудни и ирационални постапки. Медиумите не се проблемот, луѓето се проблемот, медиумите се само огледалото, а ликот во огледалото, тоа сме ние. Медиумите се само материјалната компонента, нас нè плаши сопствениот лик отсликан во медиумите, ние сме ликот на Анти Нарцис…Но, да не должам, да прејдам на проблемот.

Прашањето, поттикнато од клучните проблеми кои нè притискаат, е следното: зошто во медиумите доминираат примитивистички теми од типот: насилство, вербална и физичка агресивност, вербална и визуелна вулгарност, злонамерна и деструктивна пропаганда? 
Во најчитаните и „најинтересните“ вести додека ги пишувам овие редови беа изживувањето врз телото на убиениот американски амбасадор во Бенгази (Либија), вулгарни навреди на локален водител во врска со несреќен случај во семејството на уредник во друг медиум и тангите на една пратеничка. Ах, да, тука беа и неколку редовни колажни теми од типот каде Станија и Сораја ги прикажале своите предници и задници (ако не знаеш кои се овие ликови, сметај се за тежок асоцијален случај и побарај стручна помош), како се практикува сексот во затворските установи и зошто Вардар е најдобриот одговор за секој посериозен проблем во твојот живот?

А шо се дешаа у ствари?

Проблемите со кои се соочуваме се сложени и наталожени со време, низ постапни промени во свеста, културата и комуникацијата во заедниците во кои живееме. Одговорите на овие прашања се тешки, уште по-постапни и најчесто многу болни, и наликуваат на лупење кромид, слој по слој. Да се обидеме да го излупиме нашиов кромид, без да исплачеме премногу:

Медиумите се нервниот систем на општеството, низ нив циркулираат информации и содржини кои ја сочинуваат колективната свест на општеството. Медиумските содржини се аудиовизуелна рефлексија на колективната свест на заедницата во која делуваат. Заедниците варираат во своите форми, политички, етнички, јазични, итн, и се платформата врз која се одвива комуникацијата односно, размената и дистрибуцијата на информациите.

Во вакви рамки, медиумите повеќе не функционираат во доменот на некакво „позитивно рационалистичко јавно мнение“, кое подразбира политички коректни, корисни, афирмативни, информативни содржини, туку се електронски кванташки пазар на сè она што е присутно во општеството. Ништо повеќе не е, и не смее да биде скриено, нема сцена и зад сцената (via Жан Бодријар), сè е тука на купче.

Со еден збор, медиумите повеќе не аспирираат да бидат супер-его на нацијата или општеството,  за тоа како треба да се води животот, туку се прилепени кон нејзиното хардкор его. Тоа е клучната промена во денешните медиуми на со оние , да речеме од 80-те. Медиумите тоа успеаја да го наметнат преку „кодот на реализам“ (сè е тоа реално, се случува надвор, јас само ти го кажувам) и секако по принцип на квантификација: „толку многу медиуми има, што за нешто мора да се пишува и говори“. Исчезна завесата и останавме изложени на „реалноста“

Нова хит серија: „Ветриштата на реалноста“!

Во ред, ако завесата, или филтрите, ги снем(ув)а, зошто тогаш реалноста добива вакви антицивилизациски форми? Зарем некој очекуваше таква доминација на медиумскиот примитивизам во 21-от век?
Штосот е следен: филтри има многу повеќе од порано, а реалноста (зборувам за медиумски посредуваната „реалност“) е наменски изрежирана. Како во најдобрите реални шоуа во која режисерот бира од спонтаните нережирани сцени на што ќе ја насочи камерата, каков впечаток ќе ви наметне, како ќе го исконструира ликот на некој учесник (што ќе влијае клучно врз тоа дали ќе гласате за или против него), така и медиумите, во гро план, селектираат, селектираат, филтрираат, филтрираат, и креираат „пореална медиумска реалност“. Таа ве убедува дека е пореална од претходните реалистични медиумски форми, просто затоа што е поинаква и дава импресија на непосредуваност, т.е. директно ве изложува на неа. Но, во суштина тоа е прекодирана, селектирана, планска, наменска, конструирана реалност.

Оти бе сево ова, оти?
Ок, кој е штосот па тука, на ова трето, четврто ниво на кодирање на „реалноста“? Нема лесни одговори, па така и следниот е само обид да ви ги приближи истите.
Мејнстрим медиумите станаа еден вид „психоаналитичка нагонска кутија“. Тие не се комуникациски средства кои наоѓаат или оформуваат информации и ви ги пренесуваат, туку произведените или достапните информации ги користат да ги менаџираат нагоните на својата публика. Се разбира, нема да паднеме во стапицата на пре-генерализацијата, функционираат и медиуми кои оперираат на ниво на трансфер на информации и информирање, но најдоминантните, „највлијателните“, работат на чистиот нагонски модел. Информација, не заради информаци, туку информација како инструмент за нагонски стимулации.

Ефекти на медиумска реалност

Денешната информација нема за цел да ве информира за нешто и да го збогати вашиот интелектуално-когнитивен капацитет, туку е така одбрана да ве погоди во „нервните чакри“, да ве стресе, да предизивика реакција и да биде што „помоќна“ токму во овој дел: да функционира како некаков струјно-електронски удар врз свеста на публиката. Информациите се само носител на овој информациски напон. Ваквото менаџирање на „информациската моќност“ е доминантната цел на медиумите кои во нив гледаат добитна формула за гледаност, читаност кои потоа се рационализираат и квантифицираат со цел да бидат објективни аргументи за привлекување рекламни средства, политичка подршка, и слично.

Колатерална информација, нагонскиот рецепт е преземен од маркетингот и сè она што како завештание ни го остави еден мрачен лик под име Едвард Бернес (Edward Bernays). Накусо кажано, тој е првиот кој се досетил психоанализата да ја примени за рекламирање и маркетиншки цели, односно да цели кон нагоните на потрошувачите преку „сложени“ трансформации и компензации. Психоанализата и бихејвиоризмот се основата на оперативната логика на денешниот медиумски бизнис.

Џоа заклучоци
И тука пак се враќаме на нашите дневни страданија. Сето она што ни се сервира, колку и да се обидуваме преку бунтување, критикување, исмевање да го смениме или некако да влијаеме врз него, останува во делокругот на истиот продукциски режим: медиумско менаџирање на нагоните на нацијата. Она што ги обединува Станија, Сораја, Миленко, Џена Џејмисон и Слупчане е информациската стимулација на нашите нагони, без разлика дали се тоа нагони за секс, сигурност, припадност, и така натаму (видете таму, прогуглајте Абрахам Маслов, сега не можам па и јас се да знам :P).

 

Кога ќе прочитате за „таблоидизација на медиумите и политиката“, тоа е само академизиран начин да се отслика засилената доминација на информациско-нагонскиот модел.

Информациските стимуланси психолошки ги доживуваме како фасцинација, еден вид стаписаност пред медиумите и „Whatttааа?!?“-ефект. Денес не може ништо да биде вредно за нашето внимание ако не е фасцинантно на некој начин, мора да се исфасцинираме, инаку е „боооринг!!!“. И сега бидејќи е многу потешко да изведеш нешто фасцинантно од типот троен колут наназад, а многу пак полесно, и со сличен фацинаторски индекс, да уринираш на јавно место, станува малку од малку појасно зошто доминираат вакви бизарно-примитивистички работи во медиумите.

Сè се тоа рутинизирани  формули за привлекување внимание и наше емотивно цедење врз нив, а најголемата грешка е да сметаш дека се одвиваат спонтано и, ете така, случајно.

Кога ќе размислам, веројатно најстрашниот процес кој се одвива е преземањето на ваквиот инфомациско-нагонски модел во политичката комуникација. Во земјите каде нема посолидна рационалистички ориентирана политичка култура и плуралистичка традиција, нагонскиот модел ја монополизира политичката комуникација и станува единствена формула за политичко однесување. Сè во политката се сведува на два клучни нагони: безбедност, т.е. припадност, и омраза. Се работи за тешка ретрибализација и примитивизација на политичката сфера, која е, внимавајте, „успешен модерен модел на политичко дејствување“ и тоа само затоа што користи ТВ реклами и се пласира на интернет (жити, жити сè?!?), тоа што користи тежок манипулативен бихејвиоризам, нема врска. Последиците од ова се многу сериозни, но да не се зафаќаме премногу со политика, оти за неа има посебен круг во пеколот, како и за оние што пишуваат за посебни кругови во пеколот, како и за оние…и така редум.