Media & Marketing Blog

Онлајн колумни – од почеток: пишување за интернет!

Со затворањето на голем број печатени медиуми (Утрински весник, Вест, Дневник, Република, Глобус, Граѓански, Форум, Време, Шпиц, Коха е ре и други…) сериозно се стесни медиумскиот простор за колумнистите. Сепак, значителен број од нив продолжија да објавуваат текстови на интернет, а информативните веб-сајтови беа уточиште за голем број квалитетни пера. Најчитаните колумнисти и креатори на јавното мислење денес претежно ги објавуваат своите текстови на различни онлајн платформи, од информативни сервиси и портали, преку веб-страници на електронски медиуми, до лични сајтови и блогови. Онлајн платформите и социјалните мрежи на кои се споделуваат овие содржини стануваат најважен показател за читаноста и популарноста на колумните.

Но, и покрај тоа што онлајн колумните стануваат сè поважни во креирањето на јавното мислење, многу мал број од авторите прават прилагодувања кон новите медиуми на кои објавуваат. Колумните се пишуваат на ист начин како што се пишуваа(т) во печатените медиуми. Колумна си е колумна, нели, што има сега тука да ја тупиме?

Колумна си е колумна! Па не баш

Сепак, прилагодувањата се неопходни, се работи за еден сосема поинаков медиумски свет кон кој гравитира поинаква јавност од онаа која чита весници. Во прилог на разбирање на тој „нов свет“ од редица стандардизирани препораки за подобра читливост на онлајн колумните, неколку белешки:

  • Читањето од хартија не е исто што и читање од светлечки монитор/дисплеј од компјутер, таблет или мобилен телефон. Истражувањата и искуството ни потврдуваат дека читање од светлечки екран  побргу заморува и влијае врз концентрацијата отколку читањето од хартија. Ова влијае времето за квалитетно онлајн читање да биде значително пократко од читањето од печатен медиум. Должината на текстот за онлајн објавување мора да се прилагоди, односно оптимално да се намали, а да не се жртвува содржината и пораките.
  • Колумните и сродните жанрови треба да бидат читливи во еден здив, да бидат директни и јасни во фактите и пораките, со лесно разбирлив стил. Ако нешто е пресложено за кусо објаснување, решението е неговото величество „линкот“ до содржини кои ги објаснуваат термините, сложените концепти, историјат или што и да е.
  • Кога држите весник или списание во рацете неговата содржина е испечатена и ограничена за разлика од содржините на онлајн уредот кој ви е во раце чии содржини се речиси неограничени и се менуваат во „реално време“. Ова влијае врз фокусот при читањето. На интернет правењето  истовремено повеќе работи (мултитаскинг) станува стандардно однесување на корисникот. Ова доведува до често префрлање од содржина на содржина, од таб на таб, од текст на некоја нотификација, повик… Ерго, ако имате да кажете нешто на интернет тоа мора да го направите без одложување и без одолговлекување. За разлика од весниците, овде за драгоценото време на читателот не ви се конкуренција други весници и колумнисти, туку мал милион нотификации, римајндери, галерии од фотки, линкови и видеа кои ви ги праќаат пријателите, новите фотографии и видеа на разголените старлети, и многу други „дистракции“.
  • На крилатиците на вековната максима „една слика илјада зборови“ владеат и навиките на интернет. Визуелното доминира над текстот. Сликата, фотографијата, графиконот и други визуелни техники сè повеќе го поттиснуваат текстот на интернет, а трпението на еден просечен интернет корисник кон редици и редици текст сè повеќе се намалува. Објективно, нашата кондиција за читање на интернет е значително намалена и за тоа мора да се води сметка при пишувањето. Визуелните содржини се секогаш добредојдени и пожелни, особено ако можат да заменат половина страница текст.
  • Насловот е клучна информација дали некој ќе го чита текстот или не.  Во него треба да се препознатливи темата и барем дел од идејата, кои би го привлекле вниманието на читателот. Важните факти, поенти и пораки се изложуваат веднаш, како поднаслов во статија во весник,  и не се чуваат за опашката на текстот. Идејата и пораката прво, а потоа објаснувањата и примерите.
  • Јазикот: Интернетот не трпи празноговор, т.е. нашата традиционална умешност да се зборува, а да не се кажува ништо. Ова често се сретнува во политичкитеекоментари, како на пример, “реформскиот процес мора да се интензивира”. Ако испонаредите неколку клишеа во текст кои имаат нула инфоемации, сте го осудиле текстот на close tab. Секако не е случајно што политичаритете во поразвиените демократии се трудат да зборуваат сѐ поедноставно (добро, да не се претерува, не мора баш едноставно како Трамп).
  • Онлајн колумната треба да се ослободи од елементите кои ја прават да биде приказна, и повеќе комуникациски  да биде како некакво писмо до читателот. Интернет читателот го персонализира своето искуство до микро ниво и кога чита нешто очекува тоа да биде обраќање директно кон него, а не кон некоја апстрактна публика.

За да не си ја самопогазиме препораката за должината на текстовите на интернет само уште неколку корисни линкови на темата: Tips for Writing for Online ReadersWriting for the web6 Ways Writing for Online Is Different Than Print