Media & Marketing Blog

Webfest.me – преглед на првиот ден

Webfest.me се одржа во Будва, поточно во Бечичи во ексклузивниот хотел Splendid. Атмосферата беше одлична, хотелот е на плажа со одлична #тераса и одлична храна. Можеби организаторите не се потрудиле премногу да извлечат од спонзорите па освен кафе пауза за се друго требаше да се плати, ама вреди. Имаше повеќе од 200 посетители од кои најбројни ми се гледаа студентите кои добија посебен попуст за учество. Ова е одлично зошто на тој начин се инвестира во развој на квалитетен пазар на труд.

Програмата на првиот ден ветуваше неколку интересни сесии. За почеток, очекувано, имаше досадно официјално отварање со локален политичар (министер) кое навистина беше досадно. Но затоа следните беа по мерка. Паметен чекор на организаторите беше одлуката да има помалку стандардни презентации а повеќе да биде во вид на интервју со водител/модератор на сесијата. И да бидеме искрени во текот на првиот ден одлично им одеше овој концепт.

Веднаш по отварањето зборуваше Бранко Милутиновиќ од Nordeus, креаторите на најпопуларната интернет спортска игра. Нивната Top Eleven е најиграната спортска игра на Facebook но и надовор од неа. Во интересен разговор Бранко зборуваше зошто го напуштил своето работно место во Microsoft и како започнале со играта. Бранко (кој личи на Марк Цукербегр 🙂 е пример за храброст и визионерство затоа што не се мислеше многу да каже дека нивната цел е да бидат водечка компанија на пазарот за социјални игри. Далеку се од таа позиција но секако добро е да се има таква цел, ретко се слуша на балканов таква решителност и убеденст дека една интернет компанија може да биде на еднакво рамниште како американските или кои било други.

Следен на сцената беше словенецеот Андраж од Zemanta. Зборуваше со многу енергија и посветеност. Мене лично приказната не ме воодушеви толку, но сепак имаше некои интересни детали од нивното искуство од пред неколку години кога започнале да комуницираат со странски, потенцијални, инвеститори и за моментот кога се преселиле во Лондон. Zemanta е една од првите старт-ап компании кои ја наговестија серијата успешни старт-ап приказни од Словенија.

Следуваше хрватот Вибор од UXpassion кој зборуваше за Wall of Tweets сервис/апликација која мене ми се виде како вистински феномен. Едноставно не можев да поверувам колкав успех има една таква едноставна апликација. Но за деталите околу оваа приказна наскоро ќе објавиме видео интервју со Вибор.

По него следеше презентацијата од која очекував најмалку затоа што беше со наслов SEO Basics, но босанецот Недим воодушеви. Едноставно имаше лесна, конкретна, кратка презентација во која искрено сподели некои веќе познати практики. Она што навистина вредеше беше искуството со кое тој зборуваше на темата. Наведуваше кратки и многу конкретни и пред се корисни примери. И со Недим снимивме кратко видео интевју, ќе го објавиме во теков на следниве неколку дена, а дотогаш може да ја погледнете неговата презентација.

Следните две сесии не ми беа нешто многу интересни, особено онаа во која Јонг Ли од GoDaddy и Микеле Неилон од Blacknight.com зборуваа за бизнисот со домени. Ова за среќа беше единствената апла досадна сесија, но главни спонзори на настанот беа .me па затоа може да се каже дека овие муабети веројатно некому во публиката му беа интересни.

Следеше Веселин Јевросимовиќ, сопственик на ComTrade, во последно време активен по социјалните медиуми. Нависитна е за поздравување кога некој на тоа ниво зборува за неопходноста на социјаните медиуми и потребата од комуникација, но малку ми сметаше пристапот. Веселин зборуваше како се да започнало од него и нив. Не глобално, секако мислеше за локалните пазари, но сепак, некако очекував поприземен однос. Може и не сум успеал да ги фатам сите детали :).

За крај на денот зборуваше британецот Дејвид Емет за неговото позитивно искуство со MotoMatters.com. Тој често спомнуваше како со тек на време станал еден од позначајните фактори во MotoGP светот. Имаше интресни совети, но ништо претерано ново или поразлично. Сепак чичкото беше навистина пријатен за слушање.

Во offline програмата на овој ден уште вреди и да се истакне плажата и морето :). Но за овој дел нема да коментирам тука. Погледни ги сликите и очекувај нов пост за вториот ден во следниве неколку часа.

Дополнување: на оригиналниот пост подоцна му се додадени видеата. Преглед на сите видео има на live-e.tv